Фрчат критики - карванот си врви за партиските вработувања
17 јули 2025Граѓаните можат да бидат сигурни дека јавната администрација ќе биде поодговорна, поискусна, и навистина ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под ничиј личен или партиски диктат. Ваква порака испрати министерот за јавна администрација Горан Минчев на настан за антикорупција во Скопје, во период кога се позасилени се критиките за партиски вработувања во пресрет на локалните избори во Македонија.
На веб-страницата на Агенцијата за администрација објавени се над 730 огласи за вработување на повеќе административни службеници, што е највисока бројка на објавени огласи за вработување досега.
„Сите конкурси се јавни и транспарентни. Селекцијата е дигитализирана и автоматизирана, со бодирање според објективни критериуми за стручност, работно искуство, лични и технички компетенции. Се скратува и поедноставува постапката за вработување“, вели Минчев. Но, јавноста ја брануваат серија огласи и назначувања на раководни лица на институции, чија компетентност и стручност се доведуваат во прашање.
Бранувања во М-НАВ
Најголеми реакции предизвика огласот за вработување во Македонската навигација (М-НАВ) на којшто се избрани лица блиски до владејачката партија, меѓу кои сопружник на актуелна функционерка, како и еден од првите луѓе во раководството на организација во рамките на партијата на власт.Како што објави порталот „СДК.мк“, на огласот за вработување во М-НАВ се избрани Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.
Ваквиот развој на настаните следи откако Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ, со кој бара поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната Спогодба. Доколку барањата не бидат исполнети, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот почнувајќи од 10 јули.
Ова не е прв пат синдикатот да реагира на партиски вработувања и притисоци, на коишто е подложена Македонската навигација - компанија којашто важи за една со најпрестижните плати во земјата.
И се заканува ли партизација на полицијата?
МВР објави оглас за вработување на 150 полицајци во предизборието, а се подготвуваат и измени на Законот за полиција, коишто според опозициската СДСМ, се закана за партизација на полицијата. Со предложените измени на Законот за полиција, Тошковски директно удира врз кариерниот систем, го понижува знаењето и искуството и отвора вратите за масовно вработување на партиски војници и послушници на ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата.
Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, со измените на член 2, се предвидува за највисоките позиции да се поставуваат луѓе со несоодветно образование и без искуство на раководна позиција.
„Со член 4, се бришат критериумите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна позиција за началник на СВР. Ова значи дека началник на СВР може да стане и човек кој вчера положил приправнички испит, односно било кој што ќе го избере Тошковски. Со член 6, Тошковски ги укинува Регионалните центри за гранични работи и ги припојува кон СВР, спротивно на европските стандарди за контрола на границите“, вели Кузеска.
Опозицијата смета дека со член 12, се овозможува податоците во евиденциите да се бришат по 60 години, а не трајно, што отвора простор за манипулации и бришење траги за злоупотреби на нивните луѓе. Со член 15,пак, се подига возраста за вработување на 30 години, со што им отвораат простор за вработување на партиски кадри, а не млади професионалци.
„И за крај најскандалозно: со бришењето на член 19, се отвора можност луѓе кои се осудени и со забрани за работа да останат во полицијата и да бидат амнестирани од одговорност“, вели Кузеска.
Партијата реагира и за партизација на културата. Наведуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ја претвора културата во свој партиски плен, каде неспособноста и непотизмот владеат над професионализмот. „Министерството за култура предводено од Зоран Љутков целосно го урива професионалниот и институционален интегритет на културниот систем во државата“, велат од партијата. СДСМ реагира на поставувањето на Али Синани за директор на Националната галерија.
Реакција пристигна и од Синдикатот на културата. Според нив, културата не е квота, а директорите не смеат да се избираат според политичка или етничка припадност, туку според стручност, визија и докажана посветеност.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија ваквите обвинувања. Велат дека ако некој направил партизација на МВР во овие 34 години независна Македонија, тоа е СДСМ.
„Од поранешни градоначалници, до синови и ќерки на пратеници и директори, се беше вработено во време на Заев и Ковачевски, во МВР. СДС кога доаѓа на власт, гледа на МВР како на фамилијарен бизнис.За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ, МВР го отвора за професионалците, кои со години биле репресирани во самата институција, затоа што не се согласувале со погледите на таа гарнитура на Спасовски, Заев и Ковачевски.ВМРО-ДПМНЕ ги укина бенефициите на привилегираните. МВР е отворено за сите професионалци кои работат за институцијата и државата“, велат од партијата.