Францускиот премиер Бајру преживеа две гласања за доверба
6 февруари 2025Француската влада, под раководната палка на премиерот Франсоа Бајру, продолжува со работа. Таа преживеа две гласања за доверба во врска со буџетот за 2025 година. Во гласањето за првиот предлог за недоверба гласаа само 128 пратеници, со што Законот за буџетот беше изгласан. Вториот предлог за недоверба поврзан со буџетот за социјално осигурување доби само 122 гласа.
Резултатите од гласањето беа очекувани, бидејќи ниту социјалистите ниту десничарските екстремисти не сакаа да ги поддржат предлозите на левичарско популистичката опозиција. И двете страни аргументираа дека иако не се согласуваат со буџетот, на Франција итно ѝ е потребен буџет.
Бајру се потпираше на член 49.3 од Уставот за буџетските закони да бидат усвоени без конечно гласање во Парламентот. Ова е можно доколку се прифати гласање за доверба.
Буџетот е компромис што го претстави собраниска комисија за посредување на крајот на минатата недела. Тој предвидува Франција да остане на својата цел за намалување на дефицитот од нешто повеќе од шест отсто минатата година на максимални 5,4 отсто од брутодомашниот производ. Вкупно треба да се заштедат околу 50 милијарди евра.
Ова не е прво гласање за доверба во сè уште релативно краткиот мандат на Бајру: Левицата исто така поднесе барање за гласање за доверба на новата влада формирана непосредно пред Божик. Но, уште при тоа гласање, во средината на јануари, повеќето пратеници од социјалистите, исто како и десничарските националисти на Марин Ле Пен, не ѝ искажаа недоверба на владата.
Претходната влада на Франција, на чело со Мишел Барние, беше соборена во декември при обидот да донесе буџет. Тогаш и десничарските и левичарските популисти одбија да ѝ дадат доверба на владата.