Франција во политичка криза по падот на владата на Бајру
8 септември 2025Големо мнозинство пратеници во понеделникот ја урнаа владата на Франција со гласање за доверба, отворајќи нова криза за втората најголема економија во Европа, и го принудија претседателот Емануел Макрон да бара четврти премиер во рок од една година.
Премиерот Франсоа Бајру беше разрешен со убедливо мнозинство – 364 гласа против и 194 за. Бајру ја плати цената за, како што изгледа, сериозна погрешна политичка проценка, надевајќи се дека пратениците ќе го поддржат неговото гледиште дека Франција мора драстично да ги намали јавните трошоци за да го стави долгот под контрола. Наместо тоа, тие ја искористија можноста и во гласањето што самиот Бајру го повика го симнаа од власт 74-годишниот центрист, назначен од Макрон во декември минатата година.
Падот на краткотрајната малцинска влада на Бајру, која сега е уставно обврзана да поднесе оставка по неполни девет месеци мандат, најавува нова неизвесност и ризик од продолжена законодавна блокада за Франција, која се соочува со сериозни предизвици: буџетски тешкотии, како и меѓународни кризи, вклучително и војните во Украина и Газа и променливите приоритети на американскиот претседател Доналд Трамп.
Потрага по наследник
Иако Макрон имаше две недели да се подготви за колапсот на владата, откако Бајру во август најави дека ќе бара доверба за своите непопуларни буџетски планови, сè уште нема јасен фаворит за негов наследник.
По заминувањето на Габриел Атал од премиерската функција во септември 2024, потоа разрешувањето на поранешниот преговарач за Брегзит Мишел Барние од парламентот во декември и сега Бајру, Макрон повторно е во потрага по кандидат кој би можел да изгради консензус во долниот дом на парламентот, каде што мнозинство имаат неговите противници.
Од кабинетот на Макрон соопштија дека тој во вторник ќе ја прифати оставката на владата на Бајру и во „следните денови“ ќе назначи нов премиер.
Како претседател, Макрон ќе продолжи да има значителни овластувања за надворешната политика и европските прашања, како и улога на врховен командант на армијата со нуклеарен арсенал. Но на домашен план, амбициите на 47-годишниот претседател се соочуваат со сè посериозни удари.
Корените на најновиот колапс на владата се во изненадувачката одлука на Макрон да го распушти Националното собрание во јуни 2024, предизвикувајќи предвремени избори со надеж дека ќе ја зацврсти својата проевропска центристичка коалиција. Но, одлуката му се удри од глава, изборите доведоа до фрагментиран парламент без доминантен политички блок, првпат во современата историја на Франција.
Без работно мнозинство, неговите малцински влади од тогаш се движат од криза во криза, опстанувајќи благодарение на моменталната поддршка од левицата и крајната десница, кои иако немаат доволно места да владеат самостојно, можат здружено да ги соборат предлозите на Макрон.
Коцката на Бајру
И Бајру презеде ризик повикувајќи гласање за доверба, одлука што брзо му се врати како бумеранг, откако левичарските и десничарските пратеници ја искористија можноста да го отстранат, сакајќи да го зголемат притисокот врз Макрон.
Во својот последен говор како премиер пред Националното собрание, Бајру призна дека ставил многу на коцка. Но нагласи дека должничката криза на Франција го натерала да бара законодавна поддршка за реформи, соочувајќи ја земјата со, како што ја опиша, „тивка, подземна, невидлива и неподнослива хеморагија“ од прекумерно задолжување.
„Најголемиот ризик беше да не се преземе ризик, да се остават работите да продолжат како досега, да се прави политика на стар начин,“ рече тој. „Покорноста на долгот е исто што и покорност на воена сила. Доминирани од оружје или доминирани од доверители – во двата случаи ја губиме слободата.“
На крајот на првиот квартал од 2025 година, јавниот долг на Франција изнесуваше 3,346 трилиони евра, или 114% од бруто-домашниот производ. Отплатата на долгот останува една од најголемите буџетски ставки, со околу 7% од државните трошоци.
Ле Пен бара нови избори
Националното собрание со 577 пратеници го прекина летниот одмор за да одржи вонредна седница со драматичен исход. Противниците на Макрон ја искористија кризата за да побараат нови парламентарни избори, да го притиснат претседателот да си замине или да се позиционираат за функции во следната влада.
Лидерот на крајната десница, Марин Ле Пен, побара од Макрон повторно да го распушти Националното собрание, убедена дека нејзината партија Национален собир и сојузниците ќе освојат мнозинство на нови избори, отворајќи пат да формираат влада.
„Голема земја како Франција не може да живее со влада на хартија, особено во турбулентен и опасен свет,“ изјави таа.
Големи предизвици
Во обид да ја спаси функцијата пред гласањето, Бајру предупреди дека Франција го ризикува своето идно влијание поради натрупаните трилиони долгови и побара штедење.
Наследникот кој ќе го избере Макрон ќе треба да работи во исто толку нестабилна средина и да се соочи со истите буџетски предизвици. Според францускиот политички систем, премиерот го назначува претседателот, но тој е одговорен пред парламентот и задолжен за спроведување на домашната политика, особено економските мерки. Макрон веќе најави дека ќе остане на функција до крајот на мандатот во 2027 година, но ризикува да остане без влијание доколку продолжи политичката парализа.
Залагајќи се за остри кратења за стабилизирање на јавните финансии, Бајру предложи намалување на трошоците за 44 милијарди евра (51 милијарда долари) во 2026 година, откако буџетскиот дефицит на Франција во 2024 достигна 5,8% од БДП – далеку над официјалната цел на ЕУ од 3%.
Зборувајќи во Националното собрание, Бајру опиша драматична слика на Франција зависна од странски доверители и навикната да живее над своите можности – проблеми кои, според него, ќе го надминат неговиот мандат ако не се преземат мерки.
„Вие имате моќ да ја урнете владата, но немате моќ да ја избришете реалноста,“ им порача тој на пратениците. „Реалноста ќе остане немилосрдна. Трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане сè потежок и поскап.“