Амбасадорите со различни реакции по гласањето во ОН
27 февруари 2025Одлуката на Северна Македонија да биде коспонзор на американската резолуција за Украина наиде на различни реакции во Европа. Странските амбасадори во Северна Македонија деновиве преку изјави ги пренесоа ставовите на нивните земји во однос на овој потег којшто е од големо значење за надворешната политика. Додека за францускиот амбасадор во земјата, Кристоф Ле Риголер одлуката е неочекувана, за британскиот амбасадор Метју Лосон важно е дека поддршката на Украина е главен приоритет за двете земји.
Понекогаш сме различни, но имаме ист став за Украина
Амбасадорот Лосон во четвртокот (27.02) при посетата на Општина Штип, рече дека секоја земја има различен пристап за одредени прашања, но дека е важно да се потенцира партнерството на двете земји во НАТО и блиската соработка, којашто тој очекува да се продлабочи.
„Како партнери понекогаш сме различни. Важно е дека се согласуваме околу најважните прашања за стабилност и безбедност на регионот. Поддршката на Украина е главен приоритет за двете земји. Премиерот го стави тоа многу јасно до знаење“, рече Лосон.
Одговарајќи на новинарско прашање какво е ставот на Велика Британија, по одлуката на Македонија да ја поддржи американската резолуција за Украина, Лосон вели дека „разговараат на сите теми и формалности со македонската Влада“. „Ова е една од темите за кои можеме да разговараме“, додаде тој.
За Франција одлуката е „неочекувана“
За Франција, пак, одлуката за гласањето на Северна Македонија за резолуциите за Украина беше неочекувана. Францускиот амбасадор во земјата, Кристоф Ле Риголер, во средата (26.02) нагласи дека целта на европската дипломатија е да се одржи унитарноста и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години.
„Мислам дека треба да се концентрираме на темата која е важна затоа што се случија гласањата во Њујорк, за проектот за резолуција. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста која денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик“, вели тој.
Според амбасадорот, тоа е тема што бара единствен европски одговор. „Целта на европската дипломатија денес, целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децении за нас и за нашите деца“, порача Ле Риголер на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод презентацијата на програмата за годинашното одбележување на Франкофонијата.
Премиерот Христијан Мицкоски по критиките на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, дека земјата требала да гласа „за“ резолуциите, место „воздржано“, ги изнесе своите контрааргументи за одлуката на Владата. Според него, македонската влада била во целосна координација со САД и тие гласале воздржано.