Франција: Десетици луѓе избодени со игли од шприцови
24 јуни 2025Француската полиција приведе 12 осомничени во неделата откако десетици лица пријавиле дека биле избодени на настани низ целата земја за време на годишниот фестивал на улична музика.
„Фестивалот на музиката“ или „Fête de la Musique" традиционално се одржа низ цела Франција по повод Светскиот ден на музиката, 21 јуни, а властите пријавија „невидени толпи“ во Париз.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 145 лица низ целата земја пријавиле дека биле избодени со игли за време на музички настани на отворено. Париската полиција пријави 13 случаи во главниот град.
Властите не кажуваат што имало во шприцовите
Официјалните лица не соопштија дали таканаречените боцкања со игли вклучувале дроги за силување како Рохипнол или ГХБ.
Овие дроги ги користат напаѓачите за да ги збунат жртвите и да ги направат подложни на сексуален напад. „Некои жртви беа пренесени во болница за токсиколошки тестови“, соопшти министерството.
Во Париз се покренати истраги откако три лица, меѓу кои 15-годишно девојче и 18-годишно момче, пријавиле дека биле избодени во одделни инциденти низ Париз, соопштија обвинителите. Сите тројца пријавиле дека се чувствуваат лошо.
Четири лица во градот Ангулем наводно се осомничени дека нападнале околу 50 жртви.
Француска инфлуенсерка ги предупреди жените за нападите
Пред почетокот на бесплатниот музички фестивал, француската феминистичка инфлуенсерка Абреж Соер предупреди на ТикТок дека имало повици на социјалните мрежи жените да бидат цел на напади со шприцови за време на прославите.
Таа не откри од каде или како ги добила информациите.
Полицијата соопшти дека повеќе од 370 лица биле приведени низ целата земја за време на фестивалот по различни обвиненија.
Слични инциденти се случија во јуни 2022 година, кога неколку осомничени лица низ цела Франција биле приведени за наводно бодење луѓе со игли во ноќни клубови или концерти.