Фондација од САД ќе дистрибуира помош во Газа
15 мај 2025Од почетокот на март, Израел ја блокира испораката на хуманитарна помош во Појасот Газа. Се врши бомбардирање на крајбрежјето, а недостигаат итна храна и лекови. Сега, на крајот на мај, приватна американска фондација формирана специјално за оваа намена треба да започне со дистрибуција на помош во Појасот Газа, кој страда од израелската блокада.
Хуманитарната фондација Газа (ГХФ) „ќе ја започне својата работа во Појасот Газа пред крајот на месецот“, соопшти фондацијата во средата. Израел се согласи да обезбеди дистрибутивни точки на северот на палестинската територија. ГХФ побара од Израел да најде „решенија“ за Палестинците кои не можат да стигнат до дистрибутивните точки на северот на Појасот Газа.
Минатата недела американскиот Стејт Департмент го објави формирањето на приватната фондација, која ќе има водечка улога во дистрибуцијата на помош во Појасот Газа. Планот, кој изгледа дека ги заобиколува ОН и невладините организации во Појасот Газа, беше критикуван на меѓународно ниво.
На крајот на април, Светската програма за храна објави дека ги исцрпила резервите на храна на палестинските територии. Хуманитарните организации предупредуваат на катастрофа од глад. Осврнувајќи се на новата офанзива што ја најави премиерот Бенјамин Нетанјаху, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека „се сомнева дека нова масовна воена интервенција ќе го реши проблемот“.
80 загинати во северниот дел на Газа
Израелската армија побара од луѓето во квартот Римал во градот Газа да ја напуштат областа „заради своја заштита“ рано во средата навечер. „Поради употребата на цивилните објекти од страна на Хамас за терористички активности“, Израел ќе ја нападне областа „со масивна сила“, изјави портпаролот на армијата на арапски јазик за онлајн-сервисот X. Претставник на цивилната одбрана во Појасот Газа, Мохамед ал-Мугаџир, изјави за АФП дека најмалку 80 луѓе биле убиени од израелските бомбардирања само од средата наутро во северниот дел на Газа, од нив 59 на северот на Појасот Газа.
И агенциите на ОН и другите хуманитарни организации кои работат во Појасот Газа соопштија дека Израел сака да го укине сегашниот систем за дистрибуција на помош. Помошта во иднина ќе се испорачува според условите поставени од израелската армија. Израел ја оправдува строгоста на контролите обвинувајќи ги организациите на ОН, како што е УНРВА, агенцијата за помош на Палестинците дека се инфилтрирани од исламистичкиот Хамас.
Покрај Појасот Газа, нови конфликти се појавија и во северниот дел на Западниот Брег. Според болничари, две лица се тешко повредени по палестински напад во близина на израелската населба Бручин, а според медиумите, една од нив е трудница. Израелската армија соопшти дека терорист отворил оган врз израелско возило.