Отворен филмскиот фестивал во Венеција
31 август 2023Штрајкот на филмските работници во Холивуд остави печат и на отворањето на осумдесеттиот Филмски фестивал во Венеција. Тоа мина со помалку меѓународни филмски ѕвезди од вообичаено. Затоа, пак, на црвениот тепих можеа да се видат многу италијански познати личности.
Во својот воведен говор, актерката Катерина Мурино им се обрати наштрајкувачите во Холивуд: „Топол и поддржувачки поздрав до оние кои не се тука со нас за да ја бранат интелектуалната и економската вредност на својата работа.“
Претседателот на жирито Демиен Шазел рече дека индустријата мора повторно да ја стави уметноста во преден план. Режисерот на „Ла Ла Ленд“ на прес-конференцијата по повод отворањето на фестивалот во Венеција носеше маица со поддршка на штрајковите поради платите и потенцијалното влијание на вештачката интелигенција.
Поради тоа, некои американски ѕвезди вклучени во филмови на овогодинешниот фестивал не доаѓаат во Венеција. Тука спаѓа и Бредли Купер, чиј филм „Маестро“ е во конкуренција за награда. На фестивалот нема да се појави ниту Ема Стоун, која ја игра главната улога во филмот „Бедни креатури“ на Јоргос Лантимос. Покрај тоа, наместо филмот „Предизвикувачи“ на Лука Гвадањино, со американската актерка Зендаја во главна улога, кој првично требаше да биде прикажан на отворањето, почетокот го доби филмот „Командант“. Историската драма на италијанскиот режисер Едоардо Де Анџелис ја раскажува приказната за командант на италијанска подморница во Втората светска војна. Во 1940 година, за време на борбена операција во Атлантикот, Салваторе Тодаро одлучил да ги спаси белгиските бродоломци откако го потонал нивниот брод.
Режисерката Кавани наградена за животно дело
На 90-годишната италијанска режисерка Лилијана Кавани ѝ беше доделена почесна награда. Кавани ја прими наградата за животно дело од британската актерка Шарлот Ремплинг. Таа ја игра главната улога во филмот на Кавани „Ноќен портир“ (1974). Германски филм во конкуренцијата за награди на фестивалот е црно-белиот трилер „Теорија за сѐ“ на Тим Крегер.
Голема дискусија предизвика прикажувањето на новите филмови на старите мајстори Вуди Ален и Роман Полански, кои се контроверзни поради обвинувањата за злоставување.
Златниот лав на фестивалот ќе биде доделен на 9 септември. За највисоката награда на фестивалот се натпреваруваат вкупно 23 филмови.