Филипче: Владината коалиција е нестабилна
25 април 2025По турбуленциите меѓу владините партнери и „раситнувањето“ на коалицијата Вреди, којашто ја напушти лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, се почесто се наметнува темата дека на есен покрај локални, би можеле да се одржат и предвремени парламентарни избори во Македонија.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, смета дека владината коалиција е нестабилна и не функционира добро.
„Во различни временски период, за релативно кратко време, имаме спротивни ставови во однос на тоа дали ќе има или ќе нема предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата“, вели Филипче. Дека не функционира коалицијата - тоа граѓаните практично на своја кожа го доживуваат секој ден, смета лидерот на СДСМ.
Кој со кого разговара?
Како ќе се одвиваат работите во коалицијата допрва ќе се види, но Филипче е подготвен да разговара со која било политичка партија. Тој по увидот на градежните активности за реконструкција на спортската сала Работнички во Градскиот парк во Скопје, најави дека во пресрет на локалните избори се прават сондажи, анкети и се испитува пулсот на граѓаните. Веќе за идната недела најави дека во јавноста ќе испливаат имињата на десетина кандидати со коишто партијата ќе настапи на локалните избори.
Тој најави заеднички настап на изборите со коалициските партнери. Во однос на тоа дали се размислува за коалициски партнер од албанскиот политички блок, Филипче посочи дека будно ги следи актуелните меѓупартиски односи во владината коалиција и дека веќе се отпочнати иницијативи за разговори.
„Во однос на албански коалициски партнер, постепено ги започнуваме иницијативите за разговори, ги согледуваме околностите, ситуациите, пратиме што се случува во делот на коалицијата во Владата, па во однос на тоа ќе одлучуваме понатаму“, вели Филипче. Според него, Социјалдемократскиот сојуз е спремен за секаков тип на избори во следниот период.
Премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница во четвртокот (24.04) ја спомена можноста за предвремени парламентарни избори, зборувајќи за истрагата за трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени.
Тој не прецизираше дали предвремените парламентарни би се одржале со локалните избори наесен, но рече дека ќе ја прифати одговорноста за трагедијата во Кочани откако ќе ги решат работите и дека тогаш од народот ќе ја побараат довербата.
„За пет месеци ќе почне кампањата за локалните избори. Граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија политичка кариера продолжува и во каков формат ќе продолжи“, рече Мицкоски.
Премиерот по 1 Мај ќе има средби со коалициските партнери - Алијанса за Алванците, Вреди и ЗНАМ. Од овие средби зависи дали Таравари ќе остане или ќе ја напушти Владата. Доколку Алијанса за Албанците замине од Владата, мнозинството ќе остане без пет пратеници.