Филипче: Не чувствувам вина за случајот „Онкологија“
26 мај 2025Лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче изјави дека не чувствува вина за случајот „Онкологија“. „Апсолутно не чувствувам вина, добро е што има процес“, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали чувствува вина за случајот Онкологија, откако Основното јавно обвинителство на 22 мај поднесе две обвиненија за финансиски злоупотреби и за третманот на пациентите.
Според Филипче, по обвинението ќе следи судски процес, со што „на виделина ќе излезе една лажна кампања против него“.
„Да видиме што ќе покаже судскиот процес, на виделина ќе излезе една лажна кампања, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја организираше против мене лично, со анкетната Комисија на којашто изнесоа лаги, клевети и дека јас во рамките на ингеренциите во Министерството за здравство некои работи не сум ги извршувал. Јас ги покажав во јавноста и документите дека тоа не е така и дека сите ингеренции на министерството што се однесува во тој дел апсолутно се извршувани, дури и во најтешките ковид времиња“, изјави Филипче.
Тој додаде дека треба да одговара секој кој го прекршил законот.
Барање одговорност
Реакцијата следи откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ неколкупати го прозва Филипче да признае одговорност за случајот „Онкологија“. „Филипче со изјавата дека не чувствува вина за Онкологија покажува дека него го води само голиот интерес за пари, без да има никаков однос кон сето она што го поминаа пациентите на Онкологија“, велат од партијата.
Во јануари 2024 година, Јавното обвинителство на Северна Македонија отвори истрага против петмина за случајот на Клиниката за онкологија со злоупотреби со терапијата за лекување на болните од рак и за злоупотреба на буџетски средства. Минатата недела беше поднесено обвинение против две лица за економското работење на клиниката. Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите. Опфаќа четворица лекари онколози. Прв обвинет е поранешниотдиректор на Клиниката, се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Другите се товарат за несовесно лекување на болни. Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти е применет неподобен начин на лекување, со што, тешко е нарушено здравјето на пациентите.
Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“ Ана Гоговска – Јакимовска имаа средба со организација која ги застапува онколошките пациенти, на која ги информирале дека во следните денови обвинителството ќе ги контактира пациентите кај кои вештачењата утврдија пропуст во лекувањето, со цел да им укаже на нивните права како оштетени.