Филипче бара помош од сестринските партии за влез во ЕУ
8 април 2025Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на конференција во Брисел, побара поддршка од сестрински социјалдемократски партии во Европа за забрзување на евроинтеграцијата на Македонија. „Тоа е клучна цел која мора да ја постигнеме ако навистина сакаме подобар живот за нашите граѓани“, порача Филипче.
Според него, евроинтеграцијата не е апстрактен процес, туку таа значи посилно правосудство, поквалитетно образование и здравство, посоцијално општество, повисок стандард и системска борба против корупцијата. „Тоа се барањата на граѓаните, и единствено преку тој процес можат да се остварат“, вели Филипче.
Но, според него, за жал земјата стои во место. „Гледаме како земјите од регионот напредуваат – Албанија веќе има јасен план за членство до 2030 година – додека Македонија е заглавена. Оваа Влада нема ниту идеја, ниту волја, ниту план како да ја придвижи државата напред. Со секој изминат ден, заостануваме сè повеќе“, оценува лидерот на СДСМ. Тој пред европските социјалдемократи повтори дека СДСМ ќе ја поддржи секоја иницијатива што води кон Европската Унија.
„Ќе бидеме дел од секој процес кој значи напредок, развој и подобар живот за граѓаните. Македонија мора да се врати на вистинскиот пат – на патот кон ЕУ. Европските социјалдемократи треба да понудат план за забрзување на проширувањето на ЕУ“, дециден е тој.
Повик да се усвојат уставните измени
Филипче порача дека „лично презема целосна одговорност, па дури и по цена на неговата политичка кариера, за да се усвојат уставните измени и да се отворат преговарачките поглавја со ЕУ. „Доколку Владата смета дека тоа може да го искористи, јас стојам на располагање“, изјави за МИА лидерот на СДСМ во Брисел, каде што учествуваше на конференцијата во организација на Програмата „Вили Брант“ за проширување на ЕУ на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Пораките на Филипче следат по минатонеделната средба на премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче, што резултираше со конкретен договор. Двајцата најавија мобилизација на сите напредни поединци и структури кои можат да дадат придонес на патот за развој на Северна Македонија, национален консензус за клучните прашања за државата и формирање на работни групи за реформските решенија кои треба да ги гарантираат заложбите за напредок.
Кој има одговорност за решавање на спорот со Бугарија?
Но, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија, бидејќи нема таква одговорност доделена од народот.
„Во врска со обраќањето на Венко Филипче во Брисел од 8 април, во кое се обидува да ја обвини Владата за наводно ’самонаметнато вето’ и ’откажување од евроинтеграциите’, ВМРО-ДПМНЕ смета дека јавноста заслужува одговор кој се темели на факти, вистински вредности и државничка одговорност. Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење“, велат од партијата.
Според нив, уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, „туку од недовербата на народот во процес што СДСМ го водел без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци“. „Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и со заштита на државните позиции“, порачаа од партијата.
Гаранции од Брисел и Вашингтон
Барањето гаранции за уставните измени се провлекува во изјавите на премиерот Христијан Мицкоски со месеци наназад. Еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, министерот за здравство Арбен Таравари, во емисијата „Клик плус“ на ТВ „21“ рече дека Мицкоски бара гаранции од Брисел и Вашингтон дека уставните измени ќе бидат последниот услов на патот на ЕУ-интеграцијата на земјата.
„Ме радува фактот што господинот Мицкоски има одлични односи со САД, и тоа сите го знаат. Исто така има коректни односи со земјите од Европската Унија. Единствениот проблем е што господинот Мицкоски бара некаква гаранција дека ова ќе биде последниот услов. Ако може да се најде решение за таа гаранција, која треба да ја дадат Брисел или Вашингтон… Мицкоски вели: ’Да ги направиме уставните измени, бидејќи ги имаме бројките, но нивната примена да биде откако ќе станеме членка на ЕУ, затоа што тогаш веќе нема да може Македонија да се условува’,“ рече Таравари појаснувајќи дека ова не го гледа како условување на ЕУ од страна на Мицкоски.