ЕП го усвои извештајот на Томас Вајц за Македонија
9 јули 2025Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ во средата (09.07) го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за Македонија за 2023 и 2024 година, но во него не е содржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“.
Во писмена изјава по гласањето Вајц посочи дека земјата е предводник во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи. „Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ“, вели Вајц во изјавата.
Тој посочува дека во Извештајот се нагласува оти проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и ја повикува земјата да ги спроведе потребните реформи. „Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ“, вели Вајц.
Тој нагласува дека како известувач на ЕУ за земјава неуморно работел за „добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја“. „За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“, додава Вајц во изјавата којашто ја пренесува агенцијата МИА.
Избришани делови од текстот за македонскиот идентитет
Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
На гласањето му претходеше бурна расправа во Европскиот парламент. Дел од европратениците го поддржаа Извештајот на Вајц за Македонија, но имаше и такви како грчката европратеничка Афродити Латинопули која истакна дека таа е „вистинска горда Македонка“, а не „лажна како жителите на Скопје“.
„Македонскиот јазик е автентичен“
Наспроти неа, словенечката европратеничка Ирена Јовева на македонски јазик упати порака до бугарските европратеници: „За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет и храброст“.
Нејзиниот говор во кој порача дека „идентитет кој опстанал со векови нема да исчезне“ предизвика голем интерес во македонската јавност. Јовева во обраќањето пред европските пратеници рече дека нема да поддржи никакви измени кои подразбираат бришење на македонскиот јазик и идентитет од извештајот. Според неа, македонскиот јазик е автентичен, а обидите за негово потиснување се модерна фикција.
Во пресрет на гласањето во Европскиот парламент се обрати и европратеникот Томас Вајц, кој го подготви извештајот за Македонија. Порача дека иако Македонија е 20 години на европскиот пристапен пат и има имплементирано значаен дел од европското законодавство, иако требало, досега сè уште формално ги нема започнато преговорите за членство.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос потсети дека треба да се усвојат уставните амандмани за да се отворат пристапните преговорите за кластерот „Основани вредности“.
Ваквата одлука на Европскиот парламент следи откако премиерот Христијан Мицкоски повеќепати деновиве предупреди дека „на талибански начин се брише македонскиот идентитет и јазик од извештајот на Европскиот парламент“.
„За нас, подеднакво лошо е што се брише македонскиот идентитет и јазик, исто како и да стоеше 'модерен'. Буквално е подеднакво лошо“, оцени неодамна Мицкоски.
Извештајот првично помина на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, и во него на неколку места се споменуваа „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период.