Европски пари за домашни кавги: каде се парите од Еразмус?
19 август 2025Како се делеле милионски суми од Еразмус+, каде и какви проекти завршувале парите, кој повеќе се офајдил од европските средства - луѓе блиски до власта или до опозицијата? Темата за злоупотреба на европски средства наменети за млади и образовни проекти е актуелна со години наназад, а се актуелизира повторно во пресрет на локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека сумите од по 200 илјади евра од Еразмус +, „како од шала“, се делеле на лица блиски од СДСМ, додека од опозициска партија, пак, прстот го вперија кон власта, наведувајќи дека злоупотребите на милиони евра од „Еразмус+“ водат директно до ВМРО-ДПМНЕ.
„Не трениравме магариња преку Еразмус+“
Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ деновиве на прес-конференција изјави дека 205 илјади евра од Еразмус+ завршиле кај брат на пратеник на СДСМ за дресирање магариња и правење сирење. Од владејачката партија велат дека СДСМ ја користеле Агенцијата за европски образовни програми како своја приватна фондација.
Горан Велковски, брат на поранешниот пратеник Диме Велковски и поранешен директор на кавадаречко училиште кое добило два проекти преку програмата Еразмус+, преку објава на социјалните мрежи посочи дека не станува збор за проекти за тренирање магариња, туку за обука на ученици.
„Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, во рамки на ‘Еразмус+’ програмата, го одобри за финансирање проектот на СОЗШУ ‘Ѓорче Петров’ кој вклучува практична обука на 35 ученици и 5 наставници, во времетраење од две недели во Иваниќ Град, Република Хрватска. СОЗШУ „Ѓорче Петров“ поседува винарска визба, шуми и полиња на кои се одгледуваат различни култури и реализира голем дел од практичната обука на сопствениот имот. Но, училиштето нема фарма за животни каде може да ги реализира практичните часови за сточарство. Затоа, училиштето во рамките на долгорочната стратегија за интернационализација на образованието, предложи проект кој вклучува обука за копитари, пред сѐ за коњи и магариња“, вели Велковски.
Претходно СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ ги штити злоупотребите во Агенцијата за спроведување на Еразмус+ и ја повикаа Владата да ја разреши в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми бидејќи, како што велат, била „дел од скандал што го истражувала Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ)“.
Се бара истрага за проневера на европски пари
СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ ги штити злоупотребите во Агенцијата за спроведување на „Еразмус+“. Уште еднаш ја повикаа Владата да ја разреши в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми повторувајќи дека таа била дел од скандал што го истражувала Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
„Ова значи само едно: власта е фатена жива, со рацете во европските фондови“, порачаа од СДСМ.
Според партијата, во Извештајот на ОЛАФ, кој е доставен до Јавното обвинителство, се наведува „основано сомнение за злоупотреба на над два милиони евра и идентификувани се повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ“.
Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со контраобвинувања во кои се вели дека партијата ја користела Националната агенција за европски образовни програми задолжена за „Еразмус +“, за да им додели грантови на свои партиски кадри. На прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека Љубомир Фрчкоски како ректор добил грант од 200 илјади евра, но половина од проектот наводно го раководел како амбасадор во ОН во Њујорк.
За опозицијата, ваквите обвинувања се само обид да се заташка вистината. Тие бараат итна и целосна кривична истрага за да се открие „шемата“ и во чии џебови завршиле осум милиони евра европски пари.