ЕЦБ ги остави непроменети референтните каматни стапки
24 јули 2025Царински спор со САД и намалена инфлација: За првпат по една година, Европската централна банка (ЕЦБ) ги остава референтните каматни стапки во еврозоната непроменети. Важната каматна стапка на депозитите за банките и штедачите останува на 2,0 проценти, соопшти ЕЦБ од Франкфурт.
Централната банка објасни дека состојбата е „сè уште исклучително неизвесна, пред сè поради трговските конфликти“. ЕЦБ е во добра позиција да почека, рече претседателката Кристин Лагард. Претходно, ЕЦБ ги намали основните каматни стапки седумпати по ред. Каматната стапка на депозитите за парите што банките краткорочно ги оставаат кај ЕЦБ е преполовена од јуни 2024 година.
Инфлацискиот бран е прекинат
Експертите очекуваа пауза во каматните стапки од ЕЦБ, бидејќи царинскиот спор со САД предизвикува неизвесност, а стапката на инфлација во еврозоната значително се намали. Во јуни, инфлацијата, според Статистичката агенција на ЕУ, Евростат, изнесуваше 2,0 проценти, што е точно во среднорочната цел на ЕЦБ. Со тоа, инфлацискиот бран по избувнувањето на војната во Украина е прекинат – иако потрошувачите го чувствуваат повисокото ниво на цени во секојдневието.
„Задржувањето на моменталното ниво на каматни стапки испраќа важен сигнал за стабилност и флексибилност во сè уште кревка околина“, рече Јерг Асмусен, генерален директор на Германското здружение за осигурителниот сектор (ГДВ).
Пониските референтни каматни стапки ја поддржуваат економијата, бидејќи кредитите за претпријатијата и потрошувачите со тоа стануваат поевтини. Штедачите, пак, се во неповолна положба: ако банките добиваат помали камати за парите оставени кај ЕЦБ, тие најчесто ги намалуваат каматните стапки за депозитите за своите клиенти.
Неизвесност околу американските царини
Причина за воздржаноста на ЕЦБ е и царинскиот спор меѓу ЕУ и САД под раководство на претседателот Доналд Трамп. Последиците од делумно наметнатите и делумно заканувачките високи царини за економијата и за инфлацијата тешко можат да се проценат. Изгледите за инфлација се понеизвесни од вообичаено, рече претседателката на ЕЦБ, Лагард. За идниот курс на каматни стапки таа, како и обично, не сакаше да изнесе обврзувачка прогноза.
Иако економијата во еврозоната е поотпорна отколку што се претпоставува, како што нагласува ЕЦБ, сепак, трговскиот конфликт не поминува без последици кај претпријатијата и потрошувачите. Според германскиот економски институт Ифо, многу фирми ги одложиле инвестициските планови во Германија поради неизвесност. Во еврозоната, ЕЦБ оваа година очекува економски раст од само 0,9 проценти.