Европска комисија: 18-ти пакет санкции против Русија
10 јуни 2025Комисијата на ЕУ го претстави својот предлог за 18-тиот пакет санкции против Русија. „Го зголемуваме притисокот врз Русија, бидејќи силата е единствениот јазик што Русија ќе го разбере“, изјави претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, во вторник во Брисел. Пакетот, меѓу другото, вклучува дополнителни мерки против таканаречената руска флота во сенка за избегнување на санкциите и намалување на ограничувањето на цената на нафтата од 60 долари за барел на 45 долари (нешто помалку од 40 евра).
ЕУ, земјите од Г7 и Австралија се согласија за ограничување на цената на руската нафта во декември 2022 година за да се намалат приходите на Москва од извоз на енергија и можностите за финансирање на војната против Украина. Со понатамошно намалување на цената, Комисијата реагира на променливите пазарни услови, рече фон дер Лајен.
Од воведувањето на ограничувањето, цената на суровата нафта на светскиот пазар постепено се приближуваше до 60 долари, па дури накратко падна и под оваа граница. Претседателката на Комисијата објасни дека намалувањето ќе биде дискутирано на самитот на Г7 следната недела во Алберта, Канада. Таа е „многу уверена дека ќе ја постигнеме оваа цел“.
Како дополнителни мерки, фон дер Лајен спомена санкции против дополнителни 77 бродови од „сивата флота". Покрај тоа, на списокот на санкции треба да се додадат уште 22 руски банки.
Претседателката на Комисијата, исто така, најави понатамошни забрани за извоз на машини, метали, пластика и хемикалии, како и стоки и технологии со двојна намена „кои можат да се користат за производство на беспилотни летала, ракети и други системи за оружје“.