Европа се соочува со политиката на Трамп за Украина
27 февруари 2025Расположението меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Доналд Трамп на средбата во понеделникот (24.02) во Вашингтон беше добро. Доналд Трамп нагласи дека Франција е „најстариот сојузник на Америка“, додека Емануел Макрон го нарече американскиот претседател „пријател“.
Откако Доналд Трамп пред околу две недели имаше телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин на темата Украина, Европејците се загрижени за својата улога. На првиот состанок меѓу министрите за надворешни работи на САД и Русија во Саудиска Арабија, не беше присутна ниту Украина, ниту пак имаше европски претставници. Во Европа тоа предизвика огорченост, бидејќи ситуацијата во Украина се оценува како прашање на европската безбедност. ЕУ исто така нагласува дека не може да се постигне мир без учество на Украина.
Франција презема иницијатива
Откако Емануел Макрон минатата недела прво свика два состанока со други европски држави во Париз, тој отпатува и во Вашингтон. Таму се разговараше и за идејата за испраќање европски сили во Украина - како безбедносна гаранција за земјата во случај на евентуален прекин на огнот. Французите, како и Британците се подготвени на таков чекор. Полска отфрла испраќање на војници, а актуелната германска влада смета дека дебатата е преуранета. И Фридрих Мерц има сличен став, а по изборите од неделата, тој веројатно ќе стане следниот германски канцелар.
Европејците би сакале силите да бидат поддржани од САД, бидејќи во итен случај би требало и да интервенираат, но Доналд Трамп, барем јавно, не даде такво ветување. Сепак, по средбата Емануел Макрон зборуваше за „пресвртница“ и објасни дека сега постои „заеднички“ пат.
И покрај недостатокот на конкретни заложби, Џејкоб Рос, политиколог во Германското друштво за надворешна политика, смета дека посетата е успешна како за Макрон лично, така и за Европејците. Зашто, како што вели, Макрон успеал да освои поени на атмосферско ниво. Изненадува фактот што токму Емануел Макрон ги држи Американците „во ист брод“, бидејќи неговиот надворешнополитички пристап е „стратешка автономија“. Тоа подразбира дека Европа треба да стане понезависна во безбедносната и одбранбената политика, особено од САД.
Поддршка од неочекувана страна?
Демохристијанинот Фридрих Мерц во неделата вечерта (23.02), по неговата изборна победа изјави дека за него ќе биде „апсолутен приоритет да се зајакне Европа за чекор по чекор навистина да постигнеме независност од САД“.
Политикологот Рос во тоа гледа „многу силен стратешки сигнал“ до САД дека е подготвен да повлече црвени линии. Од друга страна, гледа и јавно даден мандат Макрон да зборува и во име на Германија во Вашингтон. Рос за ДВ објаснува дека со таквата изјава Мерц го презел концептот за стратешка автономија и ја примил раката што Макрон ѝ ја подава на Германија уште од 2017 година. Во Париз изјавата предизвикала бујни и реакции на неверување.
Многу нешта сугерираат дека Фридрих Мерц сака да негува нови релации со Франција. Уште во текот на изборната ноќ Макрон изјави дека со Макрон разговарале по телефон и дека заедно сакаат да постигнат „големи работи за Франција и Германија“ и да се стремат кон „силна и суверена Европа“. Вчеравечер Фридрих Мерц го посети Макрон во Париз.
Институциите на ЕУ се вклучуваат
Претпладнето Емануел Макрон ги информираше своите европски колеги за неговото патување во Вашингтон. Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта оцени дека видео-конференцијата била „многу корисна“ за подготовка за вонредниот самит што ќе се одржи на 6 март. Тогаш шефовите на држави или влади ќе се сретнат за да донесат дополнителни одлуки за Украина и зајакнување на европската одбрана, напиша Португалецот на платформата Х.
Во моментов во Вашингтон е и првата дипломатка на ЕУ, Каја Калас. Запрашана за патувањето на Макрон, таа во понеделникот рече дека е добро „да има колку што е можно повеќе интеракции со новата влада во САД“. Притоа е важно Европејците да дејствуваат обединето и да разговараат за истите работи со Американците. Нејзината средба со американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио во средата беше краткорочно откажана поради „прашања со термините“. Следниот Европеец што денеска се очекува во Вашингтон е британскиот премиер Кир Стармер.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик