Дебатата што се одвиваше во вторникот (22.04.) во Македонија на тема ЕУ овозможи граѓаните повторно да добијат релевантни податоци и аргументи зошто нашата земја треба и мора да се зачлени во Унијата. Тоа е исклучително важно во овој период кога десниот камп во државата, кој ја има и власта, речиси дигна раце од евроинтеграцијата. Хрватскиот експерт Владимир Дробњак, кој го предводеше тимот за преговори кога Хрватска влезе во ЕУ, мошне сликовито објасни дека меѓународниот поредок се менува и нивото на несигурност значително се зголеми но дека единствено ЕУ може да и понуди на Македонија сила и заштита.
„Некој може да каже дека во моментов глобалните институции и мултилатералните системи се разградуваат и не знаеме како ќе изгледа иднината. Меѓутоа ЕУ останува на овој стратешки пат и овој стратешки момент и е силна и релевантна многу повеќе од кога било за да понуди и сила, меѓутоа и заштита во исто време. И ова е она што за Северна Македонија е најважното нешто и најважната точка“, вели Дробњак.
Оваа порака е мошне важна за Македонија во услови кога доминираат политички сили и нивни приврзаници кои велат дека ЕУ е мртов проект и дека нашата земја нема што да бара таму. И дека нема зошто да влегува во исполнување на барањата кон Бугарија кои се дел од преговарачката рамка.
Во политичкиот живот на државава, евроинтеграцијата станува здодевна тема. Тоа особено е видливо откако минатата година дојде до смена на власта и наместо проевропската влада на левицата кормилото на државата го презеде десничарската ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери, која категорично ја одбива преговарачката рамка за влез во ЕУ. Освен тоа, првата година на власт беше тешка за Владата и со отсуство на видливи резултати. Тоа ја принуди да бара цврсто алиби за кочењето на евроинтеграцијата која е единствен излез за државата.
Манипулативни толкувања
Некои изјави што дојдоа од Софија, притоа, ги засилија позициите на Владата во Скопје, дека без гаранции нема да пристапат кон уставните измени. Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев вели дека во преговарачката рамка се и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, како и доброседството. Дополни и дека откако ќе се случат уставните измени, понатамошниот процес на преговорите ќе биде базиран на заслуги и на исполнување на условите кои самата ЕУ ги поставува.
За оние кои го разбираат преговарачкиот процес е сосема јасно дека уставните измени се услов за да продолжат преговорите за членство и не значат по автоматизам членство, но за оние кои не го знаат, изјавата на бугарскиот министер е причина за аларм. Така лесно се лепат и манипулациите дека уставните измени не се крај на барањата. Изворот на манипулациите е таму каде што не смее да биде – во Владата и во владејачката партија која секојдневно издава соопштенија за јавноста дека дури и министерот за надворешни на Бугарија изјавил Македонија да не очекува уставните измени да се последен чекор од интеграцијата во ЕУ.
Но, се разбира дека не треба да се очекува по уставните измени веднаш да биде отворена вратата за членство. Македонија треба да се справи со корупцијата и криминалот, треба домашната и меѓународната јавност да го видат епилогот од кривично-правното гонење на виновниците за кочанската трагедија, а бездруго се на тест и демократските капацитети на властите кои се оградија од секаква одговорност за пожарот кој однесе 62 животи. Да не ги заборавиме и реформите кои ја чекаат државата на патот кон ЕУ.
На реформите предупреди и Дробњак. „Северна Македонија има огромна работа која треба да ја заврши за да може повторно да го фати чекорот така што ќе започне со работата на реформската агенда која што веќе е на нејзиниот пат за спроведување. Оваа година е круцијална за ова и е многу важно сите овие реформи да ги направите затоа што од нив имате полза. Хрватска на крајот од овој процес беше многу подобра земја“, порача хрватскиот експерт.
Македонија не е единствената на која ѝ се поставуваат услови за влез во ЕУ. Хрватска, како што предочи Владимир Дробњак, се соочила на својот европски пат со тешки барања како соработка со Хашкиот трибунал, проблемот со поморската граница со Италија и целиот пакет на погранични прашања со Словенија.
Македонија пак во чекалницата
Впечаток е дека во Македонија намерно се применува селективност во податоците кои се презентираат во јавноста во врска со евроинтеграцискиот пат. Тоа се гледа и од манипулативното толкување на изјавите на бугарскиот министер Георгиев, како и од интерпретацијата на германскиот предлог за стопирање на проширувањето и укинување на консензусот во ЕУ, за кој допрва ќе видиме дали се однесува на консензусот за политиките на ЕУ (повод за германскиот предлог се разидувањата на членките при воведувањата на санкциите кон Русија како и за помошта на Украина) или за консензусот при прием на нови членки.
Јавањето на бранот дека нема да има проширување е големо самозалажување и смислување алиби за кочењето на евроинтеграцијата од страна на владата. Албанија и Црна Гора веќе искажаа амбиции до крајот на оваа деценија да влезат во Европската Унија. Македонија ќе остане во чекалницата и ќе ги посетува европските и светските центри за да се жали на неправдите кои и ги нанесуваат. Како некого да го интересира тоа. Така само покажуваат незрелост во начинот на практикувањето на политиката и одат на линијата на Бугарија дека Македонија нема капацитет да биде членка на Унијата.
„Имајќи предвид дека ја имаме оваа несигурност на времињата во кои што живееме, сите треба да сфатат дека националниот интерес најдобро служи на целта кога европските решенија функционираат, а центарот на гравитацијата на Северна Македонија не е Скопје туку Брисел и Вашингтон", вели Дробњак.
Во сегашната атмосфера на отсуство на храброст и на вистинско лидерство за да и се помогне на својата земја и на својот народ да ги пребродат препреките, овој повик е само истрел во празно.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.