Ескалација на Блискиот Исток: Израел најавува нови напади
14 јуни 2025Израел му се закани на Иран со сериозни последици ако продолжи да напаѓа цивилни региони. Ако Иран продолжи да испалува ракети, „Техеран ќе гори“, изјави министерот за одбрана Израел Кац. Жителите на иранската престолнина ќе платат скапо за нападите што израелските цивили мора да ги издржат, вели Кац.
Израел најави и натамошни напади. Според армијата, нападите врз Техеран ќе продолжат. „Патот кон Иран е трасиран“, соопшти армијата.
Закани доаѓаат и од страна на Иран, меѓу другото и против сојузниците на Израел. Иранските медиуми објавија дека Иран официјално ги информирал Франција, Велика Британија и САД за натамошни напади врз Израел. Земјите што учествуваат во одбивањето на иранските напади, како што се вели, треба сами да очекуваат напади.
Потенцијалните цели вклучуваат регионални воени бази на сојузничките држави и бродови во Персискиот Залив и Црвеното Море.
Загинати и повредени во Израел
Од првиот бран напади на Израел во четвртокот навечер (12.06), двете земји постојано се напаѓаат меѓусебно. Во текот на изминатата ноќ повторно имаше експлозии во Ерусалим и Тел Авив. Израелската војска ги повика луѓето да побараат засолниште и да останат таму.
Во нападот врз Тел Авив, според болнички извештаи, загина најмалку едно лице. Според спасувачките службии, најмалку 34 лица се повредени, вклучително и жена која била заробена под урнатините и се здобила со сериозни повреди.
Во градот Ришон Ле Зион, јужно од Тел Авив, ракета паднала а во близина на станбени згради. Две лица загинале, а 19 се повредени, соопшти службата за итни случаи Маген Давид Адом. Според противпожарната служба, четири објекти се тешко оштетени.
Напади врз иранските нуклеарни објекти
Израел во своите напади сè повеќе ги таргетира иранските нуклеарни објекти. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) го исклучи алармот во врска со нуклеарната централа Исфахан. Досега не се откриени зголемени нивоа на зрачење, објави МААЕ на платформата X. МААЕ, како што соопшти самата, останува во близок контакт со иранските власти. Израел ја нападна централата неколкупати во текот на вчерашниот ден. Во Исфахан, меѓу другото, се подготвува ураниумска руда за облагородување.
Вчера беше погодена и атомската централа Натанс, потврди шефот на МААЕ, Рафаел Гроси. Сепак, како што се вели, нивоата на зрачење таму не се покачени.
Израел го оправда нападот врз Иран со тоа дека сака да ја спречи земјата да изгради нуклеарна бомба. Техеран во минатото постојано ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека нуклеарната програма на земјата е наменета исклучиво за мирнодопски цели.