Отчет: Македонија горда и просперитетна или понижена?
23 јуни 2025Под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“ во 20 часот ќе се одржи настан по повод една година од Владата, на којшто отчет за сработеното ќе даде премиерот Христијан Мицкоски. Во пресрет на отчетот, премиерот најави дека е сработено многу, но дека „најдоброто допрва доаѓа“. Опозицискиот СДСМ, пак, за време на викендот организираше трибина наречена „Македонија понижена – една година Влада“, на којашто партиски членови упатија серија критики за аларматната состојба во економијата и безизлезната состојба во однос на евроинтеграциите, што според нив не нуди надеж за просперитет, туку е движење по слепа улица.
Што е сменето за една година?
Премиерот Христијан Мицкоски во неделата (22.06) на Фејсбук објави листа на промени коишто се случиле во изминатите 365 дена. Вели дека за една година се покачиле пензиите и платите, се градат патишта, обезбедени се над 1,2 милијарди евра странски инвестиции и се вработени 1.000 полициски службеници.
„За прв пат после 7 години во учебната година 2024-2025 се започна со испорачани учебници, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок, обезбедени 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година. Одобрени се 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина, 500 милиони евра за бизнисот и капитални проекти за општините. Македонската економија е на четврто место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска... и многу други работи“, вели Мицкоски.
Според него, секој почеток е тежок. „Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина“, вели премиерот.
Тие темели, според него, треба да го донесат времето на Македонија, време кое допрва доаѓа.„Најдоброто кое допрва ќе се случи.Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на просперитет, ред, развој, почит, човечност, вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат“, додава Мицкоски.
СДСМ: Македонија економски е понижена
Но, опозициската СДСМ смета дека по една година од новата влада, состојбата со економијата во Северна Македонија е алармантна. „Живеачката на луѓето e сè потешка од ден во ден, стандардот е уништен, граѓаните се оставени сами на ударот од енормните поскапувања, додека постојано го чувствуваат падот на куповната моќ гледаат како власта аздисува и се луксузира“, велат од партијата. Тие забележуваат и дека „растот на платите е целосно закочен, а цените на основните производи расте“.
„Народот едвај врзува крај со крај. Додека народот живее на раб на егзистенција, функционерите на власта се расфрлаат со луксуз – летаат со приватни авиони, трошат на скапа храна, папаја, манго, уживаат во хотели од соништата. Тоа е тажната реалност по една година Влада. ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ја втурнаа државата во длабока економска нестабилност“, децидни се од СДСМ.
Според партискиот лидер, Венко Филипче, по една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНAM и ВЛЕН, Македонија не изгледа како просперитетна држава со јасна насока, туку како држава со повредено достоинство и разочарани граѓани“.
„По една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, вистината е болна, но мора јасно и недвосмислено да се каже: Македонија не е горда – Македонија е понижена. Понижени се работниците, понижени се земјоделците, понижени се младите кои се надеваат на својата иднина дома. Една година беше повеќе од доволно време да видиме дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага. И денес, една година подоцна, граѓаните тоа јасно го гледаат и го зборуваат“, рече Филипче на партиската трибина во неделата.
Тој нагласи дека по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија не само што не се доближила до ЕУ, туку се оддалечила од секоја стратешка насока. „По една година е јасно дека напред е слепа улица со ВМРО-ДПМНЕ. Нема план, нема волја, нема стратегија како нашата држава ќе стане членка на ЕУ и каде се движиме како нација“, вели Филипче.
Според него, владата избрала поинаков курс – пат кон изолација, неизвесност и порази. „За жал, Владата фаќа друг пат – во непознат правец. Оваа несигурност, оваа бесперспективност ќе биде погубна за иднината на државата и нашите граѓани“, вели првиот човек на СДСМ.
Собранието на 23 јуни минатата година со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра Владата, на чело со Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Христијан Мицкоски е 13. премиер, кој ја предводи дваесетата влада од осамостојувањето на државата.