Подолготрајна рехабилитација за дел од повредените во Кочани
16 април 2025На дваесеттина од повредените во трагедијата во Кочани ќе им биде потребна подолготрајна рехабилитација. Кај некои од нив процесот на заздравување би можел да потрае и до две години. Министерството за здравство презема активности за прифаќање и продолжена нега на повредените во несреќата коишто се лекуваат во странство.
„Направена е евалуација од експерти од Велика Британија за тоа колку време ќе е потребна за нивна рехабилитација. Веќе го имаме списокот на сите кои ќе бидат задржани подолго во странство. Го знаеме веќе и периодот колку би траела нивната рехабилитација“, вели министерот за здравство, Арбен Таравари.
Времетраењето на рехабилитацијата варира, па процесот на заздравување на дел од повредените би можел да трае меѓу еден до 24 месеци кај потешките случаи. „На околу 20 пациенти ќе им е потребна продолжена рехабилитација...За нив се подготвува центар во рамки на болницата „8 Септември“. Имаме и понуди од неколку држави за бесплатна подолготрајна рехабилитација“, вели Таравари. Се прават обиди да се обезбедат и средства за покривање на трошоците за престој на некој членови на семејствата на оние пациенти кои подолго време ќе останат на рехабилитација во странство.
Еден пациент во критична состојба
Во пожарот кој ја зафати дискотекаат „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 61 лице, а 197 беа повредени. Според последните информации, од 47 пациенти кои се на лекување во странство, само еден е во критична здравствена состојба.
„Едниот од двајцата кој беа критични, денеска е подобар и се надеваме дека состојбата ќе се подобрува“, информираше Таравари.
Во здравствените установи во Северна Македонија има пет хоспитализирани пациенти, по двајца во болницата „Свети Наум Охридски“ и во „Систина“, додека на Клиниката за пластична хирургија е хоспитализиран само еден пациент, а двајца се третираат амбулантски, односно се рехабилитираат во домашни услови, а доаѓаат на третман во Клиничкиот центар.