Дурмиши: Цените се стабилни, нема големи поскапувања
8 мај 2025Економијата е стабилна и граѓаните не се соочуваат со неподносливи поскапувања. Ова е оценката на министерот за економија, Бесар Дурмиши, по истекот на владините мерки за ограничување на маржите на над 1.000 производи, коишто беа на сила до 30 април. Од 1 мај производителите и трговците можат слободно да ги формираат цените, што според граѓаните доведе до нагло поскапување на голем дел од производите. Кај некои цените рипнаа и за 50 денари. Но, министерот е дециден дека нема значително зголемување на цените по завршувањето на мерката.
„Доколку некој се обиде да ја злоупотреби ситуацијата веднаш ќе реагираме“, најави Дурмиши на прес-конференција во Скопје.
„Нула инфлацијата“
Тој оцени дека владините мерки од почетокот на годината, вклучувајќи го ограничувањето на маржите на прехранбени и хигиенски производи, дале конкретни резултати.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за месец април е практично нула во споредба со март, односно има зголемување од 0.6%. Во споредба со април минатата година, инфлацијата изнесува 2,6%. Цените на храната се речиси непроменети – само 0,3% годишен раст, и има намалување од -1,3% во споредба со декември 2024 година. Ова се факти што покажуваат дека економијата е постабилна и граѓаните не се соочуваат со неподносливи поскапувања“, вели Дурмиши.
Прес-конференцијата следи откако Државниот завод за статистика (ДЗС) деновиве ги објави најновите статистички податоци за движењето на цените и инфлацијата во Северна Македонија. Според нив, трошоците на животот во април годинава, во однос на истиот месец, се зголемени за 2.6 %, а индексот на цените на мало од 2.7 %. Како што соопшти ДЗС, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април во однос на март има раст од 0.6 %.
„Зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 5.1 %, облека и обувки за 1.5 %, рекреација и култура за 1.4 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.5 %, здравје за 0.4 % и храна и безалкохолни пијалаци за 0.3 %“, посочија статистичарите.
Трошоците за домување, вода, електрика, гас и други горива, ресторани и хотели, комуникации и образование во април останале исти како во март. Цените на мало, пак, во април во однос на март годинава се зголемени за 1.6 отсто.
„Ако има злоупотреби - ќе реагираме“
Во соработка со Државниот пазарен инспекторат, според Дурмиши, секојдневно се следи динамиката на цените. Неговите сознанија се дека досега нема значително зголемување по завршувањето на мерката. Но, доколку некој се обиде да ја злоупотреби ситуацијата, веднаш ќе се реагира.
„Реакцијата ќе биде решителна: Можеме да ја прошириме листата на производи со ограничени цени, да воведеме маржи за сите производи, или да ги зголемиме постојните ограничувања“, вели министерот.