ДУИ се усогласила со антикорупциската стратегија на САД
27 февруари 2025Претседателот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, потпишал низа декларации за усогласување со најважните меѓународни меѓувладини антикорупциски конвенции и рамки, меѓу кои прва на листата е Стратегијата на САД за борба против корупцијата од 2021 година. Парлелно, од партијата потсетуваат дека во ДУИ тече процес на внатрепартиски ветинг.
„Нашата посветеност на реформите е непоколеблива", изјави Ахмети.
„Ние сме решени да ја зајакнеме партијата одвнатре, осигурувајќи дека таа ги одразува вредностите на транспарентност и одговорност што ги очекуваат граѓаните. Со усогласување со најважните меѓународни антикорупциски конвенции, преземаме значајни чекори за зајакнување на довербата и интегритетот во националните политички процеси, практики и оперативна рамка, и ќе работиме заеднички со релевантните засегнати страни и меѓународните сојузници“, најави претседателот на ДУИ.
„Со чесност и транспарентност“
На седница на Генералниот Совет на ДУИ, кое е највисоко партиско тело меѓу два конгреса, Ахмети потпишал пет декларации.
„Со усогласување со Стратегијата на САД за борба против корупцијата од 2021 година, ДУИ има за цел да ги спречи незаконските финансии, да бара одговорност од корумпираните службеници и да изгради цврсти меѓународни партнерства“, соопшти партијата.
Оттаму најавуваат дека ДУИ ќе ги усогласи своите политики и со Антикорупциската рамка на ЕУ; со Конвенцијата на Обединетите нации против корупција (UNCAC); со Конвенцијата на ОЕЦД за борба против поткупот во меѓународните деловни трансакции; а ќе ги усогласи партиските напори и со европските стандарди против коруптивните практики и тргување со влијание, преку усогласување со Кривичното право на Конвенцијата за корупција на Советот на Европа.
„Посветеноста на ДУИ кон овие меѓународни стандарди ја одразува нејзината посветеност на силен интегритет и добро владеење. Додека партијата продолжува да ги спроведува реформите и го поминува процесот на ветинг, таа останува цврста во својата мисија да им служи на граѓаните со чесност и транспарентност“, соопштија од Мала Речица.
Најавите дека ќе им служат на граѓаните со чесност и транспарентност доаѓаат во време кога на адреса на ДУИ стигнуваат главнo прашањата –„каде ви е Артан Груби“ и „како партијата ‘расчисти' со нејзините кадри на црната листа на САД?“
Вчера и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во гостување на ТВ Алсат беше прашан кога Артан Груби ќе се врати во Македонија.
„Кога ќе се врати Груби не знам. Колку што успеав да го слушнам (Изет, н.з.) Меџити, тој кажа дека Ахмети има редовна комуникација со Груби и можеби тој треба да даде одговор кога ќе се врати. Јас би сакал да се врати уште денеска, затоа што единствениот начин да одговори на сите прашања е да биде тука присутен и да даде одговор“, одговори Мицкоски.
Параван за нови коруптивни шеми
Од владејачка ВЛЕН со критики ги следат најавите од ДУИ за внатрепартиски ветинг и расчистување со корумпираните кадри.
„ДУИ повторно зборува за ‘прочистување' и ветинг, но единственото што треба да направат е да си го прочистат сопствениот врв. Ако се навистина се сериозни, нека почнат од својот лидер - Али Ахмети!“, порачаа деновиве од ВЛЕН.
Оттаму поставија многу прашања - како Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, без да вложи ни денар, станал косопственик на трговскиот центар „Соравија“ во Скопје, објект вреден 30 милиони евра? Како фирмата на Дрин, „Тор Индустрис“ добива милионски договори како подизведувач на Коридорот 8 и патот Кичево-Дебар и колку од тие милиони се враќаат во партиските џебови? Зошто Министерството за економија, предводено од Крешник Бектеши, не ја укинало концесијата на „Еверест ЏД“, иако фирмата на Дрин Ахмети експлоатирала минерални суровини нелегално? Како друг внук на Али Ахмети, Бесиан Ахмети, со само 10 месеци искуство добил висока дипломатска функција во Брисел?
„Ако ДУИ навистина сака ‘ветинг', нека објави колку пари има на сметка Али Ахмети, неговото семејство и сите негови блиски соработници. Нека докажат како овие луѓе, кои никогаш не работеле ништо освен политика, се трансформираа во мултимилионери. ДУИ ќе зборува за ветинг, но нема да го допре сопствениот криминал. Ќе се кријат зад празни изјави, додека зад кулисите продолжуваат со истите коруптивни шеми", критикуваа од ВЛЕН.
Извршители на Мијалков и Груевски
Од оваа владејачка коалиција речиси секојдневно споменуваат по некој од дведецениските функционери на ДУИ, посочувајќи дека е време да се почне со вистински ветинг, ама не од ситни риби во ограноците, туку со Блерим Беџети, Муса Џафери, Садула Дураку, Бујар Османи...
Беџети го опишуваат како „главниот извршител на желбите на Сашо Мијалков и Артан Груби во судството и како контролор на клучните судски процеси и правосудството во Македонија".
Од ДУИ бараат при ветингот да провери кој го спасил Бујар Османи од судска разрешница.
„Предметот кој го покрена СЈО против него мистериозно заврши без судска постапка! На кого му должи Бујар за својата слобода? (...) Бујар Османи беше преносникот на пораки помеѓу Скопје и Будимпешта, носејќи тајни договори за враќањето на Никола Груевски (...) Во МНР кадрите не се избираа според професионални критериуми, туку според лични врски со Бујар Османи и неговиот другар Артан Груби. МНР беше претворено во коруптивен центар при што доделени се милионски тендери на фирми блиски до ДУИ“, посочи ВЛЕН, и повика дека време е за нови лица и за лица без коруптивно наследство.