ДУИ бара парламентарни, ВЛЕН има 107 илјади причини против
14 мај 2025Извршниот комитет го овластил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.
Ова го соопшти партијата по синоќешната седница на ИК, на која се дискутирало за актуелната економска и политичка состојба во државата. Било оценето дека чекорот на Таравари претставува уште еден доказ дека групата заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови и дека на политичката сцена се појавил нов, добро координиран марионетски квартет: СДСМ, АА, ДУИ и Левица – со различни имиња, со различни маски, но со ист газда и ист сценарист.
„ДУИ со години инвестираше во создавање лажни политички конкуренти кои всушност се негови продолжени раце. Така ги добивме СДС и Алијансата на Таравари - партии со речиси идентичен рејтинг, подготвени да бидат потрошени во функција на обидот за враќање на ДУИ на власт. И како што е случај со секоја потрошна роба, така и овие ќе бидат фрлени на политички отпад кога ќе ја завршат својата задача. Жално е што токму ваквите политички привезоци најдобро се снаоѓаат во улога на сервилни помошници - без став, без визија, без достоинство“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека државата не оди во провалија.
„Од провалијата ја вадиме. А тоа што ги боли е фактот што веќе нема амнестии, нема рекети, нема наместени тендери. Боли што правдата конечно тропа на нивната врата“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Откако Арбен Таравари соопшти дека неговото крило на Алијанса за Албанците (АА) излегува од владината коалиција, од Владата вчера информираа дека нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министрите. АА предводена од Таравари во Владата има две министерски места - ресорот здравство раководен од него и позицијата вицепремиер за добро владеење на која е Арбен Фетаи. АА во Собранието има пет пратеници.
Засега е нејасно како ќе се определи вториот функционер на АА во Владата, Арбен Фетаи, кој освен што деновиве беше отсутен заради патување, покажа воздржаност по прашањето за неговите идни чекори. Неизвесно е и дали сите пратеници ќе му останат лојални на Таравари или на политиката на ВЛЕН со која ја добија довербата на изборите.
Алити: Ова е предавство
Иако Таравари за сите одлуки на АА тврдеше дека се донесени со големо мнозинство или едногласност, се јавуваат првите јавни реакции против тие одлуки.
„Напуштањето на Владата за да се придружи на ДУИ не е политички компромис, туку предавство на аспирациите на Албанците за промени“, порача Лулзим Алити, член на Централното претседателство на Алијанса за Албанците.
Тој преку статус на Фејсбук јавно се дистанцираше од „пазарањето за следната коалиција меѓу Алијансата на Таравари и ДУИ на Ахмети“.
„Нема оправдување за соработка со нереформиран ДУИ. Не можете да реформирате структура која ги деградирала сите вредности на претставувањето на Албанците. Соработката со ДУИ денес значи амнестија на корупцијата, легализирање на заробувањето на институциите, затворање очи пред сиромаштијата во албанските региони и молчење пред неправдата. Албанците бараа промени, а не срамно повторување на грешките од минатото, и не пазарење со оние кои го нарушиле достоинството на Албанците за лична корист“, напиша Алити.
Тој најави дека како член на Централното претседателство ќе продолжи по праведниот пат.
„Ги поканувам сите искрени активисти на Алијансата да останат на овој пат. Да ја продолжиме заедно политичката битка за промени, за никогаш да не се повторат неправдите и злосторствата што нè следат со години од луѓе на црни листи, корумпирани и криминализирани!“, ги повика тој неговите сопартијци од АА.
Едни заминуваат, други доаѓаат
Она што премиерот и партнерите од ВЛЕН децидно го тврдат, е дека владејачкото мнозинство е стабилно. Деновиве Билал Касими од ВЛЕН, за „360 степени“ изјави дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе се приклучат на владејачкото мнозинство. Прашан дали овие пратеници доаѓаат од структурата на АА предводена од Таравари или се дел од Европскиот фронт, тој одговори - од двата табора.
„Значи, од Европскиот фронт и од структурата на Таравари (...) Кога ќе се отвори вратата, ако некој излезе, можноста за повеќемина да влезат е голема и затоа можам да гарантирам дека оваа влада ќе ја зголеми поддршката во парламентот. Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот Европски фронт“, изјави Касами.
Промените продолжуваат
Oд ВЛЕН потсетија дека се во Владата во име на 107 илјади албански гласови, а не во име на која било партија или конкретно име.
„Ние ги претставуваме не само тие 107 илјади гласачи, туку и политичката програма за борба против корупцијата што ја поддржаа тие гласачи (...) Единствените избори што ќе се одржат се локалните избори, на кои ќе донесеме промени и конечно ќе го победиме криминалот, корупцијата и неспособноста на ДУИ и нејзините функционери во текот на изминатите 23 години“, наведе ВЛЕН.
„Единственото решение се предвремени парламентарни избори“, порача ДУИ утрово, преку соопштение во кое ја критикува Владата дека сериозно ја загрозувала европската иднина на земјата.
„На земјата ѝ е потребна нова политичка платформа што ќе понуди јасна и искрена европска визија, преку зачувување на националното достоинство на сите граѓани и етнички заедници. Оваа влада веќе целосно го изгуби легитимитетот да ја води оваа платформа. Затоа, единственото решение се предвремени парламентарни избори“, побара ДУИ.