Дрекслер: Потребен е подинамичен процес на проширување на ЕУ
28 мај 2025Процесот на проширување на Европската Унија треба да има поголема предвидливост, да биде подинамичен и покредибилен, а процесот на носење одлуки во Унијата е потребно да стане пофлексибилен, смета германската амбасадорка Петра Дрекслер. Таа на панел-дискусија во Скопје за ЕУ интеграцијата како двигател на напредокот на Северна Македонија, што се одржа по повод Денот на Европа, во Скопје зборуваше за можноста за менување на начинот на кој ЕУ ги носи одлуките и иницијативи кои ја имаат поддршката од Германија.
Притоа рече дека изменетите геополитички случувања изминатите години особено го покренале ова прашање, поради потребата од поголемо единство и интеграција на самата Европа заради поефикасно справување со предизвиците и заканите.
„Мора да носиме брзи одлуки“
„Сите сме свесни за развојот на геополитичката ситуација на полето на безбедноста, на полето на демократијата, за предизвиците и заканите со кои се соочуваат нашите општества. Време е Европа да почне да се грижи за себе си. Свесни сме за тоа, но мора да покажеме поголема одговорност и прашањето повеќе не е дали, туку како ќе го направме тоа, при што ќе мораме да погледнеме во начинот на тоа како досега преземаме активности и носиме одлуки. Ќе мораме да бидеме сигурни и да бидеме способни да носиме брзи одлуки и да преземаме брзи дејствија“, вели германската амбасадорка.
Токму затоа, додава таа, и во коалицискиот договор на новата сојузна Влада на Германија е наведено дека ова ќе биде приоритет - да се обезбеди забрзан процес на донесување одлуки во рамки на ЕУ, при тоа секогаш имајќи ја предвид секоја поединечна земја и нејзините интереси. „Нашата сила е во нашето единство и сите сме свесни за тоа“, истакна Дрекслер.
Таа нагласи дека новите геополитички случувања и предизвици ја принудиле ЕУ да изнајде еден оптимален процес на донесување одлуки, кој ќе биде прифатлив и ќе овозможи употреба на квалификувано мнозинство, особено во однос на безбедносната политика.
Настанот е организиран од Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии.