Доживотен затвор за грабнувачите на Вања и Панче
25 јуни 2025Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осудени на доживотна казна затвор за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение. Ваква одлука донесе во средата (25.06) кривичниот суд во Скопје по судскиот процес во Северна Македонија на кој изминатите месеци можеа да се слушнатдетали за мотивите за грабнувањата и суровите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Во притвор до правосилност на пресудата
Со одлука на судот, осудените остануваат во притвор се до правосилноста на пресудата, додека на таткото на Вања ќе му биде укинат куќниот притвор и тој ќе биде пуштен на слобода.
Судијата Ивица Стефановски рече дека судот на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна затвор доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор.
Александар Ѓорчевски се ослободува бидејќи Јавното обвинителство не докажало надвор од разумно сомневање дека го сторил делото.
Жалби на ослободителната пресуда
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска најави дека ќе се жали на ослободителната пресуда за таткото на убиената Вања. Според неа, неспорен факт е дека само родителите знаеле дека детето ќе оди само во училиште. „Да не знаеле дека детето ќе оди само, немало да има грабнување“, посочи таа.
Бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ смета дека институциите не одговориле на суштинските прашања поврзани со киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска.
„Судот донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука е по своја суштина празна затоа што не ги добивме одговорите на клучните прашања, зошто е киднапирано и убиено ова дете, зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ“, изјави Туфегџиќ по објавата на пресудата.
Според обвинението, групата испланирала грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.