Германија: Бундесратот го има последниот збор
21 март 2025Ова може да биде клучна недела за иднината на Германија, бидејќи двата дома на парламентот гласаат за уставен амандман што ќе ја олабави должничката кочница на земјата, отворајќи го патот за огромен пакет трошоци за вооружување, инфраструктура и заштита на климата договорен од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унуја (ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД) - кои преговараат за формирање нова влада - како и Зелените.
Предлог-амандманот веќе беше усвоен во Бундестагот во вторникот (18 март, 2025) со потребното двотретинско мнозинство - сега тоа ќе зависи од вториот дом на германскиот парламент, Бундесрат, кој треба да гласа денеска (21 март, 2025). И тука најмалку две третини од членовите мора да гласаат за амандманот да може да помине. Но, ова не е сигурно, бидејќи некои регионални партии изразија противење.
Што е Бундесрат?
Бундесратот ги претставува 16-те германски покраини, кои испраќаат по неколку претставници, најчесто водечки министри во покраинските влади.
Лоциран во Берлин, Бундесратот има право да ги прифати или отфрли сите закони што ги засегаат покраините - како впрочем и овој нов амандман, кој ќе им овозможи и на покраините да ги олабават сопствените должнички кочници.
69-те места на Бундесратот се распределени пропорционално според бројот на населението во покраините, иако не многу прецизно, на пример, најнаселената покраина во Германија, Северна Рајна-Вестфалија, со 18 милиони жители, има шест гласови во Бундесратот - но исто толку има и Долна Саксонија, која има само 8 милиони жители.
Слично на тоа, покраините со најмалку население - Бремен и Сарската област (и двете под еден милион жители) - имаат по три гласа, исто како и Хамбург, кој има 1,9 милиони жители.
Местата на секоја покраина се поделени меѓу партиите според нивната застапеност во покраинските владини коалиции: Баварија, на пример, има шест места во Бундесратот, од кои четири се од конзервативната Христијанско-социјална унија (ЦСУ), а две од нивните помали коалициски партнери, Слободните гласачи (ФВ).
Но - и ова може да се покаже како проблем оваа недела - секоја покраинска влада мора да гласа во еден блок во Бундесратот, без оглед на партиската припадност. Ако двајцата претставници на ФВ од Баварија денеска гласаат поинаку од нивните колеги од ЦСУ, сите шест гласа ќе се сметаат за неважечки.
Разликите се тесни: за амандманот за должничката кочница да помине во Бундесрато потребни се најмалку 46 од 69 гласа, така што шесте гласа на Баварија би можеле да бидат клучни. Со други зборови, ФВ, мала партија на национално ниво, теоретски би можела да има моќ да го уништи целиот потфат.
Некои покраини имаат забелешки
Ова навистина беше сценариото што се закануваше да се случи минатата недела, кога лидерот на ФВ и баварски министер за економија, Хуберт Ајвангер, по специјалната средба на неговата партија во баварскиот парламент рече: „Не можеме да се согласиме со овој моментален документ, бидејќи гледаме повеќе опасност отколку можност за стабилноста на нашата земја“. Но, можеби затоа што овој потег ќе го чини учеството на ФВ во сегашната баварска влада, неговата партија оттогаш ги повлече своите приговори и се согласи да гласа за амандманот.
Приговорот на Ајвангер беше дека укинувањето на должничката кочница ќе поттикне премногу владини трошоци, но другите членови на Бундесратот изразија различна загриженост. Министерката за економија на Бремен, Кристина Фогт, од партијата на Левицата, која е во коалиција во покраинската влада со СПД и со Зелените, побара од планираниот инфраструктурен пакет повеќе да се додели на покраините, наместо да се остави на сојузната влада. И таа се закани дека ќе гласа против пакетот, што би значело дека гласовите на Бремен, исто така, би биле неважечки.
Слична ситуација има и во источната покраина Мекленбург Западна Померанија, управувана од коалиција на СПД и Левица. И овде, партијата Левица изрази сомневање за масовното зголемување на воените трошоци. Во меѓувреме, Сојузот Сара Вагенкнехт кој, исто така, жестоко е против зголемените воени трошоци, моментално е во владата во две други источни германски покраини. Исто така, Слободната демократска партија (ФДП), самонаречена чувар на германската должничка кочница, е во владата во Рајнланд-Пфалц и во Саксонија-Анхалт.
Што се случува ако Бундесратот гласа „не“?
Не е невообичаено Бундестагот и Бундесратот да не се согласуваат. „Напротив, токму во тешки ситуации, се случува Бундесратот да каже 'не'“, вели Кристоф Гузи, професор по уставно право на Универзитетот во Билефелд. „Тоа не е уставна криза, тоа е сосема нормална ситуација.“ Во такви случаи, предлог-законите се враќаат во Бундестагот, каде што мора одново да се преговара.
Сепак, невообичаено е покраините да ги поништат своите гласови во Бундесратот со тоа што ќе ги поделат. Според Гузи, таква ситуација се случила само двапати досега. Во еден случај, очигледно, тоа било резултат на недоразбирање. Другиот случај бил во 2002 година, кога владата на покраината Бранденбург, коалиција на СПД-ЦДУ, ги поделила своите гласови при гласањето за законот за имиграција и гласала и „за“ и „против“. Конфузијата предизвика неред во Бундесратот. Во последователната судска постапка, Сојузниот уставен суд одлучи дека гласовите на Бранденбург се неважечки.
А што ако Бундесратот денеска гласа против должничката кочница? „Тоа, се разбира, би било тешка политичка криза, бидејќи сега формирањето на новата влада донекаде се потпира на овој голем пакет за задолжување“, анализира уставниот експерт Гузи. Секако, тоа би бил тежок удар за авторитетот на најверојатниот следен германски канцелар, шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, кој во моментов води коалициски преговори со СПД.
Мерц и неговите партнери за идната влада цврсто сметаат на тоа дека ќе можат да ги потрошат парите. Но, ако Бундесратот каже „не“, тогаш предлогот во текот на наредната недела ќе оди на гласање во новоизбраниот помал Бундестаг со други мнозинства. Таму би било значително потешко да се обезбеди двотретинско мнозинство. Тогаш повторно ќе бидат отворени сите опции.