Една жртва во пожарите и уништени стотици хектари шума
10 јули 2025Долга и непроспиена ноќ имаа жителите на Крива Паланка, Дојран и скопската населба Гази Баба по големите пожари коишто предизвикаа голема штета и одзедоа човечки живот. Дел од огнените стихии се локализирани, но опасноста сѐ уште демне. Центарот за управување кризи информираше дека сѐ уште се активни девет пожари на отворен простор, од вкупно 63 коишто избувнаа во средата (09.07). Под контрола се четири пожари, еден е локализиран, а 49 се изгаснати.
На единствениот број за итни случаи 112 регистрирани се најголем број на повици досега во еден ден - 4.199, од кои 711 биле за услуга каде што биле активирани институции за интервенција во Македонија.
Пеколен ден во Крива Паланка
„Пеколен ден во Крива Паланка. Со огромни натчовечки напори на пожарникарите-спасители од неколку градови од Македонија, соседна Бугарија, АРМ, специјалните единици на МВР и локалното население спасени се куќите и објектите кои беа веднаш до блиската борова шума“, објавија пожарникарите од Струмица на социјалните мрежи.
За жал, огнената стихија зеде еден човечки живот и уништи стотици хектари шума. Полицијата информираше дека е пронајден починат маж во близина на пожарот кој зеде замав во селото Лозаново, Крива Паланка.
Последните информации од општината се дека состојбата со пожарот кој му се закануваше на градот е стабилизирана. Градоначалникот Сашко Митовски изрази јавна благодарност со сите коишто учествуваа во спасување на градот. „Длабоко, длабоко се поклонувам пред секоја пожртвувана рака, секое срце што чукаше за својот град. Нема зборови што ќе можат целосно да го опфатат тоа што го сторивте, но ќе се обидам да ви се заблагодарам – како човек, како пријател, како ваш градоначалник“, порача Митовски, кон информираше дека е во постојана комуникација со Владата и надлежните институции за справување со огнената стихија.
Докази за подметнат пожар кај Смилковско Езеро
Голем пожар во вечерните часови избувна и кај Смилковското Езеро.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски објави на Фејсбук дека има докази оти пожарот е подметнат.
„Еве ги доказите: остатоци од изгорена гума и ракавици се пронајдени на Смилковското Езеро“, вели Стефковски, кој порача дека најостро го осудува овој чин и се надева дека ќе се најдат сторителите и ќе се казнат.
Активни се пожарите во Чучер Сандево – Блаце, каде е зафатена ниска вегетација, во село Визбегово во Шуто Оризари каде гори депонија, во Прилеп – село Бешиште, место викано Бешишки рид, мешана шума. Во пожари во Македонски Брод, се зафатени дабова шума и грмушки, помеѓу селата Црешнево и Локвица, ниска вегетација од пожар проширен од фабрика „Самоков“ во село Рамне, како и мешана шума во селата Слатина и Ковче. Исто така во општина Чашка, под Солунска Глава, кај местото викано Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, има чад во карпест дел, а гори и нискостеблеста шума во село Николиќ во Дојран.
По големиот пожар кај Визбегово,тим од Четата за атомско биолошка и хемиска одбрана собира податоци за квалитетот на воздухот од запалениот отпад во Општина Шуто Оризари.
Активиран европски механизам за помош
Поради состојбата со пожарите во Владата заседаваше Кризниот штаб, а активиран е и европскиот механизам за помош во справување со пожарите.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по седницата на Кризниот штаб рече дека причина за ширење на пожарите во најголема мера биле неповолни временски услови и силен ветер, но посочи дека за дел има основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти.
„Максимално се ставаат во функција сите капацитети на државата во функција, со тоа што морам да истакнам дека од Грција се дадени на помош два канадери, кои што ќе бидат ставени во функција, како и два пешадиски тима кои се ставени на располагање преку ЕУ механизмот. Сите владини институции целосно се мобилизирани и активно се вклучени на терен. Во приправност се ставени 300 војници, од кои околу 150 активно беа вклучени на терен, како и околу 400 полициски службеници, кои беа активно вклучени на терен“, изјави Тошковски.